Главната хероина на овој возбудлив роман на Оршоја Крафиат е триесетгодишната Лиа. Нејзината приказна се одвива по линиите на нејзините две бурни врски: љубовта кон некогашната професорка од гимназија, Мари, ја открива преку огледалото на својата врска со подоцнежната шефица – некогаш маѓепсувачката, но на моменти и бескрајно грубата и нечувствителна Лили. Дали Лиа ќе успее да излезе од магичниот круг, поради кој е способна да размислува само во категориите на душевната хиерархија, замислувајќи каква било врска само во зависност од неа? Дали ќе научи да каже “не” и дали конечно ќе се прифати себеси?
Оршоја Карафиат (1976, Будимпешта) е поетеса, писателка, преведувач и публицист. Студирала естонски јазик и библиотекарство на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, подоцна дипломирала и унгарски јазик и книжевност. До 2005 година работи во библиотеката на музејот “Лудвиг” во Будимпешта, каде што организира и разни културни настани. Нејзините публикации редовно се објавуваат во litera.hu, во унгарското издание на „Elle“ и во Magyar Narancs.Позначајни дела: „Тајната песна на Лоте Ленија“ (песни, 1999), „Café X“ (песни, 2004), „Мафија-клубот“ (роман, 2008), „Циганска карта“ (песни, 2009), „Малечката Лили“ (роман, 2012), „Домашното милениче“ (роман, 2013) и „Живее“ (песни, 2015).
Press release
Почитувани, во среда (23.09) во 20 часот во клубот “Гем” (над Менада) во старата скопска чаршија ќе се одржи промоција на преводот од унгарски на македонски јазик на романот “Малечката Лили”, во присуство на провокативната авторка од новата генерација европски писатели, Оршоја Карафиат. Книгата ќе ја претстават промоторките Ана Мартиноска и Ирена Цветковиќ. Преводот на романот е на Златко Панзов (јазична редакција Анамарија Цинеге Панзова), илустрацијата на корицата е на Марија Смилевска, а дизајнот на Бојси (brigada.mk) Излегувањето на книгата е дел од програмата “Креативна Европа” на Европската унија, која го поддржа и гостувањето на унгарската авторка во Македонија.