„LP fight“: John Coltrane vs New order

Човек во вакви стегнати времиња треба да си го направи кеифот, нели, бидејќи само тоа и останува. Затоа викендов се подновив со две плочи 😊

Со феноменалниот албум „Giant steps“ на Џон Колтрејн, се радувам што дојдов при крај со комплетирањето на колекцијата насловена „1959“, магичната година кога излегле неколку антологиски албуми кои го смениле лицето на џезот.

По соработката со Мајлс Дејвис, кому сите му велеле да го отпушти „малиот“, Џон Колтрејн набргу по сесиите на снимање на број еден албумот на сите времиња, „Kind of blue“, за прв пат снимил плоча во која како лидер ги потпишува сите композиции, и му отвора пат на подоцнежното ремек дело „Love supreme“ (1965).

Како современа контратежа во изборот, со „Get ready“ на Њу ордер мислам дека конечно го имам нивниот најдобар албум на плоча. Многумина ќе речат дека тоа е „Republic“ од 1993, но сметам дека на почетокот на новиот милениум му требаше нов звук, а на овој албум издаден 2001 година, Њу ордер никогаш (а и подоцна) не звучеле толку чисто и поетично, низ моќните бас линии на Хуки како во најдобрите времиња на Џој дивижн.

Башка, во темите „Turn my way“ и „Rock the shack“ вокално гостуваат Били Корган (Смешинг пампкинс) и Боби Гилеспи (Џисус енд мери чеин и Прајмал скрим), а албумот е посветен на починатиот Роб Гретон (1999), славниот менаџер уште од времето на ЏД.

A Барни во „Someone like you“ пее клучни стихови, како создадени за ова време:

„We’re having the time of our lives
We’re lost in a cruel paradise“.

Cheers 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *