Фасцинантно одење по воздухот

Најголема заслуга за повторното актуелизирање на документарниот жанр на големото платно дефинитивно му припаѓа на режисерот Мајкл Мур, зад чии култни наслови „Куглање за Колумбина“ и „Фаренхајт 9/11“, иако несомнено се крие машинеријата на Демократите, сепак, тие се едно отворено четиво/критика на современите стравови и недостатоци во американското општество. По неговите социјално ангажирани ремек-дела стана многу популарно да се сними документарен филм кој ќе го привлече вниманието на кино-публиката ширум светот, тренд кој зема голем залет. Годинава еден од најинтересните вакви проекти е доку-драмата „Човек на жица“ на режисерот Џејмс Марш, филм кој светската премиера ја доживеа на Санденс, кадешто и жирито и публиката едногласно му ја доделија наградата за најдобар документарен филм.

„Човек на жица“ е возбудлива приказна која, по подолга пауза на платното, но и во свеста на Американците, во фокусот на вниманието го враќа Светскиот трговски центар, но не преку настаните од фамозниот 11 септември 2001 година, туку многу подалеку во минатото, на 7 август 1974 година. Токму на овој датум Французинот Филип Пети направи еден интересен потег, одење по жица меѓу двете кули-близначки. И се’ би било в ред доколку оваа акробација е изведена легално, со што би предизвикала голема врева во медиумите. Но, лудиот потег на Пети, подготвуван со месеци, бил тотално илегален, па можеби затоа, дури по 34 години, во соработка со режисерот Џејмс Марш, решил да го овековечи настанот за кој малкумина знаат и на целулоидна лента.

Документарецот е снимен според книгата „Да се дофатат облаците“ на Пети, во која прецизно е отсликан секој момент кој акробатот го преживеал за време на 45-минутното „одење во воздух“. Пристапот на режисерот Марш кон ваквата приказна е стилизирана инсценација во комбинација со оригинални фотографии од вистинскиот настан. Резултатот, едноставно, е фасцинантен. Тоа се должи пред се’ на остварувањето на сонот на еден човек кој долго го посакувал тоа, и со кого, додека го гледате филмот, вистински се соживувате. Пети, кој освен меѓу кулите-близначки, одел на затегнато јаже и на мостот Харбур во Сиднеј, како и крај црквата „Нотр-Дам“ во Париз, за својата страст во еден момент вели: „Одењето по жица е славење на животот. Мене ми е здодевно долу, на земјата. Токму затоа себеси се сметам за половина човек, половина птица“. Би заклучиле – прекрасно и романтично гледање на нештата во животот!

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 16 септември 2008 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *