Кон „Бајка“ на Александар Сокуров

Еден од највозбудливите филмови прикажани на 22-иот „Синедејс“ дефинитивно беше новото остварување на рускиот режисер Александар Сокуров, кој по седумгодишен пост се враќа на големиот екран. Ученикот на Тарковски кого го сакаме поради неговите ремек-дела „Мајка и син“, „Руска арка“, „Татко и син“, „Александра“, „Фауст“… повторно се враќа на својата стара пасија, „поигрувањето“ со историските фигури, како и во неговата антологиска трилогија од почетокот на милениумот, „Молох“, „Бик“ и „Сонце“, каде ги „разголува“ Хитлер, Ленин и Хирохито на начин дотогаш невиден во филмската, и воопшто, во историјата. Овој пат на сцената ги имаме креаторите на човековата судбина во 20 век: Сталин, Хитлер, Мусолини и Черчил, а во споредни улоги се појавуваат Наполеон и Исус Христос.

„Си беа еднаш двајца вагабонти… Не… Тројца беа… Но не, четворица…  А имаше и други, многу и различни… Ги познавав. Долго. Со години. И потоа нешто се случи и исчезнаа. И долги години немав слушнато ништо за тоа. Еднаш одамна… Беа четворица… А јас тонев во живот и нови несреќи. Но изминативе години, имав некое чудно чувство дека луѓе се вртат околу мене, чекорат, чекорат, чекорат покрај мене… Се слушаа гласови во ноќта, фрагменти од комплексни прашања, зборови на туѓи јазици, стенкање, лелеци на милиони гласови… Ме обзеде необјаснива возбуда…“

Сокуров на искрен начин го претставува својот најнов филм токму со овие зборови, алудирајќи дека му недостасувала возбуда во филмската кариера, а секогаш кога ќе дојдете до точка каде сфаќате дека веќе не ви е интересно и дека сте влегле во клише, се повикувате на старите страсти. Рускиот режисер имал визија и решил на едно место да ги стави овие четири (односно шест) историски манги, чие влијание, на овој или оној начин, порано или подоцна,  го почувствувало и се’ уште го чувствува секое човечко битие на планетата Земја.

Снимен во црно-бело, користејќи архивски снимки од споменатите личности кои ни зборуваат од екранот како да се реални благодарение на користењето на т.н. deepfake технологија, филмот наликува на оние експресионистички филмови од 20-те години на минатиот век, и навистина претставува свеж здив во комерцијализираната фестивалска понуда во последниве години, како пандемијата да им ја одзема сета креативност на светските режисери. Иако комплетно експериментален и авангарден, филмот на Сокуров е комуникативен бидејќи е во постојано движење низ светла и сенки, непрестано поставувајќи нови стапици преку дијалозите и визуелните решенија, што гледачот комплетно го вовлекуваат во неговата шашава структура, при што нема лесно извлекување од изненадувањата кои ве чекаат таму. Сокуров е визуелно импресивен, на ниво на генијалните сликарски магови, камерата постојано се движи како во „Руска арка“, и низ ова вртоглаво патување зад кулисите на егоцентричноста и моќта, Ви нема спас освен да се препуштите на лудилото кое постојано расте додека не доживее комплетно крешендо.  

Насловот „Бајка“ е неколкузначен, знаејќи дека два од четирите главни лика завршуваат на победничката, а другите два на губитничката страна од историјата. Исто така, тројца од нив се диктатори кои порано или подоцна го прифатија или „флертуваа“ со социјализмот, додека четвртиот е либерален демократ, но всушност традиционалист и империјалист. Но, во овој филм воопшто не е важно кој каков е, кој е „винер“ а кој „лузер“, бидејќи и Сталин, и Хитлер, и Мусолини и Черчил се во „исти гомна“: тие се во големото Чистилиште, чекајќи да ги прими Бог во рајот. Барабар со нив чека и Исус, додека како чувар на рајските порти се појавува никој друг туку Наполеон. Но, кога ќе види кој тропа на порти, Бог не е расположен туку-така да ги прими новодојдените кандидати, велејќи им да причекаат. Трпение-спасение! Во тој меѓупростор се случуваат неверојатни интеракции меѓу протагонистите, најчесто на ниво на саркастични досетки кои меѓу себе си ги споделуваат. И што е интересно, сите споменати ликови зборуваат на сопствениот, мајчин јазик (Исус на арамејски, секако).  

