Милитаристичка драма за хуманоста обоена во розово

Во розово обоениот милитаристички свет на филмот „Солзи на Богот на сонцето“, каде светот претставува комплексно глобално село, приказната се одвива во африканските шуми чиј старомоден трибализам се’ уште изгледа егзотично и привлечно, најмногу поради неговата (условна) нецивилизираност. Ако режисерот Оливер Стоун во филмот „Црниот сокол е срушен“ ни ја пренесе бескомпромисната граѓанска војна во Сомалија, а Дејвид Расел во „Трите крала“ ни го покажа двојниот стандард на Бушовата администрација во Заливската војна во Ирак на почетокот од 90-те години, Антоан Фукуа во овој филм ги поддржува актуелните „хуманитарни интервенции“ на Буш помладиот, но не одговара ниту на основното прашање: Со кого тие, всушност, се борат? Сценаристите Патрик Чирило и Алекс Ласкер конфликтот го сместиле во Нигерија, во која нафтата никогаш не била приоритетна за американската политика, но се работи за држава во Африка за која најголемиот дел од американската публика не знае каде се наоѓа, и во која, стандардно, владее безредието на црномурните варвари, а причините за интервенција се добро симулирани.

Поручникот Вотерс (Брус Вилис) и неговата шестчлена екипа, по повлекувањето од нестабилната држава, добива задача да се врати назад и да ги спаси доктор Кендрикс (Моника Белучи), католичкиот свештеник и двете сестри од канџите на етничкото чистење во разулавената граѓанска војна. Ниту еден од четворицата не се сложува да замине, освен докторката, откако добива ветување дека ќе бидат спасени и нејзините пациенти кои ќе бидат префрлени до безбедната камерунска граница. Сепак, ветувањето нема да биде исполнето и нигериските жители ќе бидат оставени во шумата, во немилост на бунтовничката војска. Грижата на совест која ќе се разбуди кај поричникот го принудува да се врати назад во шумата по цена на губење на целиот тим, и заплетот почнува оттука.

Режисерот Фукуа ги микса хероизмот, солзите и предизвикот во филмот преполн со суспенз и акција, целејќи на машката популација од сите возрасти. Но за жал сите овие елементи се крајно предвидливи и веќе видени. Неговите воени херои се крајно контрадикторни, истовремено водени од начелото „Ние сме роботи и само ја вршиме работата за која сме обучени“, но и од човечките чувства, кои ако веќе се централен мотив во филмот, требало комплетно да се разработат и објаснат. Во текот на филмот ги гледаме епизодистите, офицерот Роудс (Тим Скерит), војникот Зе (Имон Вокер) и бунтовничкиот капетан Садик (Малик Боувенс), чии карактери ни кажуваат дека овој филм, сепак, нема врска со хуманоста, туку само со убивањето и тортурата, или: Африканците се непредвидливи дивјаци, па зошто да се грижиме за нив?

Најголемиот пропуст на режисерот е неизвесноста дали д-р Кендрикс и поручникот Вотерс по филмот ќе имаат врска, како што обично бива, бидејќи во текот на филмот оваа можност виси на стаклени нозе. Но затоа, обајцата на самиот крај добиваат една убаво испеана песна од нативните Африканци, како благодет за нивната платонска љубов. Вери секси 🙂

Работниот наслов на овој филм бил „Човек на војната“, но продуцентите навреме сфатиле дека популарноста на Брус Вилис е во надолна линија, па затоа во игра влегува потентната Моника Белучи, која секогаш е фино да се гледа на големото платно. Филмот има свои светли точки во дизајнот на Наоми Шохан, која успеала амбиентот во Африка да го долови реалистично и уверливо. Директорот на фотографија Мауро Фиоре фантастично ни го доловува движењето на секоја црта на темните лица во уште потемната џингла, а композиторот Ханс Цимер со своето долгогодишно искуство ја заокружува работата во овој проект, засилувајќи ја тензијата во филмот со користење на автентични африкански перкусионистички инструменти во музичките теми.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 18 јуни 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *