На актуелниот „Синедејс“ имавме можност да присуствуваме на скопската премиера на филмот „ТМ“ на веќе докажаниот тандем Димитријевиќ-Иванов. По нивниот прв самостоен проект „Копање“ од 2018 година, релативно бргу, тие ни подаруваат нов „no budget“ филм, на кој може да му позавидат многу домашни автори. Филмот е скапа играчка, но кога финансиите ќе го анулираат ентузијазмот, резултатот на големото платно е далеку од задоволувачки. Спротивно на тоа, (секако, не секогаш, но) кога работите со ентузијазам и со љубов кон филмската уметност, притоа добро владеејќи го филмскиот занает, резултатот на крајот од денот е неизбежен.
Едночасовниот „ТМ“ започнува со автентични кадри од протестите низ улиците на Скопје пред неколку години. Во тие пар минути рамката е зададена, а резот го носи дејствието 14 месеци подоцна на истото место, во истиот проклет универзум. Ја следиме приказната за Филип, млад ИТ програмер, кој горе-долу добро плива низ животот, бидејќи има стабилна работа, живее под кирија со девојката, а во слободно време се забавува на ПС со другарите, или игра баскет под маалскиот кош. Но…
Внатрешниот немир е она што го води неговиот навидум пристоен карактер. Токму тука лежи и вредноста на овој филм. Сценариото е мајсторски напишано, до детали, бидејќи ни овозможува бавно, но прецизно отплеткување на приказната, при што за одлуките кои ги носи главниот лик не дознаваме од директното дејствие кое се одигрува во одредени сцени, туку преку изјавите на протагонистите кои го сочинуваат микро-светот на Филип. Ваквата постапка не е иновативна, сме ја гледале и во други остварувања, но за ваков тип на приказна совршено одговара, и што е најважно – функционира!
Интересно, за секоја постапка на главниот лик во филмот треба да има оправдување. Но, Филип не реагира на прва топка, тој е придвижен од внатрешниот немир, и не сакајќи да го „расипе“ односот со оние што го сакаат и почитуваат (освен можеби со девојка му), тој има донесено одлука, и работи на истата. Меѓутоа, доколку направиме реминисценција на настаните од почетокот на филмот, сфаќаме дека можеби во неговиот свет и не е се’ толку розево: девојка му постојано го навредува како „неиницијативен“, другарите го зезаат и кога нема потреба од тоа, а на работа односот со шефот и колегите е топло-студено, иако тој го дава максимумот. Во таков сплет на околности, авторите на филмот се задржуваат на малите животни детали, и преку минимално откривање на нештата, како филмот длаби кон крајот, имаме мајсторско навестување на катарзата, до која неминовно треба да дојде.
На легендарниот албум „Kid A“ на Рејдиохед, со кој по успешниот „OK Computer“ тие ја свртеа водата во поинаков тек, четвртата тема носи наслов „How to Dissapear completely“. „That there, That’s not me, I go Where I please“ пее Том Јорк, и на совршен начин ја опишува симболиката на исчезнувањето. Да, и Филип симболично исчезнува, но тој е сепак тука, меѓу нас. А дали човек може да избега од себе? „Yeah it’s gone, And I’m not here, This isn’t happening, I’m not here, I’m not here… “, завршуваат Рејдиохед низ едно спокојно темпо, вадејќи го духот од ламбата, но пронаоѓајќи се себеси. И навистина, за големите животни одлуки можеби не ви треба T(ime) M(achine), туку расчистување со себеси и бистар поглед кон иднината, или кон минатото, сеедно.
„ТМ“ е филм кој ги задоволува естетските потреби на гледачите од многу аспекти. Актерската екипа (Ивица Димитријевиќ, Наталија Теодосиева, Димитрија Доксевски, Гораст Цветковски, Александар Ѓорѓијевски, Драгана Костадиновска…) е на врвот од задачата, проектирајќи природни дијалози на теми – работа во странство, пропаднато здравство, функцинорање на една врска… разголувајќи го нашето секојдневие; фотографијата на филмот (Атанас Велковски) е одлична, особено онаа во ентериерите (подрумот во Радишани изгледа мистериозно како лабораторијата на Тесла); а оригиналната музика (Јане Трајковски), вообичаено употребена во премините низ филмот, е прилично сугестивна, давајќи му додатен шмек на дејствието.
Се’ на се’, со вториот „no budget“ филм од нивната „MI Film“ работилница, Димитријевиќ и Иванов само го збогатуваат спектарот на македонската кинематографија во новиот милениум, докажувајќи дека, со развој на новите технологии, може и мора и вака, доколку останатото спаѓа во доменот на „подобност“ и „минат труд“.