Приказната сакаше да бидам на еднодневно пропатување низ Загреб, на пат кон писателската резиденција на Истра. Покрај кафето во едно од бистроата на поранешен „Трг Републике“, денешен „Трг Бана Јелачиќа“, решив времето да го потрошам конструктивно и да ја посетам изложбата во атрактивната галерија „Кловиќеви двори“. И не погрешив, иако ми требаа речиси две години за доживеаното низ текст и фотографии да го изнесам тука, на овие херојско-виртуелни страници полни со изненадувања. Но, никогаш не е доцна кога се работи за безвременска уметност, а особено за онаа на уметник како Густав Климт, чиј „Бакнеж“ ми е една од омилените слики. Но, во случајов, се работи за something completely different, што би рекле Монтипајтоновците 😉
По пријатната прошетка низ една од улиците кои водеа кон горната „Камена врата“, притоа наидувајќи и на други особености, како таблата посветена на внукот на Данте кој на времето бил граѓанин на Загреб, конечно влегов во предворјето на атрактивниот простор „Кловиќеви двори“, каде во последниве десетлетија се приредени некои од највозбудливите изложби во хрватската метропола.
Овој пат популарната галерија ги вдоми делата на славниот австриски сликар Густав Климт и неговите соработници, а интересот и посетата на публиката, според новинските известувања, се завидни. Изложбата насловена „Климт во Риека – љубов, смрт и екстаза“ најпрво беше поставена во матичниот град, а потоа се пресели во Загреб, во соработка со Музејот на Град Риека. Коавторки на изложбата се Дебора Путишек Антиќ и Ирена Крашевац, а како кураторка е потпишана Валентина Бах.
Изложбата идејно е зачната во 2014 година, и станала еден од клучните моменти во проектот „Риека – Европски град на културата 2020“. За жал, сето замислено не можеше да се реализира до крај, па и ова беше еден од настаните кои поради пандемијата со корона вирусот беше одложен и реализиран дури една година подоцна, во 2021-та. Изложбата на публиката и’ ги доближи раните дела на еден од најславните уметници на сите времиња, Густав Климт.
Зборот „доближи“, вели кураторката, може буквално да се сфати бидејќи се работи за слики кои ги изработиле Густав и Ернст Климт, како и нивниот соработник и пријател Франц Матш, за сводот и по нарачка од риечкиот театар „Иван Зајц“. Првата и досега единствена шанса да се видат одблизу била во далечната 1885 година, кога биле изложени во Музејот за уметност и индустрија во Виена, каде се донесени директно од ателјето на уметниците, а по изложбата веднаш биле транспортирани во Риека, каде биле поставени на штотуку изградената нова театарска зграда, на местото на дотогаш прочуениот „Театро Комунале“. Лудо и инспиративно е да се игра на театарската сцена кога знаеш дека над твојата глава „висат“ делата на Густав Климт!
Значи, по долги 136 години сликите можеа да се видат од нормална перспектива на посетителот, откако се симнати од висина од 20 метри и темелно се реставрирани. Се работи за вкупно девет слики, од кои по три имаат изработено Густав, Ернст и Франц. Сигурно ф(ра)ерска била и поделбата на хонорарите од тогашната царска Виена!
Густав Климт работел на трите дела со ликовите на света Сесилија, Антониј и Клеопатра, и Орфеј и Евридика. Иако риечките слики стојат на почетокот од кариерата на Климтовата уметност, во нив се отсликува вештата рака на мајсторот, кој во првата декада од своето творештво се развива меѓу два пола – од една страна е под силно влијание на Школата за уметност која ја посетувал, а од друга под влијание на тогаш највлијателниот виенски сликар Ханс Макарт, се наведува во каталогот. Затоа и Климт подоцна го сметале за негов легитимен наследник поради виртуозноста и леснотијата на сликањето, како и поради смелоста во употребата на боите.
Иако нарачката содржела зададени теми со алегориски приказ на музичките видови, Климт отстапува од цврстиот канон на 19 век и на алегориските прикази им вдахнува нови, послободни содржини и интерпретации. Токму затоа авторките на изложбата сметаат дека и овие дела треба рамноправно да стојат во каталогот на раниот Климт, а не како досега, да бидат занемарувани.
Неговиот брат Ернст за потребите на сводот во риечкиот театар ги слика „Алегорија на театарската уметност“, „Генијот со труба“ и „Генијот со корпата со цвеќе“.
На Франц Матш, пак, му припаѓаат делата насловени „Алегорија на љубовната поезија“, „Алегорија на танцот“ и „Алегорија на комичната опера“.
Ова беше сјајна прилика да се видат одблизу делата на Климт и неговите соработници, како да се наоѓате во нивното виенско ателје кон крајот на 19 век. Изложбата во „Кловиќеви двори“ траеше од 12 април до 26 јуни 2022 година.