На 5 октомври, Шведската кралска академија во Стокхолм соопшти дека Нобеловата награда за литература за 2023 година оди во рацете на норвешкиот писател Јун Фосе поради „иновативните драми и прозата која му дава глас на неискажливото“. Во тој момент (а и ден-денес) на македонски јазик може(ше) да се најде единствено делото „Трилогија“ кое во 2018 година го објави издавачката куќа „Готен“, во превод од англиски јазик на Владимир Јанковски. Треба да се има добар „нос“ неколку години пред добивањето на престижната награда да се преведе еден автор на мајчин јазик, „подарувајќи“ им на домашните читатели врвно книжевно и естетско доживување. И што е најважно, засега „Трилогија“ не може да се најде во превод на некој од соседните јазици, што на некој начин претставува овдешен издавачки куриозитет.
Интересно, Фосе е најпознат како драмски писател. Некои критичари велат дека тој е најголемиот норвешки драматург по Хенрик Ибзен. Неговата драматургија ја опишуваат како „недраматична“, додека Фосе милува да навлегува во егзистенцијалистички води, што од него прави автентичен херој на современието. Овој сензибилитет може да се забележи и во неговата проза, која во последното десетлетие доби се’ поголемо значење. Тој е автор на 40 драми, 15 романи, збирки поезија, книги за деца, есеи… Комплетен автор кој од првата театарска поставка на негова драма во 1994 година, па се’ досега, е претсавен во повеќе од 900 продукции на сите континенти, а делата од различни жанрови му се преведени на повеќе од 50 јазици. Покрај сето ова, Фосе се занимава и со превод, претежно на драмски дела.
Роден во 1959 година во Хаугесанд на норвешкиот запад, сериозната несреќа која му се случила на седумгодишна возраст, во која за малку ќе го загубел животот, како да го детерминирала неговиот понатамошен животен пат. Фосе во интервјуата постојано се навраќа на овој момент, нагласувајќи дека е клучен за неговиот писателски повик. Прашан за што вообичаено сака да пишува, тој отворено вели: „Се обидувам да пишувам за мистеријата на животот. И не барам одговори на едноставен начин, туку сакам да ја славам енигмата“.
„Трилогија“ е токму една таква енигма, во која се впуштате со отворен ум, а завршувате со вртоглава воодушевеност. Најпрво ви треба привикнување на стилот на пишување на авторот, затоа што тој ретко користи точки (само на неколку места во ракописот, кои дури и ви пречат), и на тој начин бара од читателот високо ниво на концентрација. Зборовите се нижат еден по друг, речениците без застој се следат една со друга, сцените се тркалаат една по друга, и вие сте немоќни да го прекинете тој след на настани, таа интензивна проза која комплетно ве окупира и ве освојува. Затоа можеби ова интензивно читателско искуство успеав да го завршам само со мали застои, за да можам што посеопфатно да ја почувствувам фјордовската атмосфера на приказната, како една дамнешна желба за посета на овие северни места и во реалноста, која се надевам дека еден ден конечно и ќе се оствари.
Многу ми се допадна што Фосе пишува за комплетни аутсајдери. Љубовната приказна на Асле и Алида многумина би ја сметале за сосема небитна за книжевен третман, меѓутоа норвешкиот автор, напротив, преку неа го опфаќа целиот егзистенцијалистички момент на човековото постоење. Нешто слично како во романите „Битлси“ и (особено) „Полубратот“ на колегата-земјак Ларс Соби Кристенсен (и обата во издание на ИЛИ-ИЛИ), кој на општествените маргиналци им дава огромен простор за себеискажување и вредно себепостоење. Од друга страна, пак, според густината на текстот, ова дело, и генерално, сензибилитетот на Фосе, ми има „мирис“ на делата австрискиот писателски маг Томас Бернхард, чие читање исто така наликува на Хичкоковата „вртоглавица“.
Но настрана споредбите, веројатно највеќе возбудува фактот што овие ликови не го оставиле авторот на мира, бидејќи првата новела насловена „Будност“ е објавена во 2007 година, и таква каква што е, недовршена, или подобро, со сосема отворен крај, го „тера“ Фосе по пет години да и’ „вгради“ продолжение насловено „Соништата на Олав“, а во 2014 година и да ја заоркужи приказната за истите ликови, но со сменети имиња, во новелата насловена „Замор“. И ете ја „Трилогија“.
Возбудата при пишувањето (и читањето) на ова дело е во начинот да се следи текот на мислите на главните протагонисти, и иако таму, на прв поглед, како да нема ништо возбудливо, сепак мајсторството лежи во тоа да се извлече есенцијата од ситуацијата во која се наоѓаат, со тоа нурнувајќи се во нивниот свет составен од немањето планови за утре, а камоли за некаква си замислена и проектирана иднина. Во тој разголен простор сте оставени како вејки на ветрот заедно со ликовите, чие делување е детерминирано само доколку се појави нешто ново на хоризонтот. Тука е старецот, тука е и девојката од вратата во првиот дел, но и момакот со бразлетната, за сивилото барем за момент да добие бразлетен сјај. Опишувајќи ја суровата реалност издувана од северниот ветер и исплакната од водите на Северно леденото море, авторот постигнува врвна психоделија при раскажувањето, што на моменти не знаете што е сон, а што јаве. Во таква ситуација не е важно дали главниот лик е убиец, за што го клеветат, тоа е само мамка за поневнимателните читатели, туку атмосферата исполнета со меланхолија, осаменост, замор, женска интуиција, лудило… кои интензивно ги чувствувате и доживувате додека читате, за на крајот да се помирите со фактот дека историјата се повторува како стара блудница која од неа ништо не научила.
И конечно, откако излегов од вртоглавицата насловена „Трилогија“, секако, барајќи уште, се присетив на изјавата на Фосе во едно интервју: „Не се обидувам да бидам тежок писател. Никогаш не се обидувам да пишувам комплицирано, туку напротив, секогаш сум се обидувал да пишувам што поедноставно, и се надевам, што е можно подлабоко“. Тоа совршено ја опишува книгата составена од три новели поврзани една со друга, во која балансот кој Фосе го постигнал се одликува со врвен стил во кој навидум не се случуваат многу нешта, а всушност, се работи за токму спротивното, вовлечени сте во една мрежа на размислување на главните ликови која се случува ад хок, тука и сега, и заедно со нив се нишате на несигурното клатно наречено „живот“.
Затоа и претседателот на Нобеловиот комитет, Андерс Олсон, во образложението при доделувањето на наградата, нагласи: „Кога еднаш ќе го прочитате Фосе, веќе не можете никогаш да се опоравите. Ве вовлекува во својот свет и не можете да пронајдете излез. Прашањата за животот и смртта, несигурноста, соништата, сето она што го засега секој човек, се теми кои преовладуваат во неговите книги, и оттаму универзалниот одек на неговите дела ширум светот“. Подобра препорака од ова – здравје!