„Првобитните нешта“ од Бруно Виејра Амарал

Во својот прв роман „Првобитните нешта“, Бруно Виејра Амарал се навраќа во замисленото маало Амелија, кое се наоѓа на јужниот брег на реката Тежо, во Вале да Амореира, во регионот Сетубал, кадешто самиот тој пораснал, и од каде што секојдневно го гледал градот Лисабон, токму отаде брегот од другата страна на Тежо. Имено, делото комуницира со биографијата на Амарал, но, самото по себе не е автобиографско.

Во нарацијата на романот, авторот го напушта тоа маало пред речиси десет години и тоа заминување е своевидна победа со која се оддалечил од трошните и сиви згради на сиромаштијата и општествената изолација и исклученост. Но, по низа животни порази, развод, невработеност, очај, револт, болка, сега се враќа на истото место, живее со мајка му и се соочува со свет кој не само што не го препознава, туку и не постои повеќе онаков каков што го оставил. Самото негово враќање во родното место, речиси одисејски, го означува и започнува со неговиот конфликт со минатото, но, конечно, елегичниот крај му ги отвора портите на ослободувањето од бремето на меморијата, кадешто тој ги препознава вистинските првобитни, некогашни, први нешта.

Бруно Виеjра Амарал (1978) e писател, книжевен критичар и преведувач од Португалија. Дипломирал современа историја на Универзитетскиот институт во Лисабон. Во 2002 година учествува на „Државната изложба на млади поети“ во Португалија. Соработувал со разни книжевни списанија и зборници и автор е на разни блогови. Работел како автор, преведувач и книжевен критичар на изданието Водич низ 50-те ликови на португалскиот расказ. Уредник е на списанието за книжевност ЛЕР и одговорен е за комуникации на книгоиздавателството „Групо Бернард“.

За романот Првобитните нешта во 2013 ги добил наградите „Книга на годината“ на списанието „Тајм Аут“, наградата „Фернандо Намора“, како и ПЕН наградата за проза. Освен тој роман, ги објавил и Водич низ 50-те ликови на португалскиот расказ (2013) и Денес ќе бидеш со мене во рајот (2017). Добитник е на престижната португалска награда за книжевност „Жозе Сарамаго“. Прогласен е за еден од десетте „Нови книжевни гласови на Европа“ за 2016 година.

Press release

Драги пријатели/читатели, откако почетокот од пролетта на издавачки план им припадна на домашните книжевни сили, кон крајот на пролетва и летово Ви најавуваме европска книжевна офанзива. Планираното гостување на неколку актуелни книжевни автори го стартуваме во сабота, на 03 јуни со почеток во 20 часот во клубот „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија, за кога Ви го најавуваме гостувањето на португалскиот автор Бруно Виејра Амарал, и промоцијата на неговиот наградуван роман „Првобитните нешта“. Интересно, со излегувањето на оваа книга одбележуваме два куриозитета – ова е вкупно јубилејниот, 150. наслов во ПРОаЗА, и истовремено прв превод на дело од португалски на македонски јазик во рамките на популарната едиција, за кој беше задолжена Наташа Сарџоска. Токму Сарџоска и ќе биде задолжена за синхрониот превод за време на промоцијата, кога г-нот Амарал ќе не почести со говор на прекрасниот португалски јазик, а промотор на книгата ќе биде Владимир Мартиновски. Вечерта ќе ја заокружи еклектичниот сет на почитуваниот диџеј Шурбе(ира). Излегувањето на книгата, како и гостувањето на авторот во Македонија се дел од проектот „Креативна Европа“ на ЕУ.

Во очи на промоцијата на романот, како уредник и добар домаќин, напишав осврт кон книгата, кој можете да го прочитате на следниот линк:

Кон романот „Првобитните нешта“ од Бруно Виејра Амарал (ИЛИ-ИЛИ, 2017)

Но најинтересно е што оваа приказна имаше и свое „Трето полувреме“. Имено, кога Бруно Виејра Амарал прв пат дојде во Скопје, на 02 јуни во 20 часот, се истури од врнење. И следната вечер чекавме да преврне за да се случи промоцијата на неговиот извонреден роман „Првобитните нешта“. Дождот, во случајов, ни дозволи нашите дружби да траат подолго и подобро да се запознаеме. Освен литературата, неодминлива тема беше и фудбалот. Тој навива за Бенфика, и страстно ги следи случувањата околу „буба-марата“ уште од дете (ова ко Калински да го пишува/коментира 🙂 ). А кога веќе го споменуваме него, не можеме да го одминеме и Панчев. Секако дека Бруно побара дрес од Кобрата како сеќавање на посетата на Македонија. Тука во игра влезе преведувачката Наташа Сарџоска, која инстатно искомуницира со Маја, сопругата на Дарко, и веднаш падна договор. Но за жал, тие не беа тука тој викенд, па дресот го добивме подоцна,  секако, бесплатно, со автограм од Панчев. Ние за возврат избравме неколку книги за брачниот пар Панчеви, меѓу кои, нормално, беше книгата на Бруно, но и насловите како „Стравот на голманот од пенал“ на Хандке, „Југославија, моја дежела“ на Војновиќ и сл.

Пред да му го испратиме дресот на Бруно во Португалија, кој со нетрпение го очекуваше, искористивме можност и ИЛИ-ИЛИ барем за момент да влезе во дресот на голгетерот, иако со Нено навива(в)ме за Партизан и бевме/сме заколнати „Гробари“ :-). На крајот уште еднаш голема благодарност за семејството Панчеви, на Наташа за нејзината упорност, и на сите читатели кои во иднина ќе уживаат во книгата на Бруно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *