Наградените документарни филмови на 16. „ЗагребДокс“

Синоќа во Загреб беа доделени наградите на неколкуте интернационални жирија на 16-то издание на годинашниот специјален „ЗагребДокс“. Како член на ФИПРЕСЦИ, со колешките Маријана Јаковљевиќ од Хрватска и Зане Балчус од Летонија придонесовме една од наградите да отиде во вистински раце. Нашето жири беше задолжено да додели награда на еден од документарните филмови во регионалната конкуренција, и по 40-минутна онлајн дискусија одлучивме тоа да биде романскиот филм „Нашиот дом во дивината“ (Acasa, my home) на режисерот Раду Чорничук (Radu Ciorniciuc). Сметам дека донесовме правилна одлука, бидејќи квалитетот на филмот беше препознаен и од две други жирија, па Чорничук, кој филмот го снимал четири долги години, за своето доку остварување, сосема заслужено, доби дури три фестивалски награди на „ЗагребДокс“.

Образложението на нашето, ФИПРЕСЦИ жири за доделувањето награда на овој филм е следното: „Наградата му ја доделуваме на филмот кој се занимава со низа теми од современото општество: кој начин на живот да се одбере, кое место да се нарече „дом“ и како да се прилагодиш на новонастанатите околности, Од долгиот набљудувачки процес претставена ни е силна приказна која не’ вовлекува во животите на протагонистите и ни овозможува да присуствуваме на клучните моменти, засилувајќи ја со тоа емотивната поврзаност меѓу нив“.

Уште додека го гледав филмот, многу ме потсети на нашиот „Медена земја“, на дуалитетот природа-цивилизација, и токму затоа тој беше прв избор на мојата пократка листа од шест наслови, жестоко бранејќи го при дискусијата со колешките. Башка, многу ја ценам романската кинематографија во новиот милениум, и „Акаса“ ми беше надоврзување на впечатокот кој веќе го имав стекнато. Честитки за Чорничук, just keep going!

Интересно, и вториот фаворит на нашето жири околу кој се кршеа копјата, унгарскиот документарен филм „Еуфорија на постоењето“ на Река Сабо, исто така доби награди и бил дел од потесниот избор на останатите жирија. Сепак, ние се одлучивме за романскиот филм затоа што сметавме дека го исполнува оној, најтешкиот критериум: сниман е неколку години на терен, во различни годишни времиња, што е еден од условите за квалитетен краен продукт. За разлика од него, „Еуфорија“ раскажува силна приказна, но неговата реализација е во зоната на уметничката интерпретација и реализација, и ја немал онаа „тежина“ при ловењето на реалноста и нејзиното веродостојно и убедливо претставување на големиот екран. И она што е најважно, како и кај „Медена земја“, и „Акаса“ има пресвртен момент некаде на средина од приказната, што е важно за комплетна убедливост на еден документарен филм.

Значи, романскиот „Нашиот дом во дивината“ е апсолутниот победник во регионалната конкуренција, додека во меѓународната конкуренција, пак, сите пофалби отидоа на сметка на документарниот филм „Пена“ (Froth) на рускиот режисер Илја Поволоцкиј, снимен меѓу локалната заедница во дивите предели на Мурманск.

Дел од тричленото меѓународно жири, заедно со Горан Девиќ и Ана Кривенко, беше и словенечката режисерка Петра Селишкар, една од основачите на фестивалот „МакеДокс“, која и го прогласи победникот и му ја додели наградата „Голем печат“, секако, онлајн. Доколку сакате да ги дознаете сите лауреати, но и доколку сте љубопитни да ѕирнете како функционира едно организирано онлајн доделување на фестивалски награди, ѕирнете го следното видео (please, copy/paste во нов прозорец на линкот долу).

https://www.youtube.com/watch?v=97KHAsZR2VM

Поздрав до следното ФИПРЕСЦИ жирирање, се надевам, во нормални услови, со посета на фестивалот и проекции на филмовите во кино сали, онаму кадешто им е местото 😉

 

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *