Едно од местата кои беа на листата за посета во Будимпешта беше „Миниверзум“, сместен на најстарата и најубавата улица во градот на Дунав, Андраши утца. Отворен во 2014 година, оваа атракција наменета и за децата и за возрасните е една од најпосетуваните локации во градот. Зошто? Па затоа што е одлична забава за децата (и не само за нив), затоа што е нешто сосема поинакво од вообичаената понуда, има постојана програма со која се анимираат посетителите, и поставката е сместена во прекрасна палата со историско значење, која е достапна од сите делови на градот.
Миниверзумот е цел еден свет претставен во минијатура, во кој до најмал детаљ се претставени реални локации во Унгарија, Австрија и Германија. Поставката вклучува 14 целини, преку сто возови на 1300 метри железнички шини, 600 згради, 1000 автомобили, 5000 минијатурни фигури и исто толку дрвја.
Железничката рута е онаа која тргнува од прекрасната станица во Будимпешта, и преку живописните предели на Австрија се протега се’ до Германија. Притоа минувате крај места во кои се води секојдневниот живот во овие три држави, низ села и фарми, притоа гледајќи како полицајците го легитимираат возачот на камионот, попатно сретнувате и велосипедисти кои се обидуваат да стигнат први на целта од трката, тука се и археолозите кои го ископуваат минатото, а присуствувате и на најсреќните и најтажните моменти од животот – венчавките и погребите.
Миниверзумот е една од најголемите минијатурни изложби во светот. Секако, бидејќи нејзиното седиште е во Будимпешта, дизајнерите не пропуштиле градот да ни го претстават до детали, почнувајќи од Плоштадот на Хероите, па се’ до предградијата на овој милионски град.
Многу ситници, многу приказни, многу сцени кои некој писател, доколку нема дента инспирација, може да дојде тука и да опише одредена ситуација која потоа би ја вградил во својата книга. Освен тоа, поставките се интерактивни, па со стискање на одредени копчиња можете да го регулирате сообраќајот, да ги стартувате и запирате возилата, локомотивите, и со тоа да создадете свој начин на движење на поставените фигури.
На крајот од движењето низ просториите, која од која повозбудлива, Миниверзумот содржи кафатерија и продавница за сувенири, но и простор за игра за најмладите, со дел од макетите во кои претходно уживале, изработувајќи ги тука, на лице место. Уживанција!!!
И како јагода на врвот од шлагот на тортата, макетата со Малиот принц и неговите догодовштини, приказни кои се одигруваат на различни планети во вселената.
Две години претходно го посетивме музејот на стари играчки во Прага, и навистина уживавме во посетата, преточена во следниот текст со фотки 😉
Но, додека го подготвував текстот, за мене беше големо изненадување кога прочитав дека „Миниверзумот“ во Будимпешта, за жал, е затворен некаде пролетта минатата, 2020 година, од едноставна причина што е дизајниран да трае само шест години. Приредувачите на овој прекрасен мини свет кој ги израдува како локалните жители, така и туристите од целиот свет, се надеваат дека некаква друга верзија на Миниверзумот ќе се појави повторно некаде и на некој начин, на радост на многумина почитувачи на оваа мини-уметност со макси-душа.
@Budapest, 2018