Кон „ЛАЗАР“ (2015) на Светозар Ристовски

По 11-годишна пауза, режисерот Светозар Ристовски се врати со ново остварување на големото платно, уште едно хируршки прецизно сецирање на премрежијата во едно просечно македонско семејство, како надоврзување на успешниот првенец „Илузија“. Или, пубертетлијата Марко од дебитантскиот филм како одеднаш да се претворил во адолесцентот Лазар, но проблемите и по десет години се истите – неможноста да се побегне од оваа зачмаена средина, а како единствен излез од тој лавиринт авторот на филмот ни ја нуди љубовта, чијашто чистина не е гарант за комплетна исполнетост. 

Филмот раскажува за нашите сограѓани кои за да преживеат, шверцуваат мигранти преку граница или, ако им згусти, ги пуштаат со туби по Вардар од другата страна, во Грција, односно во Европската унија. Освен оваа тема, чијашто актуелност е добар ПР за филмот, сценаристот и режисерот Ристовски во една сцена се занимава и со масовното вадење на бугарски пасош од страна на македонските граѓани, момент што нема да ве остави рамнодушни. Актерската екипа е повеќе од солидна, впрочем мотото на Ристовски е дека добар кастинг е половина филм. Сепак, хрватските актери Ведран Живолиќ (Лазар) и Горан Навојец (Мики) со своите изведби за нијанса предничат пред домашните актери, со чест на исклучоците (Наташа Петровиќ).

Сè на сè, „Лазар“ ги задоволува стандардите на квалитетно европско остварување (доби финансиска поддршка и од „Еуроимаж“), во кое визуелната поетика и квалитетно водената камера (Дејан Димески) се добра основа за одење на кино и гледање на овој филм, кој токму во моментите кога молчи, кажува многу повеќе отколку кога фрчат (како и во секој македонски филм) небулозни дијалози. Затоа што и во филмскиот јазик, како и во книжевноста, и воопшто, во уметноста, „помалку“ значи „повеќе“. Првите дваесетина минути се многу впечатливи, а отворениот крај, во којшто останува да лебди прашањето „што ќе се случи со главниот лик?“, е одлична провокација за понатамошна дискусија по проекцијата. 

Напишете коментар