Едно од најпопуларните и најпосетуваните места во Прага е Музејот на детски играчки, кој содржи колекција од околу 5000 различни примероци, со што се смета за втор по големина од ваков вид во светот.
Кога сте во посета на прекрасниот замок „Храдчани“ во најубавиот, стар дел од Прага, при спуштањето од другата страна, не онаа кон Карловиот мост, туку спротивно/дијагонално, неизбежно е по калдрмисаниот пат да наидете на Музејот на детски играчки. Тој однадвор не е многу голем и впечатлив, но има сосема доволни седум изложбени соби на два ката, каде можат да се видат играчки пред се’ произведени во старата Бохемија, но и од останатите делови од светот, тематски распоредени од стара Елада па се’ до модерните Дизни херои.
Во квалитетно поминатите неколку часови сигурно ќе пронајдете неверојатни примероци за кои не сте ни знаеле дека некогаш биле создадени, уживајќи во нивната фантазија. Не е баш секојдневие да се посети ваков тип на музеј, кој експресно ве телепортира назад во детството, и токму затоа топла препорака доколку некогаш ја посетите Прага, да си го дозволите ова необично задоволство. Нема да зажалите!