пишува: д-р Тони Ќосев
„Стварноста останува грдо пајче, се’ додека вниманието не ја претвори во лебед“. Владимир Пиштало
„Ветрилиште“ е најновото и најзрело дело на Игор Анѓелков, со кое се нареди во редот на моите омилени писатели од балканскиот книжевен простор – Јерговиќ, Басара, Маџунков, Миневски, Великиќ, Пиштало, Господинов, Картареску и др. Да, признавам, јас сум пристрасен и субјективен навивач на Анѓелков, но има вистина во таа констатација. Што би рекол Горан Бреговиќ : „Ма све вам могу речи мирно, мене и онако нико не узима за озбиљно…“
Авторот внимателно ги избира насловите на своите дела. Во нив е содржана есенцијата на делото. Кај Јозеф Шкворецки во „Инжинер на човечките души“ го најдов значењето на двојната експозиција – втиснување на новата поза врз старата на фотографскиот филм и правење сосема нова слика, колаж од двете слики. „Ветрилиште“ како место на проветрување од силен ветар кој ја разнесува смрдеата од смртоносната аерозагаденост и реата на распаднатите човечки души, уништени од војни и омрази. Ономатопејата на петелот наликува на насловот на популарната емисија за хумор и сатира на Радио Скопје – „Хихурику“. Се сеќавам кога имаше помрачување на Сонцето, кога повторно светна денот, петлите во Русиново запееја во 11 часот.
Анѓелков провоцира љубопитност и поттикнува интерес и активност кај читателот да го открие контекстот на делото. Црните страници прв пат ги среќавам. Одличен ПР потег, како измислената смрт на Пол Макартни во времето на Битлси, антологиската обвивка за албумот пред студиото Ејби роуд. Крајот ми заличува на Џон Фаулс и „Жената на францускиот поручник“ со два алтернативни завршетоци.
Романот е рекапитулација и биланс на животот на главниот лик во романот Борис, македонскиот Улис, со скратено време на дејство од шеснаесет и пол часа. Концепт „Дома – На пат – Во центарот – Дома“. Има испреплетени два пата, еден низ животот на Борис, вториот низ неговиот град, нашето Скопје. Како Ричард Ешкрофт во спотот на The Verve за песната „Bittersweet symphony“ патува Борис низ улиците и среќава разни непознати лица со свои судбини и грижи. Пишуван со мајсторска едноставност, плени со својата убавина и продуховеност. Наликува на песните на Битлси – „Yesterday“ (I am not a half a man I used to be), писателот како „Fool on the hill“ и др.
Во времето кога романите почнуваат да наликуваат на математички загатки и проблеми со својата сложена структура, во кои се пишуваат длабокоумни есеи и трактати со кои писателите егзибиционистички ја истакнуваат својата самобендисаност, почнува обратен процес – враќање кон едноставно раскажаните приказни. Како средство на соочување, едноставноста е помоќна од софистицираноста, а најважно сознание е дека оној кој нема да ја раскаже својата приказна, останува под вечно старателство на другите, како што вели Владимир Пиштало.
Во романот авторот прави вивисекција на писателската работа. Отворено зборува за кланови, групи, тајфи, клики во уметноста и нивните сплетки, дубари, шеми. Тоа е една од причините зошто уметноста во Македонија е последна дупка на свиролот. Одмерено ја користи иронијата како писателска алатка . Кај мене се јави силна и заразна идентификација со главниот лик и неговата генерација. Масовен егзодус на младите, пензионерите како голем дел од гласачкото тело.
Лични библиотеки: Сталин – 25.000 книги, Тито – 15.000 книги, Колишевски – 10-12.000 книги… Колекцијата на Умберто Еко има 30.000 книги. Човек за својот век век може да прочита од 6 до 12.000 книги, освен ако не е тежок зависник од читањето. Секој има непрочитани книги во својата библиотека. Филип Ларкин зборуваше за пропуштените лектири. На Запад е непристојно човек да се фали со бројот на книгите кои ги има или ги прочитал. На една вечера со Габриел Гарсија Маркез, тогашниот американски претседател Бил Клинтон зборувал наизуст цели делови од романите на Фокнер. Борхес секогаш го замислувал рајот како некаква библиотека.
Употреба на неточни податоци – Анѓелков ги измешал филмовите „Љубовна приказна“ (Рајан О’нил и Али Мекгроу) и „Сјај во тревата“ (Ворен Бити и Натали Вуд). „Вољела је сјај у трави, Лорку и Бодлера“, Маја Перфиљева. Порано во „Шрапнел“ – Кралството на Срби , Хрвати и Словенци со Кралството Југославија. Дали свесно или намерно, но делува симпатично. Во стилот на големиот новинар и ненадминат козер Петар Луковиќ, кој знаеше да ги направи дар-мар познатите политичари и уметници („вратоломне лудорије“), измислувајќи смешни настани за нив. Еве што напиша Мишел Уелбек во новиот роман „Поништено“: „Ако поедини податоци не се точни, тоа не е последица на евентуалните мои грешки, туку пред се’ на свесните извртувања за кои е одговорна стварноста“. И втор цитат од истиот роман: „Бесмислено е да се мозга за минатото, бесмислено е дури и за иднината премногу да се мисли, доволно е да се живее“.
Кај Анѓелков има филозофија на уживање во малите нешта. Она што беше Данило Коцевски за старо Скопје, тоа е Игор Анѓелков за ново Скопје – хроничар и сликар на своето време.
Ново Село, 29.11. – 06.12.2024