По одличното дебитантско остварување од 2006 година, збирката раскази „КРОТКИ ПРИКАЗНИ” во издание на “ИЛИ-ИЛИ”, која наиде на одличен прием кај домашните читатели, Игор Анѓелков реши да влезе и во романсиерските води со својот прв роман со интересен наслов, „КРАЈ-ПАТ”, и поднаслов “off the road приказна”. Романот раскажува сторија инспирирана од филмовите, музиката, литературата, и секако, стриповите, и затоа не случајно честа да ја креира насловната страна му припадна на маестро Игор Јовчевски.
Дејствието во романот на Анѓелков е сместено во предградието на Велеградот, тука, во нашата околина, во време кога сите сме дел од глобалното село. Така, авторот пишувајќи локална, истовремено создал и универзална приказна, докажувајќи дека и во домашната книжевност постои простор за нешто сосема поинакво. Ликовите се дел од едно семејство, кое делумно ги прифаќа новините кои ги налага модерното живеење, но сепак, тие повеќе се вљубени во некои поинакви, малку подзаборавени вредности, кои едноставно човекот го прават човек. Низ одлично водење на нарацијата во текот на сите страници, приказната нуди еден сосема нов и свеж поглед врз нашето секојдневие, обременето со премногу информации, бивствување кое сепак ги содржи оние мали нешта и ликови кои во себе кријат прекрасни животни стории. Од поглавје во поглавје, авторот прави суптилни филмски резови, удирајќи им шлаканица на патетичните раскажувачки писма со кои сме опседнати во последниве десетлетија. Портретирањето на ликовите е со минимални јазични средства, но токму таквата постапка, таквиот раскажувачки стил се наметнува како супериорен и ве остава без здив.
Без слогани и високо крената тупаница против новосоздаденото општество полно со подземни игри и новодојдени технологии, туку тивко како рамнинска река се провлекува гласот на младиот автор кој продира уште подлабоко во своето уметничко кредо. По првенецот „Кротки приказни”, повторно кротко се претставува со „Крај-пат”, не заобиколувајќи го моќниот, тивок говор на протагонистот, чии зборови, ако успеете или умеете да ги прочитате и ги примените кај себе, најверојатно ќе бидете подобро вооружени за она што допрва ќе се случува во литературата кај нас.
„Крај-пат“ е изразито ‘подмолна проза’ која не те принудува на ништо, а ти како читател, сепак, правиш се како што таа ќе ти каже! Фрагментарното раскажување се остварува низ одличните ‘филмски резови’ со кои се постигнува ефект на издвојување на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното. Романот дискретно си преминува од жанр во жанр, од ‘рокенрол проза’ си прескокнува во симболична надреалност, од ‘роман за растењето’ во ‘роман за постоењето’, од прецизно лоцирано скопско предградие во било која точка од Земјината топка.
Затоа, овој роман во најбуквалната и најбаналната смисла на зборот, не се остава од рацете кога ќе почне да се чита. Вакво меко, тивко, а истовремено моќно портретирање на ликовите со минимални и строго селектирани јазични средства одамна не сме прочитале од домашен автор”, вели Ќорвезироска во поговорот на книгата, потенцирајќи дека романот на Игор Анѓелков претставува нов здив и дава нова свежина во домашната литература.