Во светот на виртуелното

Со маркетиншкиот потег на продуцентите на „Матрикс“ третото и последно продолжение истовремено да го прикажат во стотици градови ширум светот, вклучувајќи го и Скопје, глобализацијата не само што зема се’ поголем замав и ја разработува машинеријата, туку се обидува и да ни го наметне својот ритам на егзистирање. Но, по гледањето на филмот, сепак сфаќаме дека трилогијата во филмската терминологија означува заокружување на успешниот почеток, а останатото понатаму е само машина за правење на пари, матрица многу пати апсолвирана досега.

„Револуции“ продолжува од она место кадешто застана „Повторно наполнет“. Без обврски да објаснува, првите неколку сцени од филмот се вовед во крајното крешендо реализирано со еден куп специјални ефекти кои експлодираат на сребрениот екран. Фасцинантни творби се Градот на машините, борбата со нив во окупираниот Зајон, површината на сончевата планета Земја, финалниот судир на главните протагонисти додека врз нив паѓа еден тон дожд, итн. Единствен нетипичен момент е тој што двата хероја, машкиот (Нио, Кијану Ривс) и женскиот (Тринити, Кери-Ен Мос) на крајот умираат. Или можеби не? Морфеус (Лоренс Фишбурн), пак, за разлика од првите два дела, делува некако од позадина, отстапувајќи им простор на другителикови, додека вирусоносецот, агентот Смит (Хуго Вивинг), размножен во милион копии, со своите прецизни и зајадливи реплики едноставно фасцинира. „Господине Андерсон, ни недостигавте“, и сето друго станува неважно.

Креаторите на серијалот Енди и Лери Вачовски успеваат да го пласираат својот фанатизам кон подвижните слики во момент кога можноста за употребата на специјалните ефекти во филмот се простира во недоглед. За разлика од инсистирањето на боречките вештини и акционите сцени во претходните филмови, овој пат следиме безобзирно пукање до бескрај, затоа што нивната појдовна точка е слична со онаа на Тарантино: многу изгледани филмови, безброј сцени за рециклирање во пост-модерно милје, многу ликови кои ставени во апокалиптичен контекст делуваат истовремено снажно и возвишено… За жал, поради сето ова трпи приказната која во првиот дел носи моќна порака, а веќе во следните два дела ја губи својата поента. Високата технологија, мегаломанските сцени и небулозните можности на ликовите од „матриксот“, колку и да е флексибилна поставеноста на приказната, на крајот по малку и досадуваат.

Затоа, ако како поаѓалиште и краен заклучок сакаме да си поиграме со идејата на творците на војната помеѓу луѓето и машините во меѓупросторот, тогаш во „Револуции“ пировата победа ја извојуваат луѓето со помош на инволвираноста на некоиод (анти)хероите и од обете страни. Но, браќата Вачовски за да направат еден ваков хај-тек серијал, и тоа како им била потребна моќта и можноста на машините, што значи, крајниот резултат сепак е егал… но со лудо здебелена банкарска сметка на име на лудите режисерки браќа, кои најавуваат дека набргу ќе станат сестри. Сиц!

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 13 ноември 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *