Будење на типичен чешки начин

Кон „Созерцание“ (OCAS JESTERKY aka WINGLESS, 90 мин.) на Иво Трајков
улоги: Давид Швехлик, Карел Зима, Верица Недевска-Трајкова, Магдалена Сидонова

Македонскиот режисер со чешки бекграунд Иво Трајков, професор на ценетата ФАМУ во Прага и почесен амбасадор на македонската култура во Р. Чешка, по адаптацијата на романот на Живко Чинго, „Големата вода“ (2004), се враќа на големото платно со неговото шесто целовечерно остварување насловено „Созерцание“, снимено со чешки пари, но потпомогнато и од македонскиот Филмски фонд. Секако, во меѓувреме да не го заборавиме и авангардниот „Филм“, проект што авторот го снимал со години наназад, а календарски го финишираше во 2007 година.

По затворената претпремиера во октомври минатата година во киното „Милениум“ во Скопје, официјалната светска премиера на филмот се случи на 22 јануари во Прага, каде што, според екипата, реакциите биле и повеќе од позитивни. Конечно, официјалната македонска премиера „Созерцание“ ја доживеа на Скопскиот филмски фестивал, а деновиве (17-26 мај) филмот на Трајков може да го види и пошироката домашна публика на редовни проекции во Кинотеката на Македонија.

Темата на овој филм е борбата на поединецот помеѓу неговата слободна волја и однапред зацртаната судбина, која на крајот резултира со еден вид будење кај главниот лик Јосиф (Давид Швехлик) и на некој начин трасирање на својот пат во (не)извесната иднина, која треба да претставува прочистување од не баш среќното минато. Ваквата филозофска поставеност на нештата од страна на сценаристите Владислав Климент и Алан Смисик, режисерот Трајков ја реализира со ефектни занаетски решенија, во кои доминира на моменти тегобната атмосфера, зачинета со музиката на Зоран Маџиров, како и со прекрасната фотографија на мајсторот Клаус Фуксјегер, кој успеал низ доминантните сини тонови да го наслика романтичниот weltschmerz кај носечкиот карактер. Како момент на провокација може да се смета ликот на ангелот чувар Габриел (Карел Зима), чија присутност понекогаш е одвишна, но сепак клучна за самото сиже, и на крајот на краиштата, тој е единствениот што на моменти ќе ве насмее со своите реакции, со хумор што малку повеќе му недостасува на целиот овој проект.

Она што плени кај „Созерцание“ е неговата непретенциозност и едноставност, нешто што во последно време заборавивме дека постои на филмската лента. Деведесетте минути лесно минуваат низ вас, успевајќи да чепнат пар теми за кои по проекцијата можете да дискутирате со своите пријатели, со фина пијачка покрај вас, секако, што е и една од клучните работи по секоја кинопроекција. На крајот сето тоа ве враќа во некое си убаво минато, во кое типичните чешки филмови предизвикуваа вистински емоции, а секое ново филмско дело е еден вид созерцание, кое потоа долго тлее во вас. Проверете зошто!

(Објавено во „ГЛОБУС“ и во книгата „ФИЛМ.МКД“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *