Најавуван како прв долгометражен филм за деца и млади во македонската кинематографија, „Стела“ веднаш не’ втурнува во приказната за дисфункционалното семејство, во кое многу нешта не се в ред. Бракот помеѓу Македонецот (Дејан Лилиќ) и Германката (Христина Поповиќ) не функционира, а највеќе страда Никола (Петар Маниќ), кој, освен тоа, е малтериран и од врсниците во училиштето. По обидот за самоубиство, нештата дома само навидум се менуваат, и тој се решава за бегство. Каде? Во Галичник!
Сценариото на Ева Камчевска имало потенцијал оваа приказна задоволувачки да биде претставена на големиот екран, но, за жал, тоа не е случај до крај. Дебитантот Вујичиќ остава хичкоковски потпис со појавувањето како продавач во пекарницата, а лебот е убава метафора за поврзаноста со старото огниште. Филмот динамично не’ префрла од една во друга сцена каде односите меѓу ликовите постепено се развиваат, и токму тука лежел целиот потенцијал на оваа сторија наменета за младите гледачи.
Сепак, доколку им се обраќате на новите генерации, воопшто не треба да ги потценувате со такви решенија. Бегството со македонските камионџии е неуверливо, а потоа и пристигнувањето до селото од каде потекнува таткото на тинејџерот. По долгото трагање, родителите конечно сфаќаат каде да го најдат, и токму во моментите кога треба да остават се’ зад себе и да одат да го гушнат, тие се двоумат дали да да го сторат тоа? Веројатно ниту еден родител не би се думал. Но, доволно е родителска етика во текстов.
Можеби авторите на филмов требало повеќе да посветат внимание на неговиот наслов, според кој кучето требало да биде оној главен, носечки мост за премин од турбулентните во помирувачките води во семејството. Во најголем дел од сцените доминираат мајката и таткото, кои делуваат емотивно незрело и како да не знаат да се носат со ситуацијата. Стела е само еден убав пес кој одвреме-навреме ќе се појави во кадарот, и кој, за жал, воопшто не придонесува за посакуваниот пресврт.
И единесетгодишниот Никола е лик кој не го говори добро јазикот на неговиот татко во новата средина во која се наоѓа. Петар Маниќ, кој е талентирано младо момче кое камерата очигледно го сака, не можел до крај да го изрази својот потенцијал. „Не сакам семејство“, вели во првиот дел од филмот на германски јазик. Но, зошто го вели тоа? Кој е историјатот зад таа силна изјава? Очигледно е дека неговиот проблем не е само јазичната бариера поради која е приморан најчесто да молчи, што го прави толку неприроден. Оваа констатација важи и за останатите актери во филмот.

Дијалозите во вториот дел од ова остварување, како противтежа, успеваат да бидат заменети со убавите пејзажи со кои изобилува галичката околина. Зеленилото, планините и сонцето не’ оттргнуваат од безизлезот, кој пред крајот не’ води кон најдобрата сцена, смртта на дедото. Тоа е убава, „македонска“ смрт, откако духовите ќе се смират, а децата ќе се вратат дома. Можеби само поради оваа сцена и вредело да се сними филмот.
