На денешен ден пред 41 година се случи фаталниот настан во кој Јан Кертис, фронтменот на Џој дивижн, реши да замине на некое поубаво место, оставајќи последна порака во која вели дека „не може повеќе да издржи“. Во изминатите четири декади се изначитавме и изнаслушавме стотици приказни за настанот на овој датум во 1980 година во домот во Маклесфилд, кој многумина, можеби по малку и претенциозно, го сметаат и за крајот на рокенролот, откако постхумно излезе прекрасниот сингл „Love will tear us apart“. Но, ова не е приказна за Јан, туку за неговата ќерка Натали, која во моментот на посегнување по сопствениот живот на музичарот, таа имала само една година. Многумина веројатно се запрашале што се случува во меѓувреме со девојката која има толку култен татко? Еве ја нејзината животна приказна.
Натали Кертис највеќе ја нервира кога новинарите ќе ја прашаат било што за нејзиното семејство. Таа не сака да живее во сенката на тато Јан, и цело време се труди да се занимава и да го прави она што највеќе го сака – фотографирањето. Се сеќава дека уште на четиригодишна возраст го засакува овој медиум, и оттогаш не се двои од својата продолжена рака – фотографскиот апарат.
Натали детството и младоста ги поминала во Маклесфилд со својата мајка Дебора, каде се школувала во градската гимназија, а посетувала и курс по фотографија. Потоа дипломирала на Метрополитен школата за уметност во Манчестер, со мастер по фотографија. Ако се прашувате за кого навива, таа е фан на Сити, и вели дека за нив навивал и Јан. Во 2009 година во нејзиниот втор матичен град влегува во финалето за најдобра фотографија со фотки од бендови како Doves, the Paris riots и Silversun pickups.
Значи, нема бегање од наследството кое го носи од минатото. Но во интервјуата Натали не го крие тоа, туку напротив, го потенцира влијанието на фотографиите од минатото поврзани со Џој дивижн, кои извршиле големо влијание врз неа, особено оние на славните фотографи од тој период како Кевин Каминс (НМЕ) и Антон Корбијн, но и на целата таа минимал естетика околу издавачката куќа „Фектори“.
Сепак, и покрај сето ова, Натали е скромна личност и се обидува да изгради сопствена фотографска кариера, не „злоупотребувајќи“ ја врската со бендот на татко и’. Таа за себе вели дека едноставно ја знаат како „Нат фотографката“, и толку.
Секако дека Натали растела и се’ уште ја сака музиката на Џој дивижн, потенцирајќи дека е одраз на едно време и начин на живеење, а омилен албум и’ е „Closer“. Исто така сака и кантри музика и често го слуша Џони Кеш. Дури одела и на часови по пијано, но сфатила дека воопшто не е талентирана, и брзо го баталила тоа. Но го сака рок стилот на облекување, па неретко во ноќниот живот на Манчестер може да се види и во таква комбинација.
Натали се’ уште живее на релација Маклесфилд- Манчестер, и скриените агли на овие два града се најчеста инспирација за нејзините фотографии, покрај оние на музичките бендови. Еве неколку од нив, како дел од проектите со кои учествувала на неколку групни изложби низ светот.
Како и да е, плочите од Џој дивижн се гордост во колекцијата на Натали, исто како и во мојата скромна ЛП колекција, надополнети со славната фотка на Антон Корбијн, од постерот кој се’ уште гордо стои залепен на ѕидовите во мојата младешка соба.