Многу убав потег е кога големи режисерски имиња ќе одлучат да направат рокументарец посветен на своите омилени музичари и бендови. Мартин Скорсезе во 1978 година во историјата ги испрати славните музички имиња од групата „The Band“ со филмот „The Last Waltz“, во следната декада Џонатан Дем на светот му го подари „Stop making sense“ за њувејв-хероите Токин’ хедс, Џим Џармуш ги следеше Нил Јанг и Крејзи хорс на нивната светска турнеја во 90-те насловена како и филмот „Year of the Horse“, додека во новиот милениум, Антон Корбијн конечно ја раскажа приказната за култните Јан Кертис и Џој дивижн во прекрасниот „Control“.
Но, би констатирале дека уште подобро е кога речиси непознат автор ќе направи вистинско ремек-дело во кое овековечува одредена рок-икона. Тоа му успеа на Стивен Себринг, по вокација фотограф, кој 12 години будно, низ окото на камерата, ги следеше животот и кариерата на Пети Смит, најзначајната музичарка и поетеса во светот во последниве триесетина години. Документарниот филм „Сон за животот“ премиерно беше прикажан лани на Санденс и на Берлиналето, кадешто ги осви срцата на публиката. Поради концертот на њујоршката панкерка на 10 јули во Скопје, во рамките на „Оффест“, филмот предизвика голем интерес и при неговата неодамнешна проекција во Кинотеката на Македонија.
Овој нетипичен рокументарец се издвојува од сите претходно споменати наслови бидејќи Себринг успеал филозофијата на животот кој го живее рок-поетесата сите овие години да го преточи на големото платно во една примамлива поетична визија за светот, која тотално соодвествува со светогледот на уметницата. Филмот содржи буквално се’ што е значајно, а е поврзано со Пети Смит: од автентични снимки од младоста, преку делови од интимниот живот со нејзиното семејство, па се’ до снимки од нејзините настапи на сцената, онаму кадешто таа најдобро се чувствува.
И покрај нејзината нескриена срамежливост која отворено се забележува и во филмот, Себринг не го заборавил и активизмот со кој Смит и понатаму се занимава, останувајќи една од најревносните гласноговорнички и критичарки на Новиот светски поредок, неретко застанувајќи во првите редови на протестните маршеви. Поради сите овие нешта, „Сон за животот“ е вистинска лектира за оние кои не успеале да навлезат подлабоко во поимањето на уживањето во рок-историјата, во која Пети Смит се’ уште е една и единствена. Едвај чекам да ја видам на сцената на Универзалната сала, очекувајќи настап во кој се преплетени моќ, чувства, енергија, поезија и екстаза, како и во самиот филм на Себринг.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 7 јули 2009 година