Луѓето заминуваат од домот поради разни причини: економски, социјални, политички, еколошки… поради подобра животна средина, подобри услови за работа, подобра иднина за поколението… но, за жал, и поради војна. Воените мигранти одамна станаа наша реалност, и нивната интеграција во новите контексти е еден од најголемите предизвици на современието во кое живееме. Токму со оваа горлива тема во својот најнов филм се зафатил и генијалниот режисер Кен Лоуч, кој во соработка со сценаристот Пол Лаверти, во последниве неколку децении ни ги „подарија“ најдобрите социјални драми на големиот екран. Многумина велат дека ова му е последен филм на британскиот ветеран, но знаејќи ја неговаа упорност и возбуда секогаш да се фаќа во костец со проблемите на современиот човек, ништо чудно да видиме уште некое негово остварување во годиниве што следат, само ако го послужи здравјето.
Светската премиера на филмот се случи на мајскиот фестивал во Кан, оној Кан кој два пати му ја додели „Златната палма“ за најдобар филм на британскиот режисер, за „Јас, Даниел Блејк“ во 2016-та, и десет години пред тоа, за „Ветрот што го ниша јачменот“. Релативно бргу, само два месеци по премиерата, новиот филм на Лоуч имавме можност да го гледаме и на големиот екран во рамките на „Синедејс“. „Стариот даб“ е филм од „старата школа“ на филмски остварувања. Неговиот ритам е спор, но прецизен, приказната вози од „А“ до „Ш“ и не бара од Вас посебни напрегања, но затоа ви отвора можности за размислување во однос на темите кои ги отвора.
Иднината на единствениот паб во малото место во североисточна Англија е доведено во прашање. Луѓето го напуштаат родното место барајќи подобра иднина некаде далеку од тука, и куќите и земјиштето ги продаваат многу евтино. Тоа создава плодна почва за сиријските бегалци, кои некако стигнале на британскиот остров, бараjќи свое место под сонцето. Уште во воведната сцена со автобусот и скршениот фото-апарат на главната хероина, ги препознаваме предрасудите на локалните мештани кон дојденците, кон Другиот. Тоа е предизвикот кој сценаристот и режисерот треба да го надминат во следните два часа, покажувајќи ни начини како истиот да се изменаџира.
Со оглед на тоа дека се работи за мало место во кое рудникот бил единствениот начин за егзистенција на жителите, по неговото затворање сосема било нормално и самите мештани да се затворат во своите чаури и на светот надвор да гледаат како на непријател. „Ако работниците ја знаат својата моќ, може да го променат светот. Но, ете, ние не го сменивме“, резигнирано заклучуваат неколкуте пивопијци во единственото место каде тоа можат да го искажат колективно, во пабот „Стариот даб“ на Чарли. Токму тој ќе биде лакмусот кој ќе се обиде да направи мост меѓу едниот и другиот универзум, да го направи неспојливото да биде спојливо, и да функционира.
Но и Чарли има сопствена тажна животна приказна. Жена му го напуштила, синот веќе не зборува со него, а од суицидалните намери го спасило кученцето кое го сака највеќе на светот. Токму врз него ќе удрат локалните силеџии за да го демотивираат во намерата да им помогне на дојденците со интеграцијата во новата средина. Но Чарли е доволно силен за да го издржи сето тоа. Тој е еден од оние класични „Кен-Лоуч ликови“ кој може да помести планини. Токму затоа филмовите на британскиот режисер се паметат, поради ваквите мали-големи луѓе кои далеку ги надминуваат измислените холивудски супер-херои. Неговата солидарност, а не милосрдие кон доселенеците е веројатно нешто што му треба на поголемиот дел од човештвото.
Од друга страна, Лоуч сосема суптилно ни ги опишува и обичаите и верувањата на Другиот, во случајов сирискиот народ. „Понекогаш нема потреба од зборови, туку само од храна“, вели старата арапска поговорка, и токму организирањето на заедничките ручеци во „Стариот даб“ ќе биде оној момент кога различностите ќе почнат да се приближуваат меѓу себе. Таму малото девојче ќе каже дека имињата на нејзините кукли се според имињата на нејзините вистински другарки од Сирија, за кои не знае дали се живи, таму локалците, кои исто така имаат свои проблеми, ќе дознаат кој е виновен за ситуацијата во Сирија, каде илјадагодишниот град Палмира, светското културно наследство, е срамнет до земја. Но тајната лежи во споделувањето. Кога нештата ќе се споделат, некако полесно се дише, колку и да е тешко. Тоа е толку човечки, како и филмовите на Лоуч.
Најдобра сцена во филмот е онаа кога сите заедно присуствуваат на проекцијата на фотографии надополнета со музика од Истокот. Лицата на присутните се хумани, љубовта лебди во воздухот. Мајсторот Лоуч и во овој филм тоа го постигнува претежно со натуршчици, а не со професионални актери, и за тоа повторно треба да му се честита. Но највеќе поради тоа што уште еднаш покажа и докажа како треба да функцинора една заедница, како треба да функционира светот во мало, бидејќи оттаму доаѓа силината и моќта на општеството. „Земјава е гнила! Успеваат омразата, насилството, предавството, корупцијата…“ Еј брат, tell me about that, си велам во себе. Но Лоуч верува во „малиот“ човек, и затоа и во ова остварување тој не’ потсетува дека единствено добрината и човечноста победуваат, сето друго е минливо. Последната сцена со изразувањето сочувство за таткото на главната хероина е совршен доказ за тоа.