„На осамениот брег покрај морето“ од Зоран Фериќ

Романот „На осамениот брег покрај морето“ е составен од девет приказни чии главни ликови се легендарните далматински „галеби“, тие сурови ловци на женски срца и тела, еден вид заштитен знак на југословенските летувалишта во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век. Сместен на островот Раб, романот ги следи судбините на неколку (анти)херои и нивните бројни „подвизи“ на горчливо-духовит начин, специфичен за делата на Зоран Фериќ. Но, покрај машките ликови, слободно може да се каже дека поважни се блескаво разработените женски ликови, локални жителки и туристки, зашто тие ги диктираат нештата и околу нив се врти сѐ.

Зоран Фериќ (Загреб, 1961) дипломирал југославистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Раскази објавува во списанија и весници од 1987 година, но првата збирка раскази, Стапицата за глувци на Волт Дизни ја објавува во 1996 година. Десет години подоцна за неа ја добива наградата „Декада“. За втората збирка раскази, Ангел во офсајд, објавена во 2000 година, ја добива наградата „Ксавер Шандор Гјалски“ и наградата „Јутарњи лист“ за прозна книга на годината.

Првиот роман, Смртта на девојчето со кибритчиња, го објавува во 2003 година, а романот Децата на Патрас излегува од печат во 2005 година. Шест години подоцна, во 2011 година, го објавува романот Календарот на Маите, за кој ги добива наградите „Владимир Назор“, „Јутарњи лист“, наградата на градот Загреб и наградата „Киклоп“ што ја доделува саемот на книга во Пула.

Романот На осамениот брег покрај морето излегува во 2015 година и одлично е примен како од публиката, така и од книжевните критичари во регионот.

На осамениот брег покрај морето: меланхолија, остров, секс и смрт. Иван Јозиќ

Она што почнува како лесна приказна за летните освојување и младешките проблеми, низ понатамошното дејство нуди соголена слика на животните тешкотии со кои сите ние, во поголема или помала мера, ќе се сретнеме. Ема Главина

Растењето и созревањето, неуспешните љубови, фината меланхолија што провејува низ епизодите во кои ги следиме животните приказни на клучните ликови на ова дело го вовлекуваат читателот во временски не толку далечното, но со блага копнеж натопено минато. Теофил Панчиќ

Фериќ и овој пат со умешно концептуално врамување успеал серијата приказни да ги издигне во квалитетен роман кој на многу места изненадува со непредвидени пресврти. На наративен план, Фериќ пред сѐ блеснува со оригиналните заплети, истовремено подигнувајќи ги формално еротските приказнички за митските далматински заводници, т.н. галеби, во комплексна проблематизација на мистеријата на сексуалноста и љубовта, телесноста и страста. Игор Гајин

По „Календарот на Маите“, ова е втор превод на роман од еден од водечките хрватски современи писатели, во издание на ИЛИ-ИЛИ.

„Календарот на Маите“ од Зоран Фериќ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *