„Дрезден: Лица, Простори, Време“ во КИЦ

Во галерискиот простор на КИЦ во тек е изложбата насловена „Дрезден: Лица, Простори, Време“ на тројца фотографи: Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман, под кураторство на Владимир Јанчевски. Изложбата, отворена во петокот, ги отвори и „Деновите на европско Скопје 2019“ во организација на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје, кои ќе траат и во следниве денови проследени со уште неколку настани од културата.

На изложбата можат да се видат фотографии од збратимениот град Дрезден погледнат низ објективот на тројцата фотографи, кои на различен начин го гледаат и му пристапуваат на овој град, кој во Втората светска војна по бомбардирањето речиси беше срамнет со земја, за потоа да изникне како феникс од пепелта и да го врати својот препознатлив сјај.

Иван Блажев го зема токму тој момент како тема, надополнета и инспирирана од познатиот роман „Кланица пет“ на американскиот писател Курт Вонегат, и низ посебна техника на дигитална камера обскура ни се претставува со десетина фотографии кои како да ја содржат патината на еден стар Дрезден кој неколку пати го менувал својот лик, проблематизирајќи го кревкото сеќавање кај луѓето.

 

Матијас Шуман, пак, гостинот од Германија роден близу Дрезден и кој поголемиот дел од својот живот го поминал во овој источногермански град, се претставува со два серијала во кои доминираат градските споменици претставени во диптиси и триптиси, скулптури во јавниот простор кои датираат од две епохи – барокната наспроти повоениот соц-реализам. Неретко на фотографиите може да се забалежи дека на многу мал простор тие се присилени да си „живеат“ едни до други.

И на крајот, Александар Кондев решава да излезе на улиците на Дрезден и да го фотографира секојдневието низ ликовите на овој град, без разлика дали се неговите жители или пак туристи – случајни минувачи кои веќе следниот ден ќе го напуштат.

Посетете ја изложбата во КИЦ што побргу, бидејќи трае само до среда, 30 октомври 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *