Филмот кој минатиот септември се закити со „Гран жири прајз“ на Венециската Мостра, илити втората награда по вредност веднаш зад „Златниот лав“ кој Милчо Манчевски го „лапна“ во далечната 1994 година, и покрај неколкумесечната дистанца оттогаш, сепак е вреден за внимание. Но не само поради тоа, туку пред сè поради неговата исклучителност и повеќеслојност, чија сугестивност трае и неколку денови по неговото гледање. Се работи за второто долгометражно остварување на сценаристот и режисер Том Форд, за чиј првенец “A single man” (2009) прочитав еден куп пофалби, но за жал, не успеа да му дојде редот за гледање. Затоа со нетрпение седнав да го изгледам „Ноќни животни“ (Nocturnal animals) и добив и повеќе од очекуваното, со оглед на предрасудите кои однапред на Форд не му даваа некаква шанса бидејќи дознав дека се работи за познат моден дизајнер и креативен директор на познатите брендови „Гучи“ и „Ив Сен Лорен“, но, еве, признавам, се радувам што згрешив.
„Ги засакуваме работите уште како млади мислејќи дека имаат некакво поинакво значење“ е мислата која го носи првиот дел од филмот, и која подоцна ќе има своја (не)очекувана последица/разрешница. Но она што се случува помеѓу се фрапантните случувања на едно американско семејство, кое по игра на случајот ќе заврши во рацете на криминалците од отворениот автопат. Препознатлив екстериер на многу open road американски остварувања, но убавината е во нијансите, нели.
„Ноќни животни“ е филм во филм, поточно, книга во филм, односно, книга во книга доколку се земе предвид фактот оти се работи за адаптирано сценарио според романот насловен „Тони и Сузан“ на писателот и ко-сценарист Остин Рајт. Сузан ја поседува најпопуларната галерија во уметнички секогаш гладниот Лос Анџелес, кој како град мора да му парира на Њујорк во секој поглед. Очигледно,и покрај успехот, таа сепак не е исполнета во својот живот. Одамна загубените чувства повторно заигруваат во неа откако една вечер ќе добие ракопис од нејзиниот прв сопруг, кој сака таа да биде првиот читател на неговиот сè уште необјавен роман. И така почнуваме да следиме приказна во приказна, таа позната постмодерна алатка во книжевноста и во филмската уметност, со која многумина автори умешно владеат. Но, Том Форд ми се чини дека отишол подалеку, и постапката ја освежил на свој начин. Многу ми се допадна што истиот актер (Џејк Гиленхол) го игра и писателот и екс-сопруг на Сузан, и главниот лик во неговиот роман. Во тоа е и штосот на филмот. Едноставно, самите ги редите коцките во однос на идентификацијата со него преку разните реминисценции кои режисерот ни ги нуди како сложувалка за мозаикот. И ако Квентин Тарантино во „Евтини приказни“ и веќе споменатиот Манчевски во „Пред дождот“ си играат со испревртеното филмско време во внатершната структура на филмската нарација, Том Форд и’ дава своја димензија на постапката, вметнувајќи ја одмаздата како клучен фактор во целата поставеност на дејствието. Стравовите со кои бил обремент бракот на тогаш младите Сузан и Едвард, во романот добиваат свои реални монструми, чија насилност на крајот доведува до фатален крај во кој никој не е поштеден.
Во филмот има уште неколку брилијантни парчиња. Незаборавна е сцената меѓу мајката и ќерката во која поискусната советува дека она што го сакаш во младоста кај избраникот подоцна најверојатно ќе го мразиш. Во оваа сцена на многу суптилен начин се зборува и за класната поставеност во едно општество, со заклучокот дека на крајот „сите се претвораат во своите мајки“. Дуалитетот и спротиставеноста на нештата преку постапката на паралелна монтажа, всушност, како да се одлика на целиот филм, и од сцена во сцена откинуваат парче од тебе како гледач. Во прилог на оваа констатација е и незаборавната сцена со голите тела со надвиснато и остарено месо на танчерките од почетокот на филмот, наспроти голите и совршени мртви тела на мајката и ќерката на каучот во тексашката пустелија. Фасцинантно!
Актерската екипа во филмот на Форд е многу добра. Ејми Адамс дозирано, и на моменти експлозивно, го гради својот лик на докрај (не)реализирана жена. Џејк Гиленхол е еднакво добар и како младиот романтичен писател со планови за иднината и како сопругот кој го губи семејството во сосема неочекуван момент од својот живот во рамките на романот. Но дефинитивно најголем впечаток остава Мајкл Шенон како полицаецот задолжен за тексашкиот романескен случај, човек кому му останува неполна година од животот поради ракот, и немајќи што да загуби, сака докрај да се пресмета со оние кои се негова опсесија во текот на целата полициска кариера. Шенон, чија интерпретација многу наликува на она што Томи Ли Џонс знаеше да го одигра на врвот од својата кариера, во 90-те години од минатиот век, освен наградата за филмот на фестивалот во Венеција, и покрај бројните номинации во разни категории, останатите се слеаја токму на контото на овој одличен актер за најдобра споредна улога на различни фестивали ширум светот.
„Уживај во апсурдноста на овој свет, тоа е помалку болно од случувањата во вистинскиот живот“, и’ вели братот на главната протагонистка, која на крајот ја учи лекцијата на својот живот, додека осамено го пие своето којзнае-кое-по-ред виски во ресторанот. Токму недостатокот од хепиенд му дава уште поголема длабочина на овој филм. „Ноќни животни“ е ноар трилер за тоа како уметноста може да влијае врз реалниот живот и во симболична и во метафорична смисла, затоа неговата совршена спакуваност уште далеку потоа одѕвонува во главата.
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)