Во „Филмополис“ број 273 направивме прилог за снимањето на новото македонско остварување „Ова не е американски филм“, чија мобилност на екипата во тие денови се забележуваше на разни локации низ главниот град. Нам ни дозволија да ги снимаме на покривот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, каде што се одвиваше една гангстерска филмска сцена, во чија реализација беше вклучен поголемиот дел од актерскиот ансамбл. На покривот, со скопското сонце над нас, позборувавме со истите протагонисти како и при подоцнежната премиера на филмот, па затоа одлуката падна да го претставиме интервјуто со екипата на веќе гледан филм, по кинопремиерата во „Милениум“, за разлика од зафркантските изјави за време на снимањето, кога многу работи во однос на филмот сè уште беа отворени и лебдеа во воздухот. Но, забележав и за време на тоа снимање дека работата некако лабаво делува, како да се снима телевизиска драма, а не игран филм. Токму тоа ќе се забележи и во крајниот производ. Но, да не должиме многу, следува интегралниот текст од најавениот прилог, вклучувајќи ги, секако, и изјавите на продуцентот, режисерот, „несудениот“ сценарист и актерите во филмот.
Иако не се работи за американски туку за македонски филм, и иако тоа не е честа практика кај нас, сепак на премиерата на „Ова не е американски филм“ беше послан црвениот килим пред киното „Милениум“, кој од самите протагонисти во филмот не беше баш испочитуван докрај и тие неретко ја одминуваа обележената насока на движење по него. Премиерата на долгоочекуваниот дебитантски филм на режисерот Сашо Павловски, долгоочекуван во смисла дека неговата финална реализација се оддолжи повеќе од потребното, па тој наместо да се појави предминатата, или минатата година, излегува дури сега, во 2011-та, помина во пријатна и френдли атмосфера. Продуцентот на филмот, Дејан Илиев, кој сè уште беше директор на Филмскиот фонд кога овој проект ги доби 500-те илјади евра, не смета дека одолжувањето на филмот ќе пречи на неговата потреба од гледаност кај домашната публика.
Дејан Илиев: Реализацијата на игран филм е тежок процес. Многу работи треба да се склопат за на крајот да излезе така како што најмногу посакуваат сите да се случи. Филмот беше готов уште во декември минатата година, но сакавме да излезе во 2011 година затоа што ќе имавме многу мал дел од годината за експлоатација, и на некој начин веќе оваа година ќе беше бајат филм. Можеби малку повеќе време беше потрошено на пишувањето на сценариото, меѓутоа вредеше.
– Забележувам дека медиумската кампања е ориентирана кон привлекување што поголем број публика во домашните киносали, меѓутоа, дали постои стратегија за негово прикажување на одредени фестивали во претстојниот период?
Д.И. Апсолутно. Поривот на авторите треба да води кон тоа тие да посакуваат да им биде гледан филмот, бидејќи тој е средство за масовна комуникација. Некој не би требало да прави филм за да им го покаже на другарите или на мама и на тато. Кога веќе се прави филм, секој автор и секој продуцент посакува тој да допре до што поголем број гледачи. Ние веќе имаме сејлс-агент од Канада, кој веќе почна да го продава филмот, со него правиме стратегија и за настап на фестивали, токму овие денови треба да аплицираме со филмот во претселекција за учество на фестивалите во Карлови Вари и во Кан, и се надеваме дека филмот ќе има некаков фестивалски живот. Но она што за мене како продуцент е најважно, тоа е животот на филмот пред кинопубликата, а не фестивалскиот живот.
„Ова не е американски филм“ е, всушност, драмски текст на поранешниот директор на Македонскиот народен театар, Сашо Миленковски, чија хит-претстава ги одбележа 90-тите години во Битолскиот театар. Миленковски не работеше на филмската адаптација на својот текст, а таа работа му беше доверена на Чехот Петер Јех, во тандем со режисерот Павловски.
Сашо Миленковски: Ова е драмски текст што го напишав во 94/95-та и имаше своја премиера во средината на 90-тите во Драмски театар. Всушност, драмскиот текст е искористен како основа за да се направи ова филмско сценарио, со кое јас немам никаква врска. Си седев, си уживав, и многу е убаво кога ќе се видиш на филмски плакат. Ова ми е првпат. По 50 театарски претстави, првпат се гледам на филмски плакат и тоа многу ми значи. Инаку, ништо не сум видел и за мене вечерва ова ќе биде класична филмска премиера.
Во гангстерската комедија, како што се обидува да ја продаде споменатиот канадски агент на филмот, главната улога на Шефот ја толкува Сенко Велинов, кој одамна не се појавил на филмското платно, но тој факт не успеал да го искористи докрај, останувајќи со својата глума во рамките на вечниот театар. Сепак, „Ова не е американски филм“ е убаво искуство за помладите домашни актери, кои имаа каква-таква шанса да ја помирисаат работата на еден целовечерен филмски проект.
Игор Ангелов: Немам гледано никакви материјали, ништо немам гледано, одвај чекам да започне проекцијата, очекувам добар, забавен филм.
Славиша Каевски: Среќен сум и возбуден бидејќи станува збор за македонска премиера на филм, на која гледам многу драги луѓе од фелата. Во следниот период ќе бидам дел и од премиерите на филмовите „Панкот не е мртов“ и „Скопје ремикс“, така што пролетва се надевам дека премиерите нема да се сведат само на едно годишно време туку тие континуирано ќе траат и понатаму.
И нормално, најголемо задоволство за добиената шанса за реализација на текстот на Миленковски му припаѓа на режисерот-дебитант Сашо Павловски, кој искрено се надева дека публиката ќе се забавува исто толку колку што се забавувале тој и филмската екипа за време на снимањето на филмот.
Сашо Павловски: Многу сум задоволен од процесот низ кој сите поминавме поради различните актери што доаѓаа од различни држави. За време на работата имаше убава енергија, во која навистина уживавме. Од моето скромно искуство, кога екипата ќе ужива на сетот, би требало тоа да се случува и со гледачите кога ќе го гледаат филмот. Задоволен сум од проектот, од финалниот продукт, но задоволството нема да биде потполно дури публиката и критичарите не бидат задоволни. Јас направив сè што можев, а кој и како ќе реагира, не можам да претпоставам. Се надевам на сè најдобро.
Иако филмот ни дава сосема поинакви референци за тоа од каде режисерот ја црпи својата инспирација, сепак Павловски вели дека негови филмски идоли се некои сосема поинакви режисерски великани.
Сашо Павловски: Се огледувам на автори што тешко ќе ги видите во овој филм. Сум растел со Параџанов, Тарковски, Бергман, но од друга страна и со филмовите од Серџо Леоне, кои се учебник за тоа како се работи сценарио. Но не гледам да го копирам сето тоа, затоа што оригиналноста ја барам во срцето и во мозокот, да ги спојам тие две работи и да се обидам да создадам некој мој филмски јазик, меѓутоа, некои основи од таму си останале. Сите потези, движења на камера, светло, се изнудени. Ако е филмот брз, концептот е спуштен на ниво на сценарио и драматургија. Значи, тука имам брзина што ми е дадена во сценариото и јас морам да ја следам. Од друга страна, камерата не се движи без причина, актерите не се движат без повод, значи сите работи се изнудени со причинско-последична врска. Тој дел веројатно ми останал како наследство од гледањето на филмовите на претходно споменатите автори.
Сосема е јасно дека „Ова не е американски филм“ е еден домашен филмски продукт кој мириса на ТВ-драма и за кој искрено се надеваме дека ќе има одзив кај публиката, чисто за продолжување на нагорната линија колку-толку да се оди да се гледа филм во кино, барем еднаш месечно. И на самиот крај, иако филмот е преполн со референци од американски култни жанровски филмови, со чии реплики на моменти и се претерува, од соговорниците побаравме да ѝ објаснат токму на истата таа, наша, домашна публика, зошто ‘ова НЕ Е американски филм’?
Дејан Илиев: Ова не е американски филм затоа што… ќе видиме, очекуваме тоа публиката да го каже. Се трудевме да направиме филм што не е типичен за ова поднебје, па на крајот ќе видиме дали сме успеале во тоа.
Игор Ангелов: Ако кажам дека е пародија на американските филмови, нема да го погодам одговорот… ако кажам дека земаме реплики од американските филмови како матрица за нашиот филм, и тоа не е вистинскиот одговор… така што, некаде и во самото прашање лежи одговорот, ако земам точно да го формулирам, никогаш нема точно да го погодам.
Сашо Павловски: Насловот го ставивме таков затоа што ние како Македонци се трудиме некои работи да ги направиме како Американците, но притоа сме смешни и не многу успешни. Во основа, таа глобална линија во филмот е задржана.
Славиша Каевски: Затоа што не е руски!
(Прилогот е емитуван во магазинот „ФИЛМОПОЛИС“ 337, а транскриптот и воведниот дел од текстот се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)