Има една сцена во документарниот филм „Тело“ која ја сублимира целата филозофија на човековото постоење. Додека главните протагонисти шетаат крај прекрасното Преспанско езеро на југот од Македонија, Уршка пронаоѓа остатоци од крила на пеликан. Таа ги зема во своите раце и се прашува дека би можела да ги понесе како сувенир, како сеќавање на ова митско место на кое започнала нејзината болест, но кое истовремено и’ служи како одмор, како оддишка од долгиот процес на лекување низ кој поминува. Всушност, кога Уршка ќе го земе скршеното крило во своите раце, тоа како на невидлив начин да стана дел од нејзиното измачено тело со лекарства, како полека да почна да се вградува на нејзиниот грб, станувајќи интегрален дел од нејзиното битие, кое подготвено ги очекува следните животни предизвици, полна со енергија.
„Тело“ на словенечката авторка Петра Селишкар беше еден од филмовите кои на јубилејното, 20-то издание на „ЗагребДокс“ ме плени со својата убавина. Непретенциозно, топло, непосредно дело кое од минута во минута ви влегува под кожата и ненаметливо, но моќно, успева да ги постави главните животни прашања кои сите нас не’ засегаат, порано или подоцна. Документарните филмови можеби не можат да го сменат светот, но можат да обрнат внимание на некои битни теми кои на човечко ниво сите ние се обидуваме да им погледнеме директно в очи.
Интересно, првата половина од филмот изгледа толку препознатливо, и наместа ве тера да се запрашате дека со користењето на архивски материјал денес секој може, на овој или оној начин, да „скрпи“ документарен филм. Но, разликата меѓу обичен и врвен креативен документарен филм секогаш го содржи потписот на уметникот во позадината. Приказната за пијанистката Уршка и нејзиното „колекционирање на ретки болести“, како што самата знае да се пошегува со себе, е деликатна тема на која и’ треба емпатичен пристап, а долгогодишното пријателство и познавање на субјектот од страна на авторката тоа дефинитивно го гарантира и му дава потребна вертикала која на крајот резултира со несовладливи емоции.
Запознавајќи не’ со хероината во својот филм, Селишкар активно учествува во нејзиното „разголување“ пред скриеното око на камерата, зад која искусниот Бранд Ферро го лови секој значаен момент при исповедувањето и самопрочистувањето. Далеку од урбаниот хаос и критиките на нејзините родители, Уршка се обидува да помине низ процесот на себепромислување, но и на повторно себеобмислување. Како да се продолжи понатаму по хемотерапиите? Дали зад аголот можеби повторно чека некоја подла болест со свои побарувања за нејзиното измачено тело? Локацијата за ваквиот повторен пресврт во животот, за повторно раѓање како феникс од пепелта, е токму местото каде и започнала целата работа. Преспа како враќање дома далеку од дома, како природа која исцелува, како место кое го содржи оној толку потребен елемент – водата, во која истовремено можете да нурнете длабоко (во себе), но и да испливате на површината како сосема нов човек.
Селишкар сите овие емотивни размислувања на својата пријателка и протагонистка умешно ги отсликува на големото платно, нурнувајќи не’ и нас длабоко во езерото, онаму каде рибите пливаат слободно, но каде човековото тело е странец. Сепак, препознавајќи го импулсот на некое далечно минато изразено во милиони години, телото знае да се прилагоди и во умот на Уршка да прати нови вибрации кои нежно ја советуваат да продолжи понатаму. Да, да се продолжи понатаму како врвна идеја за животот, како предизвик во кој двете ќерки ќе бидат восок за нејзините скршени крилја, кои повторно ќе вивнат високо кон небото. Метафората во овој прекрасен документарен филм е фино заокружена со посетата на речиси недопрениот „змијски остров“, на кој царуваат змиите, но тука се и желките, кормораните, цвеќињата, печурките кои гарантираат вкусна вечера крај логорскиот оган. Оган и вода, спротиставени, но толку компатибилни елементи кои во себе ги содржи секој од нас.
И уште нешто. Овој документарен филм ја содржи и онаа толку потребна нишка на ангажираност која мора и треба да ја има во секој современ документарен филм. Соочувањето со неорганизираноста и неефикасноста на државниот здравствен систем суптилно се провлекува низ целото остварување, онолку колку што треба, за да не стане доминантна, и на крајот можеби и здодевна, затоа што сите сме се соочиле со истата. Добар контрапункт на истата е добриот хумор, а тој, фала Богу, Уршка го поседува во изобилство.
„Тело“ е триумф на животот над смртта. Во него „се’ е вистина, но и ништо не е вистина“, како што констатираше Алберт Ками. Пловењето по таа тенка линија во егзистенцијалистички манир, на авторката на овој филм и’ отвора безброј можности за креација, а на нејзината и наша филмска и животна хероина и’ овозможува нови мотиви за продолжување на нејзината борба во овој свет на подли демони. Оваа е годината во која полнам јубилејна 50-ка, и навистина го почувствував филмот кој ме исполни со емоции. А по проекција на филм, тоа е еден од најважните елементи, ќе се сложите. Затоа е важно, доколку сте во можност, да го погледнете овој филм, ако ништо друго, поради идните одлуки кои треба да ги донесете.