Ултрапопуларниот филмски хит во летото што измина ја заокружува својата медиумска присутност со саундтракот на кој се поместени 15 теми, кои се звучна поддршка на приказната за авантуристката Лара Крофт. Ова е типичен носач на звук на кој се поместени теми што не се создадени исклучиво за филмот, туку е направена компилација од значајни музички имиња кои „позајмуваат“ свои теми, кои, од една страна, уште повеќе го популаризираат филмот, а од друга страна, присвојуваат мал рекламен простор и финансиска добивка за себе во музичкиот и филмскиот бизнис. Чиста работа – и волкот сит, и овците на број.
„Тomb raider“ е филм базиран врз видео игра со прекрасна графика и огромни визуелни можности, така што одлуката на продуцентот Џон Киркпатрик саундтракот да биде исклучиво електронски ориентиран е сосема во ред. Многумина ќе реагираат дека тоа е клише и веќе видена работа, но друга солуција, едноставно, нема. Динамичноста на приказната и авантурите на згодната и класи англиска „цурка“ во текот на целиот филм се одлично покриени со музички парчиња кои соодвествуваат на дејствието кое се случува на екранот. Со тоа целта е постигната – ефектен атак врз сите сетила на гледачот. Но, главна дилема е дали овој носач на звук функционира засебно, кога ќе го пуштиш во цд-плеерот и ќе ги ставиш случалките на главата?
Саундтракот го отвора темата „Elevation“ на U2, официјалниот прв сингл од нивниот нов албум, овој пат малку ремиксуван, за потребите на филмот. Потоа се качувате во малку потешко превозно средство, кое ве вози низ темите на Nine inch nails, Moby, Chemical brothers, Leftfield, Groove armada… Денс атакот, кој преовладува како чувство во текот на целата компилација, малку е разбиен со учеството на трип-хоп артистите Missy Eliot, vo sorabotka so Неллѕ Фуртадо, кои ја исполнуваат жешката тема „Get up freak on“, a тука е и хип-хоп откровението на оваа сезона, двоецот Outcast, кои со песната „Speedballin“ ви го бомбардираат веќе создаденото чувство на хармонија.
Па да, всушност може да се каже дека ваков вид на саундтрак, компилација на теми од познати музички имиња, а не авторска музика на некој композитор, може горе-долу да ги задоволи вкусовите на слушателите. Но не за долго. Дури може да се каже дека обвивката на цедето повеќе и’ оди во прилог на Анџелина Џоли како дел од нејзината меморабилија, додека сето останато бргу ќе падне во заборав. Затоа, уживајте додека трае.
@Текстот е објавен во октомврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.