Неодамна на своите профили на социјалните медиуми, ДПМ ја сподели песната „Улиште“ од стихозбирката „Ноември“, која е дел од конкурсот за годишните награди. Aвторот ја избра таа песна затоа што е единствената која опфаќа период на зреење од три децении. Овој текст низ (само)анализа ќе се обиде да ги долови патувањето на една песна низ времето, односно, трансформацијата од „цел“ во „улиште“.

Како што наведувам во поговорот кон дебитантската стихозбирка, беше вистински предизвик да се стане поет на 50+ години. Но, јасно сеќавајќи се на творечките почетоци, книжевното деби во 1994 година се случи со објава на неколку песни и два куси раскази во бројот 7 на часописот „Маргина“, во тоа време свеж и авангарден здив на книжевната сцена кај нас.

Не се сеќавам зошто, но блокот посветен на прозата и поезијата на авторот „Игор А.“, што може да се припише на традиционалната несигурност на авторите-почетници, е насловен „Пластична поезија“, а меѓу неколкуте објавени песни беше и најкусата меѓу нив насловена „Цел“. Всушност, тоа беше песната која и највеќе ми се допаѓаше од она што во тој период излезе од моето перо, бидејќи беше кратка и моќна, а завршуваше со зборот „пиштол“. Чехов не за бадијала велеше дека кога во еден момент ќе се појави пиштолот како „фактор“, на крајот тоj мора и да пукне.

Појдовната точка на песната беше препознатливата младешка потреба да се дофати „совршенството“. Токму така и почнува, но веќе во следниот стих следи отрезнувањето. Но „Ништото“ е напишано со голема буква, изискувајќи поинакво толкување. Затоа завршницата ги спојува и обете нешта – и „Ништото“ и „Совршенството“, на крајот додавајќи го третиот елемент пред да пукне – „Пиштолот“ на Чехов, и тој со голема буква.

Интересно, песната ја знаев наизуст, што не беше тешко да се запомни, но подоцна цело време потсвесно додавав еден стих кој не припаѓаше на оригиналната објава. Едноставно, на тој начин сум ја запаметил, и чат-пат, кога ме фаќаше севдах, така и ја интерпретирав. Не знам зошто го додавав тој стих, можеби првично песната била така замислена, но во последен момент сум го исфрлил!? Како и да е, тој само ја надополнува замислата затоа што на целата песна и’ го додава квалификативот „чистина“, со прилогот „совршено“ пред неа.
Цел
Се стремев да стигнам
до Совршеното.
Го најдов само
Големото Ништо.
Ништо – Ти си
Совршено Чисто.
Ништо – ти си совршено
Наполнет Пиштол!
Да, да, на крајот со извичник, пред именката да експлодира! Океј, одиме 31 година во иднината, кога поетот-почетник се претвори во поет-автор на првата стихозбирка насловена „Ноември“. Таа содржи три поглавја насловени „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“. Втора од вкупно петте песни во третото поглавје, во чиј наслов доминира македонскиот деликатес, е „Улиште“. Тематски обработувајќи го „враќањето дома“ како вечна потрага по загубеното себство, токму оваа песна го содржи набојот што му дава смисла на целиот завршен темат, но и на целата стихозбирка.

Исто како и 20-годишниот почетник во 1994 година, и песната го започнува своето патување низ времето и просторот, истовремено доживувајќи ги победите и поразите како составен дел од еден човечки живот, за на крајот конечно да се биде подготвен за враќање во сопственото огниште, онаму од каде што и започнало целото животно патешествие.

Враќајќи се во својата „кошница со пчели“, во своето улиште, каде се’ е навидум совршено бидејќи се’ потсетува на невиноста на детството, во тие моменти во игра влегува големото „Ништо“ како момент на прочистување и просветлување, како момент на иницијација за некои идни животни предизвици. И токму во тој момент се сретнуваат песната „Цел“ од пред три децении со песната „Улиште“ како искуствен поглед на нештата. И да, сосема заслужено, во оваа песна последната строфа го содржи оној дел што е пропуштен во „оригиналот“, во кој „совршеното чисто“ сосема му прилега на моментот „враќање дома“.

И, што да се заклучи на крајот? Можеби дека е симптоматично тоа што една песна патувала триесетина години, за потоа да добие три-четириесет зборови плус, во кои е собрано дотогашното животно искуство. Но, чинам дека дури ниту Сидарта ниту Одисеј, а се надевам ниту Вие, читателите, нема да ми забележите што си дозволив ваква самоанализа, во која се обидов да го допрам оној момент КОГА една песна се трансформира во друга, со сиот поминат пат зад себе. Затоа што само човекот (песната) отворен за промена и трансформација – на крајот останува автентичен и свој 😉
