Приказна што ве вози

Кон „Крај-пат“ од Игор Анѓелков; пишува: Александра Јуруковска

Читањето на романот „Крај-пат“, кој има поднаслов „off the road приказна“, личи на возење (можеби со мотоцикл) низ навидум познат терен, но во моментот кога ќе и’ се препуштите на сигурноста, тогаш наидувате на свиок кој вe води во нов жанр, во нова епизода кадешто може да се оживее и мртов човек и одеднаш од роман за растењето влегувате во еден вид модерна и урбана егзистенцијалистичка проза, напишана во лесен и лежерен манир

Романот „Крај-пат“ на Игор Анѓелков е симпатична книга која се чита во еден здив. Станува збор за лесно, непретенциозно и ненаметливо пренесена приказна за обични луѓе, за едно обично момче, за едно обично семејство. Дејствието е сместено во Велеградот и по описите за него можеме да го препознаеме нашето Скопје – градот кој во исто време го сакаме и го мразиме. Раскажувач е главниот лик низ чии очи и ги следиме настаните, иако одвреме-навреме фокусот се префрла на уште еден лик (братот), со што се зголемува пластичноста во исцртувањето на контурите на едно навидум обично секојдневие.

Романот на Анѓелков спаѓа во групата дела на неколку негови современици (Владимир Јанковски, Ирена Јорданова, Ричард Молошевски, Алек Русјаков), кои речиси истовремено започнаа свесно да наметнуваат постоење на една поинаква современа проза кај нас, која отворено и заинтересирано се занимава со топосот на градот, виден низ очите на еден обичен (најчесто) млад човек. Настрана од врзувањето или препознавањето на нашиот град, оваа приказна која може да се нарече и крајпатна нема локално значење, ниту порака. „Крај-пат“ може да биде роман за кое било друго место или град на планетава. Тоа е проза за едно созревање, за достигнување на некакво себеспознавање, желба за авантури и патување. Во неа ги имате сите елементи на еден роман за растењето или на адолесцентски дневник – мотоцикл, рокенрол-поезија, отстранување, исчезнување, осамување на некое пусто место и творење – во случајов музика. Има тука и една неизбежна женска фигура, т.е. љубовна романса како неизоставен дел од тоа зреење и себеспознавање, како уште еден патоказ во крајпатната приказна.

И се’ би било прозаично да не е намерата на авторот , демек ненаметливо и небрежно, во таква приказна да уфрли несекојдневни и надреални елементи. Тогаш сфаќате дека лежерноста во раскажувањето, јазичната чистина и минималистички прикажаните ликови не се случајни, туку намерни, тие се спротиставување, па дури и пародирање на досега слушнатите или прочитани слични приказни. Токму затоа читањето на романот „Крај-пат“ личи на возење (можеби со мотор) низ навидум познат терен, но во моментот кога ќе и’ се препуштите на сигурноста, тогаш наидувате на свиок кој вe води во нов жанр, во нова епизода кадешто може да се оживее и мртов човек и одеднаш од роман за растењето влегувате во еден вид модерна и урбана егзистенцијалистичка проза, напишана во лесен и лежерен манир.

На романот „Крај-пат“ и’ претходеше збирката раскази „Кротки приказни“ во која многумина препознаа дефинирање на сопствената поетика на Игор Анѓелков – како кротка. Со овој роман таа само се потврдува како таква и оди во насока на кротко, но сигурно продлабочување.

@Текстот е објавен во рубриката „Литература“ на весникот „Дневник“ на 5 февруари 2011 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *