Кон романот „Мина“; пишува: Павлина Манавска
Со Павлина прв и единствен пат се сретнавме летово во книжарница. Ми кажа дека живее и работи во Германија, и дека ревносно ја следи македонската книжевна сцена. Ми беше драго што во изборот книги беше и мојот актуелен роман. Еве ги нејзините впечатоци по читањето. Сигурен сум дека Мина не била во Келн, но ете, никогаш не вели никогаш
“Мина” во Келн
Со радост го прочитав новиот роман на Игор Анѓелков преку кој станав дел од животот на Мина и член на нејзиното семејствто. Преку читањето искусив леснотија и тешкотија во исто време. Леснотија преку наративниот навидум едноставен начин на раскажување и опишување на некои банални секојдневни соочувања, а истовремено со толку голема тешкотија која е потребна за справување со таа баналност и сите предзвици како на раскажувачот и неговата фамилија во сегашноста, така и со биднувањата на Мина во минатото. Толку длабока дискусија, со толку многу спомени со кои на неколку наврати се поистоветував со приказните од баба ми, поставувајќи безброј прашања и коментари на кои самата јас, како читател, гласно одговарав и дебатирав со раскажувачот, поткрепена низ размислувањата и споменувањето на низата книжевни пријатели, некои од нив мртви но уште поживи и значајни како и самата Мина, борец-жена, пријателка, мајка и баба.
Прекрасно патување низ времето и просторот преку призмата на неколку генерации, потенцирајќи ја силата на спомените.
„Меморијата на мајка ми е онаа на детето во неа, детето кое го запишала во душата секој настан, секое сеќавање на минатото, кое јас преку пишаниот јазик ќе се обидам да го зачувам од заборавот, бидејќи векот е краток и ние, како гранки на ветерот, еден ден ќе го најдеме својот мир под дивиот јоргован, а зборовите и делата се оние што ќе останат да сведочат зад нас“. (Анѓелков, 42)