Спој на технологијата и човековото тело

Главен член на жирито на годинашниот Кански фестивал беше режисерот што, можеби, понуди најавтеничен пристап во историјата на филмската уметност, Дејвид Кроненберг. Со овој гест филмските работници конечно се смилуваа и некако тивко го признаа поразот на својата неразумност што траеше цели триесет години, од првиот снимен филм на Канаѓанецот, „Stereo“ (1969).

Дејвид Кроненберг е роден во Торонто на 15 март 1943 година. После потојаното играње со сопствената судбина, експериментирајќи на неколку познати канадски универзитети, социјално се камуфлира зад дипломата по стоматологија, но неговата вечна (и остварена) желба ќе бидат (и се) подвижните слики. Некои од епитетите што го етикетираа во овие три декади занимавање со филм се: креативен гениј, луд научник, крал на венералниот хорор итн, што само укажува на специфичноста во чии рамки треба да влезе и овој текст. Или, Човекот е дело – Делото е човек!

Од крајот на 60-те и почетокот на 70-те години, кога со ужасно ниски буџети (15.000$) ги направи првите зачудувачки обиди во филмот, па се’ до денешен ден, тој остана доследен на зацртаниот пат: занимавање со аномалиите на човековото тело, истовремено храбро и филозофски разработувајќи го проблемот на идентитетот. Неговите наслови, почнувајќи од „Shivers“ (1975) и „Scanners“ (1980), преку „The Fly“ (1986), „Dead ringers“ (1988) и „Naked lunch“ (1991), претставуваат единствена валидна енциклопедија на кризата на човековиот идентитет во пост-нуклеарните години на 20 век. И што е најважно, сето ова надвор од холивудскиот монопол.

Деведесеттите години претставуваа мала пресвртница во кариерата на режисерот. Релативниот успех на неговите филмови и понатаму остана негов заштитен знак, но неговиот круг на фанови се зголеми, и покрај перманентната херметичност на неговите слободоумни дела. Од крал на хоророт во 70-те и 80-те, тој, почнувајќи од „M Butterfly“ (1994) понуди поинаков квалитет, внесувајќи нови моменти во толкувањето на приказните, како сензуалноста и сладострастието, кои максимално дојдоа до израз во неговиот претпоследен филм „Crash“ (1997), на врвен и прочестен а-ла-Кроненберг начин.

„eXistenZ“, кој премиерно беше прикаќан токму на годинашниот Кански фестивал, ги задржува сите претходно образложени карактеристики. Кроненберг ја продолжува сагата за „мудроста и лудоста“ на човечката раса, овој пат навлегувајќи во идниот милениум. „Егзистенс“, нешто слично како и клучната реченица во Бароузовиот „Гол ручек“, е оној момент на постоење, кога не препознавате дали настаните што се случуваат се реални или виртуелни. Имено, големите корпорации од иднината на закржлавената човечка раса и’ нудат бегство од суровата реалност со толку уверливи видео-игри, што зависноста од паралелната стварност станува правило, а не исклучок. При едно таков тестирање на нова игра насловена како и насловот на филмот, која се’ уште не е излезена на пазарот, доброволците дури го ризикуваат и својот живот не знаејќи дали при турбулентните настани што се случуваат на неколку нивоа, се’ уште постојат, или тоа е само дел од играта.

Неетаблираните актери (Џад Ло и Џенифер Џејсон-Ли, извинување до нив доколку не се согласуваат со констатацијата) со својата игра одлично се вклопуваат во типичната затвореност на новиот филм на Кроненберг. А изборот на Вилјем Дафо, актер од не-главната холивудска линија, а сепак импресивен во своите досегашни остварувања, само го докажува суптилното чувство на авторот за добар нос при кастингот. Тоа не’ враќа десет години наназад, кога Џереми Ајронс маестрално ја одигра улогата на близанците Елиот и Беверли во „Dead ringers“, со кој „Егзистенс“ има допирни точки во однос на продолжувањето на визиите на режисерот кога се работи за создавање на егзотични направи за филмска намена. Во филмот од 1988 година тоа беа гинеколошките инструменти, а во новиот филм пиштолот создаден од животински коски, чии куршуми-заби веднаш го разнесуваат човековиот череп.

Сепак, вечната преокупација на бизарниот Канаѓанец, спојот на технологијата со човековото тело, е носител на приказната во „Егзистенс“. Неговиот биохемиски талент во првите филмови го истакнуваше со воајеризам при уфрлување на непознат медицински вирус во телото, но интензивноста во современието на филмаџијата му наметна нови критериуми, па така, сите ликови во новиот филм, за да можат да се приклучат во фаталните видео игри, имаат вградено био-понд во ‘ рбетот, отвори за приклучок во „поубавата“ реалност.

„Егзистенс“ може да се смета за summa summarum на целата Кроненбергова филмографија во вториот милениум. Приказната со нејзината испревртена структура и бизарни елементи не’ потсетуваат на двојните агенти и ориенталните животни од „Гол ручек“, парапсихолошките способности на „скенерите“, шизофренијата на „Видеодром“, раскинатите утроби од „Мртва зона“, но сега сето тоа длабоко вградено во свеста и потсвеста на луѓето, носејќи ја цивилизацијата на некое следно ниво. Кроненберг никогаш не коментирал (или, не дај боже, судел) дали тие придобивки влијаат позитивно или негативно, тој само гордо и бескомпромисно ни ја подарува сопствената визија на платното, со што повторно ги разнишува основите на човековото постоење, во кое стравот веќе одамна длабоко ги пуштил своите корени.

@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 11 август 1999 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *