На гости кај Крлежа

Не знам зошто, но првата асоцијација за Загреб отсекогаш ми била „Крлежа“. Веројатно сеќавања на некои минати времиња. Затоа, за време на мојата минатогодишна еднонеделна посета на хрватската метропола, решив дел од времето да му го посветам на книжевниот великан, посетувајќи ја неговата куќа во која го поминал поголемиот дел од животот, и во која на крајот и починал. Денес таа е музеј отворен за посетителите. Ми се чинеше возбудливо да се биде во просториите каде тој пишувал, да се види кои книги ги содржи неговата домашна библиотека, да се помириса застоеноста на тој стар мебел во вилата на влезот од прекрасниот парк „Тушканац“… Има нешто кај книжевниците од стар ков што привлекува, што е дел од таа стара школа чии вредности се универзални, кои денес речиси и да не постојат. Желбата за нурнување барем за момент во тој недопирлив свет си е сосема легитимна желба, но… Секогаш постои едно „но“!

Фино пролетно утро е, десет часот, и градот штотуку се размрдува по ноќната починка. Сместен сум во хотел во „Горниот град“, над симпатиниот пазар „Долац“, и за да стигнам пеш до „Тушканац“, решив да минам низ брдото користејќи го тунелот „Грич“, кој си е во функција.

Изграден во 1943 година за заштита на цивилите во текот на Втората светска војна, тој денес е вистинска туристичка атракција која, барем на мене, ми ги скрати маките да не кружам одоколу за да стигнам на саканата дестинација.

Тунелот е долг, и конечно доаѓам од другата страна на калето. Да, замислете дека низ скопското Кале има долг тунел и одите по него, такво е чувството. Приказната ме потсети на мојот предок кој турскиот паша го преселил од под калето на периферија, за да му биде личен кројач, семејна сага што ја раскажувам во романот „Мина“.

По стотина чекори наидувам на раскрсница која десно води кон центарот, лево кон паркот, а пред мене е ресторанот кој сигурно е многу популарен меѓу локалните жители. Црвената крава е најава за добра кујна, а потоа прваец во киното „Тушканац“ на еден добар филм.

Продолжувам кон десно и девојката која џогира со слушалки на ушите ми дава до знаење дека влегувам во релаксирана зона која се наоѓа во срцето на градот. Возилата се ретки, а воздухот чист и свеж. Патот угоре води кон срцето на паркот, во кој се наоѓа и отвореното кино кое функционира во текот на летото, а десно од патот минувам крај градина која кон брдото се претвора во каскаде на чиј врв фигурираат стари зданија, уште од времето на австро-унгарското царство. Загреб е добра комбинација од старото и новото време, иако „новото“ се заканува дека ќе го поклопи „старото“, бидејќи многу се гради, како и кај нас. Градежната мафија никогаш не спие!   

И тогаш, во далечина, ја здогледувам скулптурата на писателот. Осамен во таа зелена пространост околу него, тој молчи и набљудува. Тоа е и основната работа на еден книжевник, да молчи и да набљудува. А потоа да пишува. Поставен во 2004 година, споменикот е дело на уметницата Марија Ујевиќ-Галетовиќ. Имало повеќе предлози каде да биде поставен, но ливадата на која е сега е местото на кое Крлежа најчесто можел да биде виден кога решавал да ја напушти вилата малку да прошета. Неговата широчина и изразот на лицето, според добрите познавачи, кажуваат многу нешта поврзани со легендарниот книжевник. И навистина се впечатливи.

За пишувањето:

„Да се пишува? Што? Фрази? Глупави, бомбастични фрази? Да се зборува? Кому? Целото човештво веќе десет илјади години не прави ништо друго освен што зборува. Од Сократ до Ватикан само говорници и проповедилници… Да се печати? Кому? Да се докажува? Исто така нема смисла. Што преостанува? Да се лаже? Каде се мостовите преку кои човек може да се спаси?“

Од другата страна на улицата го здогледувам влезот во куќата-музеј. Ме пречекува малку подотворена врата, како да се работи за најдобро чуваната градска тајна: таа е тука, пред вас, но речиси едвај е забележлива. Само за патници намерници. Ја подотворам старата железна капија, таа гласно зачкрипува, и ме пушта во просторот кој некогаш бил главното собиралиште на интелектуалците и политичарите од оној систем, простор во кој веројатно биле донесувани и многу одлуки, за некого кобни, за други благородни. Како црно-белата боја со која е обоен самиот живот.

Црно и бело

„Во играта на црното и белото, јас на светот отсекогаш гледав малку повеќе од црната страна… Писателот мора да сфати дека на оваа цивилизација, која на моменти личи на железничка несреќа со грандиозен стил, амбулантното возило и медицината и’ се попотребни од сето останато. И покрај се’, книжевноста не ги замота своите знамиња, ниту се предаде на милоста и немилоста на бестијалноста и глупоста“.

Отвореноста на просторот и неговата позиција кажуваат се’. Крлежа живеел во стан во центарот на Загреб, но подоцна му била доделена оваа куќа во која продолжил да живее со својата сакана сопруга Бела се’ до нејзиното, а потоа и неговото заминување од овој свет. Таа била првенка на хрватскиот театар и ги играла сите главни улоги во неговите драми поставени на сцената.

Дворот пред куќата навистина изгледа инспиративно, иако на неколку места недостасуваат скултурите, судејќи според празните постаменти. На едно место, крај трупците, фигурира и една малечка сцена, која верувам дека била активна во минатото за едночинки пред одбрано друштво.

При наизменичното искачување кон вилата ги слушам распеаните птици кои прават убава пролетна атмосфера. И сонцето се пробива низ облаците, фрлајќи отсјај врз околното зеленило и убаво уредениот простор, во кој на врвот фигурира куќата-музеј на Крлежа.

Стигнувам во нејзините прегратки и, за жал, ме пречекува затворената врата. Онаа надворешната е отворена, но оваа клучната, е недостапна.

Заѕвонувам на домофонот, но никој не се огласува. Тогаш погледнувам во поштенските сандачиња отстрана и сфаќам дека куќата, освен тоа што делумно е музеј, таа е и нечиј дом. Се надевам дека не го разбудив г-нот Ленски, или не дај боже, г-нот Менгеле… се извинувам (не носев очила), извесниот г-дин Менечело. Да, јас сум на туѓ имот, и треба сериозно да се однесувам.

Но нели музејот е јавен простор отворен за посета на сите добронамерници? Иако нема никакво известување зошто музејот е затворен, и кога е неговото работно време, токму таа мисла го продолжи мојот престој овде, хранејќи ја љубопитноста со кратко/кротко истражување на околината. Ѕирнувам крај рабовите на куќата, каде трупците се наредени еден врз друг, веројатно чекајќи ја следната зима за да ја извршат својата функција. Задниот дел изгледа малку запуштено, а отворениот базен на работ од шумата се чини како одамна да не видел вода. Штета!

Се враќам пред влезот и горе забележувам друг објект. Се работи за гаража во која жителите на оваа куќа ги паркираат своите автомобили од другиот, горен пристап кон домот.

Чинам дека доволно време како неканет гостин поминав во овој, по се’ изгледа, приватен простор, и време беше да си заминам. Среќа што господата Ленски и Менегело не беа дома, би можеле да реагираат. Заминувам со неуспешна мисија да влезам во домот на Крлежа и да ја видам музејската поставка која веројатно работи со специјално работно време. Во истото се уверувам на веб страницата на градот, на која е нагласено дека објектот е отворен за посетители само во петок и сабота од 14 до 17 часот. Во ред, ќе се обидам тогаш.

Хрватите кон Крлежа имаа(т) амбивалентен однос. Впрочем, во тоа лежи и големината на еден интелектуалец. Единственото признание што не го оспоруваат е неговиот придонес кон иницијативата и потпишувањето на указот за единственоста на хрватскиот јазик во 1967 година.

За фразата

„Фразата го претвора човечкиот збор во празнотија, во калап, во глупави шематизирани мисли. Таа не е лага, ниту вистина, ниту илузија. Депласирана гримаса, кревељење на лош момент и на погрешно место. Таинствената сила на кобната фраза за светите нешта на татковината, Бог, уверувањата или принципите е едно од најстрашните историски страшила“.

