Кон „Луѓе во црно 3“ на Бери Зоненфелд

Пред извесно време, додека се подготвуваше да нурне во најголемата длабочина за да се сретне со океанските вонземјани, Џејмс Камерон изјави дека единствената иднина на филмот е 3-Д технологијата. Сопствениците на кината веднаш ја сфатија оваа порака и неколку години по ред успеваат да ја задржат публиката во кино-храмовите ширум светот (во неретки случаи и да ја зголемат), па, според режисерот на “Амбис”, “Титаник”, “Аватар”…, сега на ред е телевизијата, која стана ужасно стерилна. Кај нас, во Македонија, телевизискиот екран е повеќе од семејство, бидејќи оваа кутија, додека најголемиот дел од публиката ги гледа сапуниците од турска продукција, доживува тага, насмевки, солзи, гнев, радост, чувства кои на времето интензивно се доживуваа во затемнетата кино-сала… па ако на крајот излезеш од проекција фатен за рака со симпатијата – полн погодок! Веќе претпоставувате дека овој долг есеистички вовед во една регуларна филмска рецензија си има своја цел – а тоа е потенцирањето на одличниот потег на Младинскиот културен центар, кој работи со киното “Милениум” во Скопје, да го оспособи единственото репрезентативно кино во државата за 3-Д проекции. Краткорочните резултати се веднаш видливи (зголемена кино-посетеност), а оние поважните, долгорочните, значат регрутирање на една сосема нова генерација на филмофили, откако онаа од последниве 10 години комплетно и неповратно е изгубена.

А сега – СПЕКТАКЛ! Трилогијата како легитимна одредница за успешност на некој проект, која пред се (би) му донела енормно големи пари на студиото, и понатаму функционира во Холивуд. Меѓутоа, малкумина претпоставуваа дека кога еден филм речиси ќе се заборави, по неговата реинкарнација на платното може да има успешен камбек. За среќа на Коламбија пикчрс, тоа се случи токму со третото продолжение на научно-фантастичната комедија “Луѓе во црно”, која 15 години по првенецот и 10 години од вториот дел, со најновото годинашно продолжение влегува во друштвото на легендарните ентертејнмент трилогии, со еден куп фанови зад себе. И со право, бидејќи овој филм е еден од оние кои во старт не се претенциозни, иако разработуваат специфична тематика која мора да биде прецизно и до детал сценаристички разработена, а тоа е присуството на вонземјаните на нашата планета и меѓу нас, луѓето, уште од многу одамна. Башка, екипата која стои зад овој проект во последниве години како малку да зар’ѓа, па им требаше мало освежување. Имено, режисерот Бери Зоненфелд веќе шест години нема снимено филм, Вил Смит влезе во некаква си пост-семејна фаза, па после толку пари на контото, како да сака да излезе од филмската индустрија, а ветеранот Томи Ли Џонс што и да боцне на овие години – супер за него! Затоа, “Луѓе во црно 3” на сите им доаѓа како мелем на рана, и сесрдно прифатиле уште еднаш да се прозезаат и да го снимат овој проект.

Третото продолжение на “Луѓе во црно” е приказна за пријателството, довербата, чесноста и храброста, и во најголемиот дел се состои од познати фори и фрази, па затоа би се задржал на две брилијантни решенија, кои се должат на сценаристичката досетливост на Итан Коен (релативно ново холивудско дете, не е еден од познатиот братски двоец). Имено, како и во третиот и последен дел од “Враќање во иднината” на Роберт Ѕемекис, но и кај редица други филмови, и овојпат дејствието на филмот, иако се работи за ес-еф остварување, не враќа назад во минатото, поточно, во 1969 година, а луцидноста во изборот токму на оваа година е што тогаш на сцена биле хипиците – децата на цвеќето, се одржал Вудсток, но на платното во фокусот е полетувањето на Аполо од Кејп Канаверал со цел човековото освојување на месечината . Токму клучната разврска на приказната се случува пред полетувањто на ракетата на пат до земјиниот сателит, но пред нашите филмски херои експресно да долетаат на Флорида, тие во Њујорк ја посетуваат легендарната “Фабрика” (The Factory), која била генератор на свежи идеи благодарение на гуруто на поп-артот, Енди Ворхол. Поигрувањето со неговата величина и првајќи од него исто така мен-ин-блек, односно, агент за вонземјани, претставува еден вид потсетување и лектира за новите генерации кои не се запознаени со неговото влијание врз популарната култура во 20. век.

Вистинско освежување во серијалот, пак, претставува актерот Џош Бролин, кој го игра младиот агент Кеј. Неговиот избор е толку очигледен бидејќи Бролин е плукнат Томи Ли Џонс на млади години, и само требало добро да ги ‘скине’ неговите движења и минималистички реакции за да го постигне бараниот ефект. А кога сме кај ефектите, секако, оние во 3-Д, бидејќи ова е прв проект на Зоненфелд од ваков тип, во првиот дел од филмот малку претерал играјќи си со нив, додека во вториот дел нивната употреба е крената на посуптилно ниво, и со тоа добиваме далеку покомпактна филмска фотографија. Сума сумарум, “Луѓе во црно 3” е одличен почеток на безгрижните летни денови, период во кој луѓето конечно се поопуштени, и во ова економско време-невреме, можеби малку повеќе делуваат како вонземјани. По инерција.

(Текстот е објавен во Нова Македонија)