Градот на светлината како вечна инспирација

Многу светски метрополи во изминатите век и кусур од филмската историја им беа директна муза на филмските автори за снимање на нивните целовечерни остварувања. Француската престолнина се наоѓа на врвот меѓу посакуваните филмски сценографии, особено во последната декадаа, па оттаму одлуката за осврт кон овој филмски „феномен“ Зад секој успешен филм стои, пред сè, интересна филмска приказна, чијашто задача е да ја освои публиката со нејзината актуелност, заводливост, сугестивност… Истата приказна најчесто е сместена во одредена градска сценографија, на улиците на светските метрополи, чијашто урбана моќ честопати од градот создава посебен карактер во филмот. Ваквата одамна апсолвирана формула за правење на целовечерни остварувања од Лос Анџелес, Њујорк, Лондон, Париз, Токио… создаде повеќе од посакувани дестинации за туристите, што на нивните граѓани и градоначалници секако дека им е од голема корист. Во последнава декада токму подзаборавениот Париз како повторно да изнедри на големото платно, благодарение на интернационалните филмаџии кои посакаа своите остварувања да ги снимат токму во инспиративниот Град на светлината. Градот во кој и почна целата филмска историја, кога браќата Лимиер на осми декември 1895 година ги прикажаа своите први снимки на големото платно, во последниве години повторно се врати меѓу публиката, и со право, бидејќи неговите улици, арондисмани и туристички атракции отсекогаш пленеле со својата магичност. Впрочем, Париз отсекогаш бил во фокусот на локалните и на светските филмаџии. Доколку на познатите адреси поврзани со филмската уметност на интернет го напишете името на францускиот главен град, ќе добиете стотина филмски наслови во кои фигурира неговото име. Меѓутоа, многу од тие наслови се заборавени од времето, а ние ќе се потсетиме само на највредните.

Париз како сценографија за филмските уметници можеме да го поделиме во две категории – инспирација на домашните, француски филмаџии, и на оние надвор од него. Во првата група филмови наназад во историјата мораме да се присетиме на обидите на легендарниот Рене Клер, кој уште во третата декада од минатиот век милуваше своите приказни да ги смести токму во Париз: во научната фантастика „Париз кој спие“ (1922) и во романтичната драма „Под покривите на Париз“ (1930).

По војната, исто така легендарните Марсел Карне и Рене Клеман го овековечија омилениот град во филмовите „Воздухот на Париз“ (1954) и „Дали гори Париз?“ (1966). Секако, во овој период од педесеттите и шеесеттите години на минатиот век не треба да ги заборавиме и филмаџиите од „Новиот бран“, како Жан-Лик Годар, Франсоа Трифо и другите, кои дејствата во своите незаборавни остварувања неретко ги сместуваа токму во
модерната француска престолнина.

А дека приказната продолжи и понатаму доказ се насловите „Полна месечина во Париз“ (1984) на Ерик Ромер и поновите филмови едноставно насловени „Париз“ од 2003 и 2008 година, на домашните млади филмаџии Рамин Нијами и Седрик Клапиш, надополнети, за љубителите на анимираниот филм, со прекрасниот „Мачка во Париз“ (2012) на режисерскиот пар Ален Гањол и Жан Феличоли.

Во втората група, пак, спаѓаат редица интернационални филмаџии чијашто фасцинираност од Париз во нивните филмови е очигледна. Да ги споменеме Винсент
Минели со неговиот мјузикл „Американец во Париз“ (1951), потоа Били Кристал со романтичната драма „Заборави го Париз“ (1995), па дури и жанровската вратоломија „Американски врколак во Париз“ (1997) на Ентони Валер за уживателите во хорор-приказните.

Меѓу насловите поврзани со Градот на светлината што се вредни за паметење, на двапати фигурира името на италијанскиот маг Бернардо Бертолучи, кој на времето изјави дека доколку би можел да избира каде би се родил повторно, тогаш тоа би бил, секако, Париз. Таа негова опседнатост со градот одлично ја отсликува и во двете свои остварувања: во култната психолошкоеротска драма „Последното танго во Париз“ (1972) со потентните Марлон Брандо и Марија Шнајдер како еден од најдобрите парови на големото платно во филмската историја и, секако, во „Сонувачи“ (2003), големата посвета на студентските протести во Париз во 1968 година преку сексуално ослободените три млади лика во еден симпатичен париски стан со поглед кон улиците каде што се случува револуцијата.

На слична, еротска линија вреди да го споменеме и филмот „Љубовниците од Понт Неф“ (1991) на Лео Карас, во кој Жилиет Бинош ја игра улогата на својот живот во приказната која на мостот на Сена му дава нова димензија, што подоцна од него прави неодминлив дел за туристичко фотографирање.

Помладата колешка на Бинош, пак, Џули Делпи, се погрижи својот роден град да остане
меѓу филмофилите и во најново време. Во „Пред зајдисонце“ (2004) го донесе Итан Хоук на улиците на Париз за да си кажат она што го пропуштиле во „По зајдисонце“ (1997), а три години подоцна, најдиректната посвета се случи во комплетниот авторски проект на Делпи, „Два дена во Париз“ (2007), во кој нејзиниот вистински татко, Албер, го игра филмскиот татко, а локациите на кои е снимен се оние во кои актерката го поминува своето вистинско секојдневие, надвор од фокусот на камерите.

И на крајот, како цреша на шлагот од тортата, двата наслова што се вистински трејдмарк кога се работи за инспиративниот Париз. Веројатно насловот во кој сите ние уживавме, „Полноќ во Париз“ (2011) на Вуди Ален, кој бравурозно успеал да го долови и современиот
Париз, но многу повеќе Париз од првите две децении на минатиот век, кога во краток временски период во него живееле големи уметници како Ернест Хемингвеј, Салвадор Дали, Пол Кле, Пабло Пикасо, Гертруда Штајн, Амедео Модилјани…

Помалку познатиот филм „Париз, те сакам“ (2006), пак, претставува сублимат на сето она за коешто читавте досега, бидејќи се работи за омнибус составен од 18 кратки филма (секој се случува во различен париски арондисман), режирани од 20 домашни и странски режисери. Имињата како Валтер Саљес, Вес Крејвен, браќата Коен, Гас ван Сент, Том Тиквер… придружувани од домашните сили како Оливие Асеје, Жерар Депардје, Озабел
Коишет, Силвен Шоме… создадоа скапоцен еклектичен проект, по чиешто гледање едноставно ви преостанува јасно и гласно да викнете: ПАРИЗ, ТЕ САКАМ!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *