Славниот научник кој во последниве децении низ разни популарни шоуа се обидува да ја приближи вселената и нејзините законитости до обичниот човек, деновиве излезе со еден предизвик, во кој јасно вели: „Ако ја напуштите Земјата на 15-годишна возраст во вселенски брод кој шиба со брзина на светлината, и останете пет години во вселената, кога ќе се вратите на нашата планета ќе имате 20 години, но сите ваши пријатели кои имале 15 години како и вие кога сте ги напуштиле, сега ќе имаат 65 години. Овој феномен во физиката е познат како „времескo проширување“. Дали би прифатиле ваков предизвик?
Оваа „временска провокација“ на Нил деГрас Тајсон ме потсети на омилениот СФ филм „Блејдранер“, во кој репликантите се создадени да траат четири години, и ниту ден повеќе. Последното обраќање на Рој Бети (Рутгер Хауер) кон Рик Декард (Харисон Форд) е антологиска сцена во филмската историја. Веројатно доколку се прифати предизвикот, на остарените пријатели ќе може да им се раскажува за доживувањата околу „shoulder of Orion“ или кај „Tannhauser gate“, но заклучокот на крајот повторно би бил дека „сите тие моменти ќе бидат загубени во времето, како солзи во дождот“. Чудно искуство е да се живее со страв од смртта, нели!?