Почитувани читатели, „Филмски град“!

Почитувани читатели/пријатели/филмофили,
речиси три години по книгата „Филм.мкд“, што се закити со Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2015 година, решив да ја продолжам приказната со издавање на уште едно публицистичко дело, насловувајќи го „Филмски град“, како фина асоцијација на мојот единаесетгодишен ангажман со проектот „Филмополис“ на ТВ „Телма“. И ако во „Филм.мкд“ фокусот тематски беше врз домашните филмови во новиот милениум, и овој пат го задржувам зададениот ракурс во првото поглавје, рецензирајќи ги сите македонски филмови што во меѓувреме имаа своја премиера, но во следните поглавја одам чекор понатаму, нудејќи спектар од филмски текстови тематски поместени во различни насоки, што се надевам дека ќе го задржат вашето ценето внимание.

Првото поглавје, „Македонски филмски град“, претставува сигнификативен влез, како мост помеѓу првата и втората филмска книга. Од втората половина на 2015 година, па наваму, се случија неколку премиери на македонски филмови што прецизно ги вивисецирав низ рецензии во коишто го истакнувам нивното значење во контекст на домашната, балканската и европската кинематографија. Со тоа продолжувам комплетно да ја покривам домашната кинематографија во овој милениум, вклучувајќи ги и текстовите од претходната книга, со што на читателите и на љубителите на филмот во Македонија им давам одличен увид во случувањата во „седмата уметност“ на домашен план. Ова поглавје претставуваше жива материја и не се знаеше колку текстови ќе содржи, но во последен момент (март и април 2018) се случија премиерите на новите филмови на Владимир Блажевски и Милчо Манчевски, и освртите кон нивните дела станаа последната, најважна нишка во оваа книга. Останатите филмови во чиишто приказни ќе уживаме во следниот период останува да бидат дел од евентуалната трета филмска книга за неколку години. Само да сме здрави и живи дотогаш.

Како надоврзување на првото поглавје, во второто поглавје насловено „Ин мемориам“ го објавувам интервјуто со прерано починатата сценаристка и режисерка на документарни филмови Билјана Гарванлиева, како тестамент за нејзината работа во жанрот на документаристиката, со којашто освои и многу значајни европски награди за филмовите „Девојчето со хармоника“, „Тутунарката“ и другите бисери во нејзината филмографија. Билјана беше неверојатно позитивна и пријателски настроена личност и имавме одлична комуникација во текот на годините додека создаваше прекрасни документарци. Слава ѝ.

Приказната во третото поглавје насловено „Балкански филмски град“ продолжува со преглед на случувањата во блиската ни балканска кинематографија, со рецензентски избор на филмови што во изминатите неколку години оставија белег не само на локалната туку и пошироко, на европската и на светската филмска сцена. Во нив неретко гледаме и учество на македонските филмски работници, бидејќи во дел од рецензираните проекти се слеани и пари од македонскиот Филмски фонд.

„Глобален филмски град“ претставува излез кон светската кинематографија и нејзините највлијателни репрезенти, преку осврт кон филмските наслови што на овој или на оној начин претставуваат поместување на филмската форма и содржина во некои нови води. Истовремено се осврнувам и кон новите остварувања на некои од значајните претставници на своите генерации, со што ја лоцирам нивната стагнација или одењето чекор понатаму, на радост (или тага) на нивните филмски фанови.

„Поглед кон современиот израелски филм“ како наслов на петтото поглавје е текст напишан за потребите на веќе традиционалната ревија на актуелни израелски филмови во Македонија, во која се фокусирам на една возбудлива кинематографија за која не знаеме многу. Со тоа на домашните љубители на филмската уметност им отворам ново поле за истражување, низ осврт кон филмските приказни што ни се многу блиски и препознатливи, со што моментот на идентификација е неизбежен.

