Месечина, 55 години потоа

Утрешниот датум, 21 јули, засекогаш е врежан во историјата на човештвото како ден кога првото човечко суштество направи отисок со стапалото на Земјиниот сателит. Со мисијата „Аполо 11“ беше заокружен напорот на човештвото да биде физички присутно на друго небесно тело, што се повтори уште неколку пати со следните „Аполо“ мисии. Вкупниот број на космонаути кои оделе по правливата месечева површина досега е дванаесет среќници, на чии приказни,се разбира, не им верува добар процент од луѓето, но мора да има и такви претставници, чисто за да се задржи демократскиот момент во целиот овој вселенски спектакл. Во денешниот текст ќе се задржиме на неколку интересни моменти преку фотографии и приказни поврзани токму со овие активности кон крајот на 60-те години од минатиот век, чија реминисценција веројатно ќе гледаме многу скоро.

Нил Армстронг беше тој избран среќлија што прв стапна на Месечината, изговарајќи ја антологиската реченица „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“. Нему му помагаше Баз Олдрин, а подзаборавениот „трет човек“ кој мораше да остане во командниот модул и оттаму да управува со операцијата, не добивајќи шанса да зачекори барем за момент на небеското тело, беше Мајкл Колинс. Од многуте фотографии што Колинс ги направи за време на мисијата, една ќе стане антологиска. Додека Армстронг и Олдрин со лунарниот модул „Eagle“ се враќале од површината на Месечината, Колинс ја фотографирал Земјата во позадина, и на тој начин станува единственото живо суштество кое не е на таа иконична фотографија, како историски куриозитет.

Враќајќи се малку наназад, на почетокот од 60-те години, да потсетиме дека СССР и САД влегоа во отворена борба за освојување на вселената. Американците ја заокружија истата како први слетувачи на Месечината, но да потсетиме дека трката започна со рускиот космонаут Јуриј Гагарин, кој на 12 април 1961 година за прв пат во историјата на човештвото се вивна во вселената и беше првиот човек кој ја прелета нашата планета околу нејзината орбита. По летот, кој траеше 108 минути, тој се спушти јужно од Саратов. Гагарин подоцна загина во авионска несреќа во 1968 година. На фотографијата горе е неговиот споменик направен од титаниум, висок 42.5 метри, кој гордо стои на плоштадот во Москва кој го носи неговото име.

Се враќаме на историската мисија „Аполо 11“, во која се тројцата американски астронаути Армстронг, Олдрин и Колинс. Додека тие се тресат во кабината вивнувајќи се угоре кон небото, кон Месечината како крајна дестинација, сопругата на Армстронг и неговите две деца се овековечени на фотографијата како од еден брод, со двоглед, го следат вивнувањето кон вселенската шир на нивниот татко со колегите, на 11 јули 1969 година.

Се разбира, ја скокаме толку пати видената фотографија со првиот оттисок на Армстронг на месечевата површина, и се префрламе во регионот. По успешната вселенска мисија, тројцата астронаути стануваат херои насекаде низ светот, и како „Битлси“, прават светска турнеја. Една од нивните дестинации е и југословенската метропола Белград, каде ги провозиле во кабриолет пред насобраните граѓани. Тие не го посетиле Скопје, но капсулата од „Аполо 11“ во таа 1969 година била изложена на плоштадот „Слобода“, пред „Домот на градежниците“, недалеку од „ИЛИ-ИЛИ“ 😉 Таа била поставена на посебна платформа околу која посетителите си движеле и љубопитно разгледувале, а внатре имало три кукли кои ги „глумеле“ астронаути-херои. Биле делени и брошури и беџеви, за спомен и долго сеќавање на таа историска година за човечката цивилизација.

Од куриозитетите поврзани со Земјиниот сателит, да го споменеме следниот: Јуџин Шумејкер (Eugene Shoemaker) e засега единствениот човек погребан на Месечината. Пионерот на планетарните истражувања и основачот на астро-геологијата стана единствениот човек со вечно почивалиште таму горе, кога неговата пепел пристигнала со лунарниот модул „Prospector“ на 31 јули 1999 година. Сега нема кој да му оди на задушница 🙁 Во секој случај, мангупипште!

На почетокот од годинава, базиран на информации од крајот на претходната, напишав еден текст со намерите на НАСА за повторно освојување на Месечината. Во меѓувреме многу од тие планови се изменија и пролонгираа, но не е лошо да се потсетиме на перспективите кои и на оваа генерација ќе и’ овозможат во живо да гледа повторно човечко присуство на Зејиниот сателит. Возбудливо, нели!

И не само Месечината, туку во последнава декада и Марс е во голем фокус. Токму затоа, овој пост зачинет со историски фотографии, кој се надевам дека ви се допадна, ќе го затвориме со прекрасното синкаво заоѓање на сонцето на Марс фотографирано од роверот „Perservance“, кој во моментов непречено си се возика по Црвената планета и будо опсервира. Real beauty!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *