Деновиве во киното “Рамстор” во Скопје домашната публика може да го погледне целовечерното авторско дебитантско остварување на Кирил Трајковски едноставно насловено како и името на главниот лик во филмот, Максим, игран токму од неговиот автор. Најавата во која се вели дека филмот е “приказна за дете кое подлегнува на љубопитноста и заглавува со порок што го прогонува низ остатокот од животот”, снимана во дури три држави: Македонија, Бугарија и Индија (!), а и самиот факт што сценаристот и режисер ја толкува главната ролја во него, навестуваа интересни час и половина проекција. Впрочем, one man show филмските проекти кај нас станаа секојдневие, бидејќи режисерите се и сценаристи и (ко)продуценти на филмовите (за полесно да се препознае каде завршуваат добиените пари), но реткост е кога некој филмаџија ја толкува и главната ролја во сопствениот филм. Сепак, желбата на Кирил Трајковски да покаже што се знае и умее во филмската уметност можеме да ја протолкуваме само како почетничка грешка, која се надеваме дека натаму нема да ја повтори. Едноставно, така си замислил дека треба да изгледа еден филм, и така и го истуркал до крај. Но, сево ова не значи дека додека го гледав филмот во полупразната сала на вториот ден од прикажувањето на “Максим”, не се забавував. Напротив. На почетокот мислев дека се работи за некоја шега која набргу ќе заврши, меѓутоа, потоа, од сцена во сцена, изненадувањата беа се поголеми и понеобични, што ме стави во една прилично опуштена позиција на кино-гледач, кој откако сфатил како не треба да се прави еден целовечерен филм, ништо друго и не му преостанува освен со блага насмевка да ги проследи случувањата на платното до крај.
Трајковски во својот првенец решил да вметне се што го фасцинира во филмската уметност: на моменти гледаме Тарантино кадри, па следи акција, па драма, па психолошки трилер, па езотерична манипулација, и нешто на што авторот највеќе инсистира во текот на целиот филм, спотовски решените парчиња со кои тој веројатно сака да го покаже својот сенс за оваа популарна форма. Згора на тоа, Трајковски како попат да го пишувал сценариото, па она што како приказна му било интересно во моментот, решил да го стави и во својот филм. Од некаков си блед заплет во Скопје, приказната се префрла во Софија, а потоа, верувале или не, финишира во Индија, каде Максим се продуховува и ја пронаоѓа својата љубов. Генерално, во 90-тина минути гледаме ликови кои цело време висат во воздухот, бидејќи доаѓаат од никаде и исчезнуваат онака како што се појавиле, сето тоа со цел да извршат трансформација кај главниот лик, што претставува лектира во секоја книжевна и филмска приказна. Но, за жал, тоа не се прави на овој начин, бидејќи секој лик кој ќе се појави на платното треба максимално да биде оправдан и да има одредена функција.
Всушност, авторот на филмот сакал да поентира со две работи. Првата е отворената фасцинација од алтер-егото на главниот лик Максим, кој, за жал, претставува копија на Џокер од Бетмен серијалот. Цитирањето во филмската уметност е легитимна појава во последниве две декади, но не на толку директен начин. Овој лик е и главен пи-ар момент за целиот филм, од плакатот, преку трејлерот, па затоа не е чесно да се примени буквалната копи-пејст варијанта. Другиот момент е користењето на популарните рапери Тони Зен и Слаткаристика за промовирање на филмот, веројатно претежно помеѓу помладата генерација. Тоа е во ред доколку тие имаа некаква функција во самото дејствие. Вака испаѓа дека авторот само им се додворувал ним, но и на публиката, со тоа што им овозможил да се појават на платното.
Искрено се надевам дека првенецот нема да го обесхрабри дипломецот на Националната академија за театар и филм “Крсто Сарафов” во Софија, Кирил Трајковски, да седне, можеби со поискусни од него, и повторно да го погледне “Максим”, но со отворени сетила, за да сфати дека правењето филм, а потоа и неговото прикажување пред публиката, треба да претставува сосема поинакво искуство. Но, можеби и треба да му се честита на авторот поради храброста да истурка еден ваков проект, чие снимање и пост-продукција траело три години во три држави, со финансии кои претежно доаѓаат од неговиот џеб. Единствено со што се сложувам во врска со овој филм е изборот за негово прикажување во киното “Рамстор”, кој е совршен, бидејќи помладата публика која сака да шета во модерните мол-центри во Скопје е одлична целна група која можеби и со задоволство ќе изгледа еден ваков проект. На крајот на краиштата, можеби и ќе стекне навика почесто да оди во кино.
(Текстот е објавен во Нова Македонија)