Се разбира, се нацртав некаде околу 15 часот и во петокот и во саботата, но музејот повторно не беше отворен. Остана неисполнета желбата за посета на некогашѓниот дом на книжевникот подарен на градот во 1986 година од страна на неговиот наследник, доктор Крешимир Вранешиќ. На дваесетгодишнината од смртта, просторот беше отворен за јавноста, но очигледно, не секогаш.

На крајот, повторно посетувајќи ја веб страницата, забележав дека е нагласено (со ситни букви) дека за да се посети некогашниот дом на Крлежа, мора да се јавите на некоја госпоѓа и да закажете термин. Пожелно е, пишува, да се работи за поголема група на посетители. (Следат фотографии од ентериерот на вилата/музеј позајмени од веб страницата).

Во дворот забележувам едно интрересно дрво, со еден корен, но со две тела угоре. Чинам дека го видов и претходниот пат, но не му придадов значење. Сега забележувам дека некаде на средината од обете стебла, има еден впечатлив бакнеж кој двете „тела“, двата субјекта ги соединува во едно. Да, тоа се Мирослав и Бела, помислувам, и се присетувам на фотографијата од нивниот гроб, која ја видов при барањето на информации за работата на музејот. Нивното вечно почивалиште се наоѓа на познатите градски гробишта „Мирогој“ во Загреб.

И по четвртиот, неуспешен обид за посета, решавам да се спуштам до градските книжарници во центарот и да побарам нешто од книгите на Крлежа. Ги наоѓам неговите собрани дела прекрасно вкоричени, но не се продаваат поединечно, туку само во комплет. И тогаш, на заминување, во очи ми паѓа книгата „Разговори со Крлежа“ на Предраг Матвејевиќ.  

Осмото, проширено издание на книгата на Матвејевиќ содржи и компакт-диск. Значи, ќе можам да го слушам и гласот на Крлежа, додека говори за клучната средба со Тито во 1939 година, или пак за судирот во левицата? Одлично! Ја купувам книгата, и во следниот период, и по враќањето, ги голтам интервјуата кои авторот во неколку наврати, и во различни расположенија, ги има водено со книжевникот се’ до пред неговата смрт. Извадоци од ставовите на Крлежа за пишувањето, фразите, црно-белото, имавте можност да сретнете и низ овој текст. Следниот се однесува на книжевната иднина:  

„Што се однесува до „книжевната иднина“, ако ја пишува човекот, тој како човек ќе сонува, а на кој начин ќе сонува кој би можел да каже!? Но нему во сонот сигурно ќе му се појавува неговата човечка стварност, а доколку навистина биде човечка, таа се’ уште ќе се прекршува меѓу доброто и злото, меѓу лагата и вистината, меѓу убавото и грдото. Тоа ќе бидат отворени прашања, бидејќи се без одговори“.

И на крајот, како соодветно надополнување на целата оваа „крлежијанска приказна“, да споменам дека во 2022 година излезе преводот на едно од клучните дела на Крлежа, „На работ од паметот“, во превод на Иван Шопов, а во издание на „Бегемот“. Овој роман, оригинално објавен во 1938 година, е специфичен по тоа што е единствениот кој Крлежа го напишал во прво лице еднина. Поделен во 12 поглавја со слична должина, тој претставува пресек на човековата глупост и храброст да се соочи со светот во кој егзистира.

Првото поглавје е токму „Ода за човечката глупост“, во кое писателот ги соголува сите „фиќфириќи“ кои замислуваат дека светот се врти само околу нив. По воведот, ни се претставува главниот (анти)јунак во книгата, докторот по право кој со својот статус добро котира во општеството. Но гледајќи ги глупостите и неправдите насекаде околу себе, тој одлучува на еден свечен ручек да му се спротистави на моќниот домаќин со една едиснтвена реченица, која ќе го чини се’. Тој поминува низ разни животнми премрежија, вклучќувајќи ги и судењата и затворската казна, на крај сфажајќи дека општеството е устроено на „или-или“ начин: или ќе им се покориш на нормите, колку и да се „глупави“, или ќе бидеш прогласен за лудак.

„На работ од паметот“ и денес веројатно е најактуелното дел на Крлежа, кој како вистински ангажиран интелектуалец, во текот на целата книжевна кариера не се плашел во своите дела да ги тематизира најважните проблеми и настани на епохата во која живеел. Топла препорака 😉

Напишете коментар