Благородна Димовска-Буџакоска е една од оние рафинирани читателки кои искрено посакуваш да ти го прочитаат ракописот. Еве ја нејзината перцепција за „Двојна експозиција“. Голема благодарност
„Збирка раскази поделена во шест целини со одреден наслов, во кои има по два раскази. Можеби од тука тргнува онаа двојност во насловот, за подоцна да се двои и се дели на сите оние спротивности кои ги содржи животот, се’ она што не опкружува, и на крај онаа поделеност на чувствата кои ги носиме како луѓе во себе. Се’ си има свој пар, секое лице има опачина, секоја радост тага, секоја љубов омраза… секој во себе го носи тој дуалитет, и цел живот мора да го наоѓа балансот, да се труди тие спротивности да ги постави на вистинското место во вистинското време. Ни успева ли?
Збиркава почнува со „Невиност“ за да заврши со „Смрт“, се’ помеѓу е растење, учење, созревање, сфаќање, прифаќање, и на крајот – крај. Се’ помеѓу е едно живеење и постоење.
Ме прашува другарка ми што читам? Игор – и’ одговарам, со новата. И? И, не е нормално колку е нормален. Токму во таа нормалност е убавината на прозата на Анѓелков. Пишува јасно, кротко, не извикува, не е претенциозен, мирно, стабилно, зрело. Пишува за секојдневието, за она кое го живееме и јас и ти и оној стан подолу и оној во куќана наспроти. Во еден расказ зборува за безусловната љубов на еден родител, за веднаш во следниот едно момче да извика „Како да се одљубам, дечки?“ Ликовите му се едноставни луѓе, случките вообичаени, но едно големо но, после секој расказ треба да се застане, да се земе здив бидејќи буди емоции, буди спомени и чувства кои можеби сме ги потиснале можеби, не сме сакале да ди запомниме, или едноставно времето ни ги избришало…
Моја голема препорака за оваа книга која во мене побуди чувство на мир и немир (двојноста) додека ја читав и ме натера да мислам, да копам по спомени, да си ја барам подвоеноста и кај себе и во сите околу мене. Не онаа налудничава биполарност, туку она сонце наспроти дожд, или пролет наспроти зима“.