Отворено јубилејното издание на „ЗагребДокс“

Синоќа во 20 часот, во најрепрезентативната кино сала на комплексот „Каптол“, беше отворено 20-то, јубилејно издание на „ЗагребДокс“. Фестивалот кој важи за еден од најзначајните во регионот и кој на едно место го собира кремот на светската креативна документаристика, синоќа беше отворен со 7-минутен ТВ прилог од 2005-та година емитуван на „РТЛ“, кој присутните ги потсети на почетоците на овој настан и на сето она што како план било зацртано пред 20 години, а остварено и реализирано (и многу повеќе од тоа) две децении подоцна.

Новиот извршен директор на фестивалот, новинарот и филмски критичар Хрвоје Пукшец, не’ информираше што ни носи годинашната фестивалска програма, која изобилува со прекрасни остварувања. Во неколкуте селекции публиката во следните седум дена ќе има можност да погледне безброј приказни од целиот свет.

Регионалната селекција ни носи 21 наслов за кои заедно со колегите од „ФИПРЕСЦИ“ жирито, Милена Зајовиќ од Хрватска и Хамед Солејманзадех од Иран, ќе треба да одлучиме кој ќе ја понесе престижната награда на Интернационалното здружение на филмски критичари оваа година.

Директорот и мастермајндот на фестивалот, Ненад Пуховски, им се заблагодари на сите кои во овие две децении придонеле за раст на овој празник на креативната документаристика, а меѓу нив беше и режисерката Дана Будисављевиќ, како соработничка уште од првиот фестивалски ден, која потоа, да потсетиме, сними многу документарни филмови, меѓу кои и прекрасниот и наградуван „Дневникот на Диана Б.“, за преживеаните жртви и нивниот третман во конц-логорите низ Хрватска за време на Втората светска војна.

Фестивалот има голема поддршка од градот Загреб, и затоа актуелниот градоначалник Томислав Томашевиќ ја имаше честа свечено да го отвори јубилејното издание, на кое гостуваат стотина професионалци и автори од целиот свет. Документаристите не сакаат гламур, нема атрактивни актери, црвен килим и слични папазјании, па самото отворање синоќа имаше пристојна, човечка димензија, и баш беше пријатно да се присуствува на таков пријатен и професионално подготвен настан. Затоа и сосема природно му прилега оној знак „WOW“ кој стои на еден од ѕидовите на симпатичната кино сала во „Каптол“.

Во оваа година на избори насекаде низ светот, и во Хрватска граѓаните ќе гласаат за нови пратеници, и тоа за две дена, в среда, на 17 април. Токму затоа организаторите на „ЗагребДокс“ одлучија филм на отворање да биде „Насмеана Грузија“ на режисерот Лука Берадзе, кој се обрати преку видео порака не можејќи да биде присутен на фестивалот поради новиот проект на кој работи.

Филмот на Берадзе раскажува за рурална Грузија и измамата на Миша, еден од претседателските кандидати во минатото, кој на населението му ветил, доколку гласаат за него, дека ќе им ги поправи сите расипани заби. Миша не станал претседател и бргу заборавил на приказната, оставајќи пустош зад себе, кој резултурал со илјадници извадени заби на граѓаните и многу нови животни искушенија за нив. Прекрасна сатира на предизборието во кое живееме, на ветени, но неисполнети ветувања, на срушени надежи, на мислата дека сами треба да го кроиме животот до крај, иако живееме во заедница која треба да покаже емпатија за Другиот.

Прекрасен избор за филм на отворање, да тргне со насмевка (иако горчлива) новото издание на фестивалот, кој ќе трае до недела, 21 април. А за крј на вечерта, се разбира, опуштање низ пијачка и закуска во прекрасниот Синема бар 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *