Назиф Мујиќ, железото и сребрената мечка

Во четвртокот стартуваше 76-тото издание на „Берлиналето“, кое секогаш е непредвидливо и нуди интересни наслови. Во оваа прилика се потсетуваме на легендарното издание од 2013 година, кога неочекувано наградата за најдобар актер ја доби босанскиот Ром, натуршчикот Назиф Мујиќ, за неговата ролја во филмот „Епизода од животот на собирачот на железо“ од Данис Тановиќ.

Пред 13 години на Берлинскиот фестивал навистина се случи чудо, бидејќи една од најпрестижните светски награди, „Сребрената мечка“, која Џорџ Клуни ја доби на претходното издание, му беше доделена на Назиф Мујиќ од босанското село Сватовац, за неговата улога во филмот „Епизода од животот на собирачот на железо“. Тој практично се игра себеси, а насловот на филмот зборува за неговото занимање, бидејќи Назиф живееше од стар отпад што секојдневно го собираше на блиската депонија.

Филмот е снимен откако на неговата сопруга ѝ било одбиено планираното лекарско испитување бидејќи немала здравствено осигурување. Во наградуваниот филм, тој ја раскажува својата приказна, како и судбината на мнозинството Роми и нивната борба со институциите во БиХ кои им ги негираат основните човекови права. Режисер на документарниот филм е „Оскаровецот“ Данис Тановиќ.

По наградата, на Назиф му биле ветени кули и градови и, како што самиот изјави, бил воден насекаде како вистинска мечка. Екипи од целиот свет доаѓале да го снимаат, но на крајот никој од нив не му помогнал. Се вработил во комунална компанија каде имало мизерна плата. Славата беше само моментна, бидејќи Назиф продолжи да живее тешко, и во 2016 година беше приморан да ја продаде „Сребрената мечка“ за да го прехрани своето големо семејство. Пред тоа, имаше бројни обиди некако да ја зачува и да најде азил во земјата каде што беше награден, Германија. Две години подоцна, тој почина од срцев удар на 48-годишна возраст.

„Назиф помина низ овој свет како пеперутка, тој беше познат само еден ден. Сепак, нешто остави зад себе, приказната за страдањето на еден човек и неговото семејство“, пишуваа светските медиуми по тажната вест за неговата смрт. Ова е уште една потврда дека можеме да бидеме херои – само на еден ден.