„Стани, мрзо една“, му вели Сталин на Исус додека овој офка од болки на креветот. „Многу ме боли“, му враќа синот Божји. „Оди, татко ти ќе те излечи“, саркастичен е првиот.

„Ти си кавкаски Евреин?“, го прашува Хитлер советскиот диктатор во една подоцнежна сцена. Овој му возвраќа: „Глупаку, приклучи се кон Болшевичката партија и ќе те вразумиме“. „Знам јас, ти си кавкаски Евреин што со денови спие во униформа, затоа смрдиш, и држи се подалеку од мене“, му вели крвникот на својот некогашен сојузник.  

Черчил, пак, се држи настрана и е во постојан телефонски контакт со Кралицата, барајќи совети. „Насекаде комунисти и нацисти“, вели, „како да сонувам лош сон“, заклучува.

И додека Мусолини се воодушевува од елеганцијата на Адолф, нему му се потсмеваат за чичка белите панталони. Но токму поради нив, му даваат предност прв да оди пред рајските порти, каде пољубува врата. Сталин поради униформата е следниот, но и тој е одбиен. „Насекаде Евреи“, си коментира во носот.

Сите овие примери ги наведов за да ја доловам умешноста на сценаристот Сокуров кој карактерите и можните размисли на историските личности ги споил на таков начин, што не само добрите познавачи на историјата, туку и лаиците можат да уживаат во ова уметничко достигнување на големиот екран. Сепак, на крајот од филмот малку тажно сфаќате дека тие не фрлаат ново светло врз веќе стекнатата слика за нив, туку само го утрдуваат она што досега веќе сме го осознале за нивните карактери од разни извори. Но, веројатно за многумина одредени изречени факти ќе претставуваат новина и нов поглед врз целата ситуација во минатото. Драгоцено е мајтапењето меѓу Хитлер и Мусолини во однос на Ленин и идеите за социјализмот (Мусолини изјавува дека во младоста со Владимир Илич Уљанов заедно читале книги на таа тема во австриска библиотека), на што Хитлер заклучува: „Сите ние по малку сме комунисти“. Овие размислувања по одбивањето за влез во рајот ги носат на еден голем митинг кај домаќинот Сталин, на кој масата луѓе под грандиозната бина е една голема сива безлична материја, врз која диктаторите уринираат со помош на писоарите поставени наоколу.

Сепак, најбитното е тоа што хуморот и сатирата се најмоќното оружје во „Бајка“, тоа се оние два авиони кои постојано ве бомбардираат, не давајќи ви да земете здив. Затоа 78-те поминати минути во гледање на филмот се чинат толку густи, како да поминала цела вечност. Во таа вечност уште ќе дознаете дека Сталин не отишол на погребот на сопствената мајка зашто бил зафатен, а на Адолф многу му се допаѓала внуката на Вагнер и имал желба да се ожени со неа. „Ева Браун е подобра“, го вразумува Черчил.

И на крајот, не на филмот, туку на овој текст, се чини дека најважниот момент во целото остварување е реченицата која како да е позајмена од „Чекајќи го Годо“ на Семјуел Бекет: „Се’ ќе се заборави и ќе почне одново“. Сокуров алудира на актуелните прегрупирања на светската политичка сцена, по што човештвото секогаш го чека неизвесна иднина. „Историјата е кошмар од кој треба да се разбудиме“, вели главниот лик во Џојсовиот „Улис“, а главните протагонисти во „Бајка“ очигледно нема никогаш да се разбудат, бидејќи се осудени на постојано и репетитивно повторување на своите грешки и постапки, како вечно проклетство од кое никогаш нема да се оттргнат. Иако во еден момент во филмот тие добиваат самосвест, еден од нив велејќи: „Не го слушајте Сокуров, да одиме понатаму“, сепак, рускиот режисер ја скротува нивната моќ и бескрајните надмудрувања и ги сведува на историски палјачовци со безброј слабости и фрустрации, додека насекаде околу нив чекорат духови придружени од вресокот на милионите ранети војници.

Поради сето ова, „Бајка“ претставува уникатно филмско искуство!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *