„Неми филмови“ од Димитар Димоски

Многу ми е ќејф што во ИЛИ-ИЛИ продолжуваме да ги поддржуваме новите, млади гласови во македонската литература. Еден од нив е и Димитар Димоски, кој во изминатите години го покажа својот талент преку пишувањето раскази, идеална форма за секој книжевен почетник. Тој веќе има освоено неколку награди за нив, а во „Неми филмови“ се претставува како зрел дебитант-раскажувач кој владее со својот израз, раскажувајќи приказни во кои идеално ги сопоставува личното и фикционалното. Свои  деби изданија во ИЛИ-ИЛИ ги имаа Румена Бужаровска, Снежана Младеновска Анѓелков, Ирена Јорданова, Давор Стојановски… Димитар Димоски на достоен начин ја продолжува таа низа, отворајќи простор за понатамошен развој на сопствениот раскажувачки талент.

„Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина. Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Оттука, делото започнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го навестува она што понатаму следи, а тоа е дека
расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и надополнуваат во темите кои ги обработуваат.

Филмската уметност е еден од заедничките именители на ова дело: филмот како метафора или како концепт за време. Неретко, приказните го истражуваат односот помеѓу филмското и реалното време, така што, многупати ликовите се впуштаат во некоја интимна, метафизичка борба во која не можат да си го најдат ниту времето, ниту местото. Заедничко за расказите е што тие се случуваат на места ослободени од топоними,
но со сите особености на мали, провинциски места. Ликовите од расказите мечтаат со скромна невиност својствена на оние кои не интелектуализираат. Во потрага по својата осаменост којашто напати е невозможна во малите заедници, ликовите бесцелно се впуштаат во дискусии за филмовите, музиката, фудбалот, па дури и езотеричноста
на самиот живот.

Од друга страна, во овој ракопис сеприсутен е и мотивот на семејството, односно мотивот на домот и поимот за дома. Во секој нареден расказ се чувствува постепена градација во однос на чувствата, описите и внатрешните дилеми, но и на видливата промена на стилот и техниките на наративност. Така, ако љубовта и животот од една комична точка на почетокот преминуваат во апсурд некаде на средина, на крајот заземаат форма на
неизмерна тага. Раскажувајќи во прво лице, се чини како нараторите „секогаш да раскажуваат еден ист расказ“, како што тврди протагонистот од расказот „Величествената убавина“, и „во тој расказ, на крајот секогаш некој умира“.

Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме.


Димитар Димоски (1992) е роден во Охрид. Добитник е на наградите: „Нова Македонија“ за расказот „Создавач на светови“ (2014), награда „Живко Чинго“ за расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ (2015) и „Нова Македонија“ за расказот „Неми филмови“ (2016). Член е на литературниот клуб „Григор Прличев“ од Охрид. Збирката раскази „Неми филмови“ е негова дебитантска книга.

Кон збирката раскази „Неми филмови“ на Димитар Димоски

Димитар Димоски е млад дебитански автор, роден во 1992 година во Охрид. После дипломирањето, студирал продукција на Филмската академија во Охрид. Димоски последниве три години го привлече вниманието на македонската читателска публика пред сè на социјалните мрежи и интернет портали, но и како добитник на неколку значајни македонски признанија за краток расказ. Имено, Димоски е двоен добитник на
конкурсот на Нова Македонија, и тоа: второ место за расказот „Неми филмови“ на конкурсот на Нова Македонија во 2016, и откупната наградата на истиот конкурс за расказот „Создавач на светови“ во 2014 година. Во 2015 година, пак, победува
и на конкурсот „Живко Чинго“ со расказот „Мојата куќа во Крс’ џамија“.

Неговото прво дело „Неми филмови“ претставува збирка раскази кои авторот ги пишувал во текот на неколку години. Расказите претставуваат своевидна наративна мапа на животот во малите градови и заеднички мотив на секој од овие раскази е поимањето на провинцијата како начин на живеење или како својство на човековата природа. Ова дебитантско дело срамежливо кокетира со малите урбани херои – ликови кои не успеваат да си го пронајдат местото во животот или пак кои стојат и чекорат во место. Оттука, пишувајќи во прво лице, авторот насочено нè води низ темите што ги развива со колоритен јазик, ослободен од надворешната форма што би значела – опис на настаните и било какви стеги во изразот и стилот.

Низ расказите провејува една топографска нестабилност, удвоени и исплетени нарации, а
стилски книгата понекогаш продира отаде границите на магичниот реализам и надреализмот, па така авторот, доживувајќи го расказот како еден „краток миг“, мала мини експлозија, умешно го полни неговото јадро до самиот крај, до точка на потребен притисок кој завршува во малечок микрокосмос.

Како и истоимениот расказ од збирката, книгата „Неми филмови“ во својата суштина се занимава со проникливоста на љубовта, било да е тоа смешно, тажно или апсурдно и најчесто преку ликови кои често немаат што да си кажат меѓу себе, или имаат премногу, но го грешат мигот и часот, живеат малку порано – во минатото, или час понапред – во иднината – но никогаш сега и тука.

Сè на сè, книгата на Димитар Димоски е дело на млад автор со огромен потенцијал, и што е најважно, преку неа тој успешно се приклучува на новата генерација македонски автори и полека, но сигурно ја освојува својата поетика и своето место под книжевното небо. Се работи за автор што поседува огромен креативен потенцијал, кој навестува дека во иднина ќе се зголемува и обогатува и облагодарува.

Ненад Јолдески

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *