„Матрикс 2“ е сензација, не логика – им го препорачувам само на ескапистите. Тој го има истиот проблем како и вториот дел на „Господарот на прстените“ – се наоѓа на средина од трилогијата
По светската премиера на Канскиот фестивал, второто продолжение на култниот СФ-филм е на репертоарот и во нашите кина. Сонувам, или матрицата ја нападнал некој вирус!? Како и да е, трк веднаш во кино! Сепак, приказната не е толку идеална. Како што се очекуваше, вирусот полека но сигурно ја нагризал и филмската матрикс-идила на браќата Вачовски, кои бомбастично не’ воведоа во третиот милениум со својата автентична визија од првиот дел.
Што претставува „Matrix Reloaded“? Тоа е високо антиципирано продолжение на еден од највлијателните и најпопуларните научно-фантастични филмови во последниве години. Стилизирана приказна со кул херои и куп споредни ликови кои ја носат акцијата на највисоко можно ниво. Прв дел од симултано снимените две продолженија, кои заедно чинат 300 милиони долари, а беа потребни четири години за да ги видиме на големото платно.
И повторно напролет започнува јавањето на тројцата јавачи на Апокалипсата – Нио (Кијану Ривс), Морфеус (Лоренс Фишбурн) и Тринити (Кери-Ен Мос) во подземниот град Зајон, во кој живеат слободарите. Овој пат градот е во опасност, пред неговите порти се наоѓаат 250 илјади машини, заканувајќи се дека ќе го уништат. Хероите имаат 72 часа да го спаат. Патувањето започнува кај видовитата Оракл (Глорија Фостер) која им ги дава координатите на акцијата. Новина во филмот се мултиплицираниот агент Смит (Хуго Вивинг) и редицата нови негативци, меѓу кои се близнаците (Адриан и Нил Рејмент, Меровинџиан (Ламбер Вилсон) и Архитектот (Хелмут Бакаитис).
Технички супериорниот филм и овој пат содржи неверојатни ефекти. И кога на тоа ќе ги вклучиме постојаниот саспенс, сексот, романсата и хероизмот, тогаш добиваме спектакл рамен на првенецот. Но и покрај поголемиот буџет и времето за негова реализација, единствено што браќата Вачовски успеале да направат е да ја кренат акционата тензија на малку повисоко ниво. Двете најдолги и најбрилијантни сцени се токму акционите. Во првата Нио се бори со стариот ривал, размножениот агент Смит. Во втората Морфеус и Тринити се обидуваат да го спасат клучарот (Рендал Дук Ким) од лошите момци на Меровиџиан, Французинот кој исто така е вклучен во матрицата. Но со тоа авторите ја уништиле романтичната визија за меѓупросторот од првиот дел, во кој постојат луѓе-суперхерои, кои работат на тоа да го спасат нашиот задник и да не’ извлечат од здодевното секојдневие во кое сме заглавени.
Повеќе од очигледна е намерата на авторите во својот филм да ги употребат приказните и ликовите од митологијата, овој пат сместени во футуристичко милје. Тука се Персефона (Моника Белучи) и Ниоби (Џада Пинкет), како и инспирацијата од Стариот завет (Зајон и Набукаднезар). Да не заборавиме и дека Избраниот Нио, кој пристигнувајќи во Зајон по подолго време, е пречекан од луѓето од различни религии како Исус кога пристигнал во Ерусалим.
За конфузијата да биде уште поголема, како основно начело во филмот е вградена зен-филозофијата – „Знам затоа што морам да знам“. Ваквите реплики на некој начин ги деградираат главните ликови, кои во првиот дел звучеа многу попријатно и поуверливо, а овде се некако разводенети. Ако во првенецот Морфеус потсетуваше на Мајлс Дејвис додека свири некоја опасна тема, сега е многу повеќе Оби-ван-Кенобизиран отколку самиот тој во „Војна на ѕвездите“.
А за јасно да ја разбереме матрикс-мистификацијата од вториот дел, неизбежно е да го погледнеме уште пар пати. Сцената кога Нио се сретнува со Архитектот, кој се’ ми се чини дека би било подобро да го игра Доналд Сатерленд, изобилува со технички нејасни термини кои се претвораат во небулози. Единствената сценаристичка допирна точка со првиот дел е кратката конверзација на Нио со советникот Хаман (Ентони Зерб), кадешто тој се прашува што би се случило доколку машините се исклучат.
Како и да е, вториот „Матрикс“ е сензација, а не логика, и затоа филмот им го препорачувам само на ескапистите. Тој го има истиот проблем како и вториот дел на „Господарот на прстените“ – се наоѓа на средината од трилогијата. Можеби затоа продуцентите на овој серијал ја искористија истата рекламна стратегија што предизвикува незадоволство кај фановите. Сакале или не, таа гласи: „To be continued“…
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 10 јуни 2003 година.