КОКИНО – отворен поглед кон вселената

Со нејзината близина, атрактивност и неверојатна сугестибилност, мегалитската опсерваторија „Кокино“, која се наоѓа во атарот на општината Старо Нагоричане, од Скопје е оддалечена 75 километри, а од Куманово само 35 километри, и претставува прекрасна локација за еднодневен излет. Едноставно, вртите лево после „згаснатиот вулкан“ и возите уште 20-тина минути по фин асфалтиран пат, на кој од двете страни природата го дала најдоброто од себе.

Најпрво пристигнувате до една голема чистинка пред самото археолошко наоѓалиште, во предворјето на селото Кокино, според чие име локалитетот и е именуван. Местото е идеално за оставање на превозните средства со кои бројните домашни и странски туристи дошле да ја посетат оваа атрактивна локација. Мештаните ја искористиле  ситуацијата и на колибата на влезот ставиле табли на кои го лоцираат своето село, но и крстот поставен на спротивниот рид од опсерваторијата. Сепак, никој од присутните не се решава за таков излет: сите патишта водат кон архео-астрономскиот локалитет „Татиќев камен“, а за да се стигне до него, се пешачи по блага угорнина од околу 500 метри, на која културно се поставени табли со насоки на движење и информативни текстови.

Мегалитската опсерваторија „Кокино“ се наоѓа на вулкански рид на надморска височина од 1013 метри, и со својата позиција доминира во својата околина вклучувајќи го и селото Кокино во нејзиното подножје. Локалитетот датира 1800 години п.н.е, односно, од раното бронзено време, а се протега на површина од 5000 м2.

Негови главни карактеристики од човекова изработка се четирите зарамнети  површини (платформи). Жителите од бронзеното време од нив го следеле движењето на сонцето, месечината, групата Плејади и ѕвездата Алдебаран низ засекотини во околните карпи (маркери) кои биле исклесани на многу прецизни места за да се поклопуваат со позициите на небесните тела на важни датуми како рамно-, кратко- и долгоденица.

Големата количина на ископани артефакти, археолошкиот контекст во кој се најдени, како и топографските карактеристики на ридот, ја потврдуваат неговата употреба како планинско светилиште, место каде бронзенодопските жители од околниот простор изведувале дел од своите религиозни обреди. Ѕидот на северната страна на локалитетот бил изграден за да се обележи границата на светилиштето. Платформите (Ц) и (Д) исклучиво биле користени за астрономско набљудување, додека платформата (А), која содржи ансамбл од вештачко изработени камени седишта (тронови) исечени во природна карпа, се користела во религиозни обреди од бронзено време. Се претпоставува дека платформата (Б) се користела како место за собирање на луѓето кои учествувале во обредите.

Платформата (А) се наоѓа на западната страна на локалитетот, и позната е како четирите камени седишта, односно, „Тронови“. Во бронзено време, жителите на регионот го сметале сонцето за бог и син на Големата Богинка Мајка – персонификација на светлина, топлина, сила и моќ. Камените седишта на оваа платформа биле исклесани за изведување на обреди поврзани со сонцето.

Два пати во годината, меѓу 20 и 21 јуни, или меѓу 14 и 15 мај, племенските водачи седнувале на троновите свртени кон исток. На овие датуми сонцето изгревало над двојниот (обреден и астрономски) маркер и неговите први зраци минувале низ процепот на маркерот за прецизно да осветлат само еден од четирите тронови, а потоа и останатите три. На седиштето кое се осветлувало најверојатно седел водачот на обредните церемонии кои се изведувале за да го обележат почетокот на новиот циклус на земјоделско-сточарските активности од кои зависел опстанокот на праисториската заедница. Истовремено, со овој обред на водачот симболично му се пренесувала моќта на сонцето и правото да владее со племето.

Опсерваторијата е откриена случајно во 2001 год. од страна на Јовица Станковски, а кон крајот на 2001 година биле започнати истражувањата од страна на Народниот музеј во Куманово. Истражувањата продолжиле во 2002 година, а првите астрономски мерења биле извршени во текот на летото и есента истата година. Како резултат на истражувањата спроведени на овој локалитет, пронајдени се над 500 килограми керамички садови кои претежно биле изработени во чест на Големата Мајка. Пронајдени се и храна, тегови, вретена, врвови од копја, калапи за копчиња, калапи за врв на копје, шила, стрели, ножеви, игли, бронзени секири, приврзоци, керамички фигури, и друго. Ископаните археолошки материјали датираат од раното (21-17 век п.н.е), средното (17-14 век п.н.е) и доцното (14-11 век п.н.е) бронзено време, како и од почетокот на железното време (11-9 век п.н.е), според хронологијата на Централен Балкан.

Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу античките опсерватории во светот. Во 2005 година, американската вселенска агенција НАСА го вклучува „Кокино“ на картата на 15 антички опсерватории заедно со „Абу Симбел“ во Египет, „Стоунхенџ“ во Велика Британија, „Ангкор Ват“ во Камбоџа, „Мачу Пикчу“ во Перу и други.

Е па, драг Нил деГрас Тајсон, време е да го посетиш „Татиќевиот камен“ и да снимиш емисија за него, зашто, сонцето овде се чувствува со полна сила, а сонцето е – ЖИВОТ!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *