Сте размислиле ли некогаш зошто ви служат малите прсти на екстремитетите? Што се’ можете или не можете да направите со/без нив? Филип Флоријан во неговиот наградуван роман „Малите прсти“ (2005) само Ве заскокоткува на оваа тема, бидејќи неговата книга е се’ друго, освен возвишена Ода за ‘малите прсти’. Повеќе би рекол дека симболиката не’ води кон „малите луѓе“, кои во „малото гратче“ во Романија се пред епохално откритие, кое преку туризмот може да им го заживее местото: имено, крај старите римски ископини одеднаш на виделина излегуваат стотици неидентификувани коски, на кои не им се знае потеклото. За драмата да биде поголема, двојството е како и името на нашата издавачка куќа: тие потекнуваат ИЛИ од римско време (можеби и од средниот ве), ИЛИ им припаѓаат на политичките жртви на комунизмот од 50-те години на 20 век, скриени во тајна гробница која, еве, по половина век, ја отркива својата тајна. За комедијата да биде уште поголема, за конечен суд се повикуваат петорица Аргентинци, кои, пак, покрај својата несомнена професионалност, ја откриваат и неизбежната убавина на балканската крчма.
Колку и да изгледа хаотично првичното објаснување за романот на Флоријан, сепак, тој виртуозно владее со материјата и беспрекорно ја контролира низ сите двесте страници. Класичниот влез во романот, во кој главниот лик се труди во архивите да ја одгатне вековната мистерија околу коските како да не’ внесува во приказна на Агата Кристи, но многу бргу сфаќаме дека ова е сепак романска литература, или за добрите познавачи на нивната нова наградувана кинематографија, ова е романски „филм“ во кој реалноста е документарна, болката возвишена, а хуморот неизбежен. Или, „Малите прсти“ е еден од оние романи како „Физика на тагата“ на Георги Господинов, да речеме, кога за да се стигне до главната поента попатно се раскажуваат стотици „мали“ приказни кои го сочинуваат богатиот мозаик од можности. Ако во некое од почетните поглавја авторот Ви претставува одреден лик, со сигурност во некое од подоцнежните истиот ќе го разгради до детаљ. Но, главни носители на дејствието се Павлина која реалноста ја толкува преку соништата, таротманката Параскева, отец Онфурие со перчинот коса кој мора да го крати неколкупати во денот, славниот пар Евгенија и лорд Ембурз, корумпиранјиот обвинител Спиру, преживеаниот политички затвореник Спиру, фотографот Саша и неговата камила Аладин, итн, итн. Надреалните сцени се редат една по друга, додека дева Марија се појавува во рударското окно, а погребната поворка ја краси натписот „тука почива Виктор Лазу, едно гомно што сакаше да стане градоначалник“. Сето ова малку ни звучи познато и препознатливо и нам, нели 🙂
Но, романот на Флоријан колку и да звучи комично на моменти, сепак истовремено зборува и за големи и болни теми, особено кога станува збор за нарачаните ‘спасители’, петтемина криминални антрополози од Аргентина, како да сака низ нивната историја да прозборува и за премрежијата во сопствената Романија под немилосрдниот Чаушеску. Споменатите Аргентинци ги претставува низ призмата на Los Desaparecidos, или „Загубените“, оние 30-40 илјади Аргентинци кои исчезнале за време на Перон; спомената е и војната за Фолкландските острови со Британците, и тоа, интересно, низ призма на светското првенство во фудбал и „божјата рака“ на Марадона; и на крајот, интересн факт, оформувањето на еден вид аргентинско СЈО во 1983 година, кога на негово чело е ставен никој друг, туку писателот Ернесто Сабато. Се’ на се’, Флоријан како да сака да наведе дека излегувањето од наметнатата политичка матрица на размислување во едно општество е тежок процес, но истиот мора што побргу да се направи, бидејќи фалсификувањето на историјата за политички цели е крајно забеган процес кој ги менува животите на многу луѓе/семејства.
За сите ‘мистерии’ околу „Малите прсти“ на Филип Флоријан разрешницата следи во петок на 09 јуни, од 20.30 часот во Ла Кања, кога со авторот ќе проговориме на многу теми, заедно со промоторот и преведувач Ермис Лафазановски. Затоа, бујрум за сите историчари, антрополози, археолози и останати професионалци на кои им се обраќа оваа книга, и секако, на верните ИЛИ-ИЛИ читатели, мислам дека добро ќе се забавуваме, бидејќи Флоријан има здрава смисла за хумор, и за себе вели дека ја изгубил надежта дека еден ден повторно ќе има коса, дека ќе може да отспие повеќе од 3-4 часа, и дека некогаш ќе се откаже од цигарите 😉