„Тематски филмски град“ е шестото поглавје што можеби е едно од најинтересните за вас, читателите, бидејќи си поигрувам со различни провокативни теми реализирани на сребрениот екран. Од „Животот на композиторите, писателите и сликарите на големото платно“ преку „Вечниот брак на музиката и филмот“ и „Љубовта на стрипот и филмот“, па сè до Париз, Градот на светлината како вечна инспирација за филмаџиите. Низ есеистички и фактографски приказ се обидувам да ги доловам оние значајни нишки низ кои филмската уметност ја проширува својата дејност и оди чекор понатаму, во есенцијална прегратка на другите уметности. Се надевам дека сум успеал во намерата.

Во седмото поглавје им се посветувам на филмските класици. Од првиот оскаровец, „Крилја“, преку „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс, култниот „Голи во седло“, Кјубриковата „Одисеја 2001“, па сè до антологискиот „Кум“ на Копола, ова поглавје претставува вистинско место за филмските сладокусци, надополнето со текстови за уште неколку филмови како предвесници на случувањата што ќе следуваат на почетокот од децениите во коишто биле снимени.

Во осмото поглавје многу амбициозно се впуштам во историски преглед на филмските жанрови, обидувајќи се во еден условно мал текстуален простор да го спакувам сето она што е значајно во историјата на подвижните слики погледнато од жанровски аспект, создавајќи на крајот од книгата мала енциклопедија за помладата генерација филмофили, како водич за откривање на вредностите во филмската уметност. Само да напомнам дека се работи за серијал текстови објавени пред околу десет години и голем дел од новите остварувања не се дел од жанровската фактографија, така што овие написи се еден вид преглед на развојот на филмските жанрови во текот на 20 век.

И во последното, деветто поглавје, насловено „Посветен филмски град“, како интервју/омаж, што ми се особено драги и сакав да останат како документ за век и векови, решив да ја заокружам книгата со посвета на фантастичните актерки Изабел Ипер и Дерил Хана, чиешто присуство на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола го искористив за краток разговор со нив.

Пред да се препуштите на текстовите во книгата, би сакал да напомнам уште три работи. Првата е за оние со добро чувство за стилско препознавање на материјата. Имено, последните пет поглавја содржат текстови објавени пред оние во првите четири поглавја и веројатно, со малку повнимателно читање, може да се забележи разликата. При оформувањето на оваа книга бев свесен за тој момент, но тоа и за мене предизвикуваше откровение, еден вид растење и созревање низ пишувањето рецензии и осврти за филмската уметност, со тоа што овој пат редоследот е обратен, прво ќе ги прочитате оние, потазе текстови, што во моментов го карактеризираат мојот начин на изразување, а во вториот дел на книгата оние текстови од пред три, пет или десет години, чијашто вредност, секако, не е загубена, бидејќи зборуваат за универзални филмски нешта.

Втората е дека оние основни фактографски генералии околу третираните остварувања, што се вообичаен декор на секоја рецензија или осврт кон одреден(и) филм(ови), овој пат решив да ги изоставам, од причина што тие можат да се пронајдат на интернет со неколку елегантни танци со прстите врз тастатурата. Ми се чинеше дека како вовед, најдобро решение е само една фотографија од филмот и насловот на текстот и толку.
И третата работа е „проблемот“ со медиумите и нивното игнорантство кон жанрот „филмска рецензија“, за кој се осврнав во претходната книга. И по три години ситуацијата е иста, така што би сакал да напомнам дека најголемиот дел од овие текстови се објавени прво на мојот ФБ-профил, а потоа љубезно се преземени и објавени и на неколку интернет-страници и веб-портали, како kritika.mk и radiomof.mk, секако, врз ентузијастичка база.

Конечно, ви посакувам пријатни и инспиративни моменти додека ги читате текстовите посветени на мојата, а сигурен сум, и на вашата голема пасија, седмата уметност.

(Предговор за книгата „Филмски град“)