И покрај скандалите што го тресеа последното издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, за терезијата да превагне кон светлата страна на работите се погрижи филмот „Лазар“ на Светозар Ристовски, кој по 11-годишна пауза се враќа на големото платно со уште едно хируршки прецизно сецирање на премрежињата во просечното македонско семејство, како надоврзување на успешниот првенец „Илузија“. Или, пубертетлијата Марко одеднаш станал адолесцентот Лазар, но проблемите и по десет години се истите, неможноста да се побегне од оваа зачмаена средина, а како
единствен авторот на филмот ни ја нуди љубовта, чијашто чистина сепак не е гарант за комплетна исполнетост.
Филмот ни зборува за нашите сограѓани кои за да преживеат, шверцуваат мигранти преку граница или, ако им згусти, ги пуштаат со туби по Вардар од другата страна, во Грција, односно во Европската унија. Освен оваа тема, чијашто актуелност е добар ПР за филмот, сценаристот и режисерот Ристовски во една сцена се занимава и со масовното вадење на бугарски пасош од страна на македонските граѓани, момент што нема да ве остави рамнодушни. Актерската екипа повеќе од солидна, впрочем мотото на Ристовски е дека добар кастинг е половина филм, но искрено жалам што хрватските актери Ведран Живолиќ (Лазар) и Горан Навојец (Мики) во своите изведби се многу подобри од домашните актери, со чест на исклучоците (Наташа Петровиќ).
Сè на сè, „Лазар“ ги задоволува стандардите на квалитетно европско остварување (доби финансиска поддршка и од „Еуроимаж“), во кое визуелната поетика и квалитетно водената камера (Дејан Димески) се добра основа за одење на кино и гледање на овој филм, кој токму во моментите кога молчи, кажува многу повеќе отколку кога фрчат (како и во секој македонски филм) небулозни дијалози. Затоа што и во филмскиот јазик, како и во книжевноста, и воопшто, во уметноста, „помалку“ значи „повеќе“. Првите дваесетина минути се многу впечатливи, а отворениот крај, во којшто останува да лебди прашањето
„Што ќе се случи со главниот лик?“, е одлична провокација за понатамошна дискусија.