Номад во светот на Орвел

На патувањето во Венеција, градот на инспирации и илузии, во која беше актуелно 71. издание на венециската „Мостра“, најмногу се израдував поради можноста за посета на куќата-музеј посветена на Корто Малтезе, стрип-херојот на Хуго Прат, кој во овој контролиран свет во кој од секој агол нè набљудува Големиот брат, тој остана единствениот романтичен карактер преку чиишто авантури низ стрипот и филмските и ТВ-екранизации можеме да се потсетите на еден далечен и невин свет, во кој човечката доблест сè уште беше ценета.

Во време во кое посетата на кој било град во светот можете да ја направите виртуелно, буквално симнувајќи се на неговите улици и станувајќи дел од неговиот дневен ритам барем визуелно, сепак можноста реално да посетите една од светските туристички топ-атракции како Венеција ви ја внесува потребната доза на возбуда додека ги правите рутите низ кои ќе се движите за време на прошетките низ градот со безброј мостови. И додека течат последните подготовки, сфаќате дека сето она што претстои пред вас е еден голем „филм“ што навидум е предвидлив, но откако ќе се доживее, се констатира дека тој е сосема надвор од сите претходни очекувања.

Паралелно со одржувањето на 71. издание на најстариот филмски фестивал во светот, венециската „Мостра“, на кој продефилираа безброј актуелни филмски ѕвезди, кои одвреме-навреме се појавуваа и низ венециските улици, интересно беше да се видат и знаменитостите што ги нуди градот што многу често бил (и сè уште е) инспирација на писателите и филмаџиите. Додека пиете кафе во некое симпатично кафуле покрај Големиот канал, што ја дели Венеција на половина, се присетувате на класикот на Томас Ман, „Смрт во Венеција“, кој во 1971 година на големото платно го екранизираше легендарниот Лукино Висконти, со Дирк Богард во главната ролја, додека, пак, погледот кон отвореното море од Мостот на воздишките ги враќа сликите од „Трговецот од Венеција“ и Ал Пачино кој, иако токму во тие моменти беше присутен на фестивалот, промовирајќи два свои нови филма, сепак неговата интерпретација на Шекспировиот лик во режија на Мајкл Радфорд е една од неговите најдобри ролји во кариерата.

Токму споменатиот господин Радфорд ја адаптираше и утописката „1984“ на Џорџ Орвел, што денес по сите параметри стана општа реалност, но потрагата по тајните на венециските сокаци и скриени катчиња мора да продолжи со несмален адреналин, како еден вид авантура во светот во кој сè е контролирано, а веројатно најмногу чувствата на добронамерните туристи. Меѓутоа, доколку како крајна дестинација ја имате куќата-музеј на Корто Малтезе, отворена во 2012 година, во чијшто правец на движење ве пресретнуваат неколку папараци во лов на филмските ѕвезди кои инкогнито сакаат да влезат во некој музеј или во некоја базилика, тогаш „филмот“ што го имате во главата во тие моменти е вреден за живеење.

Фин вовед во приказната Корто Малтезе претставува попатната книжарница „Аква Алта“, што во време на накачена водосостојба во Венеција честопати знае да биде и поплавена. Во оваа симпатична книжарница можат да се најдат вистински бисери на светската книжевност издадени на различни јазици. Секако, една полица е посветена на стрип-албумите на Хуго Прат посветени на вечниот номад, во различни пакувања и за сечиј џеб. По добриот пазар, сите патишта водат кон куќата-музеј на Корто Малтезе, која, барем според сајтовите на мрежата, нуди сè што еден фан на овој чудесен лик може да посака: од изложба, преку разни дреболии, до можност да се облечете како Корто и да добиете фотка за спомен и долго сеќавање. Но… секогаш има „но“.

Локалното момче, кое веројатно живее отспротива, кога наидовме на заклучена врата, ни кажа дека музејот е затворен нa почетокот од оваа година, веројатно поради нерентабилност. Едноставно, во Венеција има толку многу работи што треба да се видат, што Корто Малтезе веројатно не е на врвот на приоритетите на посетителите, го парафразирам љубезниот Италијанец кој тоа ни го објасни на одличен англиски јазик. Додека со спуштени рамена заминувате којзнае каде понатаму, попатно паѓа дискусија дека ова сосема се совпаѓа со сликата поврзана со херој каков што е Корто Малтезе, кој во приказните на Хуго Прат вечно талка низ меридијаните како номад чијшто дом е светот во целина… но и воопшто, со состојбата во стрип-културата низ светот, што секогаш преживувала на маргините, со чест на исклучоците, на пример, суперхероите на „Марвел комикс“, за кои нема зима поради поврзаноста со Холивуд. Како и да е, пропадна можноста да ја комплетирам меморабилијата Малтезе со уште некој заостанат стрип-албум и особено со неколкуте филмови на француската „Канал +“, што пред десетина години ги реализираше на радост на почитувачите на овој лик.

И покрај разочарувањето, сепак доживувањето на Венеција е силно и единствено, бидејќи во исто време ги чувствувате мирисите на градот чиишто кулиси се градени многу векови наназад, а токму тие стари камени згради во своите пазуви кријат вистински бисери на модерната и на постмодерната уметност, што мамат од ѕидовите на галериите, како галеријата „Ка’Пезаро“, во која уживате во делата на Василиј Кандински, Густав Климт, Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн… или, пак, онаа на ценетата Пеги Гугенхајм, една од најголемите мецени на уметноста во минатиот век, во која ве заплиснуваат убавините на делата на Салвадор Дали, Макс Ернст, Ман Реј…

Всушност, Венеција ви овозможува да патувате низ вековите на толку мал простор, низ сон што се сонува со отворени очи, исто како што Корто Малтезе (читај: Хуго Прат) го сонуваше својот живот, патувајќи низ светот полн со неправди, но со надеж и верба во човековите доблести и можности.

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и во магазинот „360“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *