Кон романот „Земја на бегалци“ од Кица Колбе (ИЛИ-ИЛИ, 2018)

Еминентната писателка Кица Колбе, добитничката на престижната награда „Роман на годината“ во 2006 за „Снегот во Казабланка“, деновиве ни подари нов, возбудлив роман, насловен „Земја на бегалци“. Како и во претходните книги, и во нејзиното ново романескно остварување таа нурнува длабоко во сопственото срце и ни ја раскажува егејската приказна на супериорен естетски начин, емотивно погодувајќи онаму кадешто многумина не се осмелуваат ниту да пристапат.

Пред себе си поставив тешка задача, да сублимирам цел еден свет сместен во 490 страници во само десетина пасуси, особено тешка затоа што книгата емоционално ме допре враќајќи ме и во моето детство, а верувам и во детството на многумина кои ќе ја прочитаат книгата, а кога се работи за емоции, не е лесно да се пишува од објективна гледна точка. Но, еве, да се обидам.

„Земја на беглаци“ е насловот како на самата книга, така и на централниот дел од приказната, но пократките прв и втор воведен дел, „Миризмата на детството“ и „Бегалци“, се многу важен сегмент во однос на детерминирањето на она што следи подоцна во оваа сторија полна со живот. „Паметењето на снегот“ е прекрасна симболика на она што денес постои, тука е – а утре веќе не, за на крајот, на маестрален начин, дејствието да биде заокружено овој пат со „Миризмата на багремите“, чие опојно меланхолично дејство навлегува длабоко под кожата, и станува составен дел од животот како на главните протагонисти во приказната, така и на читателите.

Случувањата во бурните 50-ти години на минатиот век се прикажани низ призмата на чупката Фросе Аврамова, чиј сензибилен карактер врз себе го зема „проклетството“ да памети, она што и’се случува на неа и нејзиното семејство, но и приказните, обичаите и начинот на живот на најблиските, оние чија историја ќе остане заборавена доколку Фросе не ја принесе жртвата која никој не ја очекува од неа. Но, одлуката е донесена, и бремето врз своите плеќи мора храбро да се истурка до крај. Таа станува набљудувач, иако ниту е дете, ниту е возрасна, и иако стравот од непознатото, недопирливото, игра клучна улога во поимањето на светот околу неа, таа успева да ја изнесе семејната повест на виделина. Но, иако Фросе е главниот хроничар на тегобните случувања, сепак авторката на романот создава лепеза од ликови чии дејанија ја оформуваат личноста на „малата чупка“, која од тоа шаренило кое ја опкружува успева да изгради еден цврст став кон животот, многу важен за нејзиниот подоцнежен животен пат. Колбе на тој начин успева да изгради цврста психологија на карактерите на која може да и’ позавиди и еден Фројд, супериороно разголувајќи ги меѓучовечките односи со кои е обременето и современото македонско секојдневие (како пример само ќе го спомнам односот на двајцата браќа, чија завист честопати знаела да разедини цели фамилии), но истовремено да ја пренесе и мудроста на постарите, како одлика на македонското семејство од памтивек. Истовремено, иако дејствието не’ навраќа во средината на минатиот век, приказната е исклучително актуелна, алудирајќи на сите оние милионски несреќни судбини кои во моментов ја бараат својата „ветена земја“, не заборавајќи ги своите огништа, онаму од кадешто потекнуваат, а можеби никогаш нема да се вратат. Со тоа светот (о)станува едно големо царство на прогонот и несигурноста, во чија утроба живуркаат „прогонетите, отфрлените, пребеганите, протераните. Вечната земја на бегалците. Таа постои над сите граници, над сите нации, над сите народи“.

Освен „земјата на бегалците“, прекрасна симболика кријат уште неколку раскажувачки елементи во книгата. Бараката во која живеат бегалците, како еден вид „ Ноева арка на вечното бегалство. На најбедните, на најкревките, на најнемоќните бегалци. На тие што изгубија сѐ, а го спасија само голиот живот“, но и стариот шифоњер, како симбол на преселбата и прогонството, сето тоа обоено со „морномодрото море афионско“. Оваа симболика низ романот мајсторски е испреплетена со фолклорот и обичаите како одлика на едно дамнешно време кое буди убави спомени кај многумина, па така, препознатливиот свадбен ритуал станува поткрепа на заборавот, барем за момент, преселувајќи ги ликовите на сигурна територија каде тагата е ублажена низ звукот на гајдата која предизвикува морници. Колбе не го заобиколува и актуелниот тогашен момент претставен преку првомајската парада, скромната новогодишна лотарија, посетата на циркусот или неделната прошетка во паркот, како одлика на едно соц-реалистичко време кое, и покрај ситуацијата, нудело и мали, но значајни моменти на задоволство и исполнет живот, во кое времето се поимало низ верските празници (Велигден, Ѓурѓовден…),а игрите за деца како „челик“ и нишањето на фртома на круша биле краен облик на потполна слобода детска слобода. Авторката сето тоа го слика прецизно како неуморен фотограф, слично како семејниот кадросувач Тодор кој еднаш или два пати годишно го овековечувал семејството.

Во романот на г-ѓа Колбе егејската приказна на интересен начин е испреплетена и со судбините на руските емигранти, кои по Октомвриската револуција се пребегнати во овие краишта („Сите бегалци живеат во својот затворен свет. Во светот на паметењето и на чекањето“). Но, на многу посуптилно ниво нивната „обележаност“ е доближена до онаа на Евреите за време на Нацизмот, иако тие „ништо не знаеја за пропагандата на војната, за комунизмот, за револуциите…“ Токму тој аполитичен став во приказната е она што плени, иако овие обесправени луѓе и тоа како имаат што да кажат. Но, Колбе се одлучува да зборува за нив од еден поинаков, личен агол, полн со емоции, кои на многу места низ книгата ќе го скршат и најтврдиот орев во читателот. Затоа најмногу, како на читател, ми се допадна што романот за свои херои ги одбира обичните луѓе, кои „иако се спасија, не знаеја дека засекогаш се прогонети од татковината“. Бегалците кои, иако не го избрале тоа име за себе, туку другите им го дале, „тие го прифатија од неволја, и станаа диво месо во македонското секојдневие“.

Она што исто така плени во романот е употребата на безброј „волшебни“ зборови од „она време“, чие значење едноставно маѓепсува: тељ, плевел, чупка, кандиса, завјаса, но и кованиците како „радостага“ и „никадеприпадност“ се доказ за еден високо софистициран стил на авторката, чие писмо на моменти потсетува на една Нобеловка од калибарот на Елфриде Јелинек. Кога на ова ќе го надоврземе постојаниот мотив за живот, кој извира буквално од секоја реченица, од секоја страница на овој роман, колку и да е болна вистината која тој ја носи, тогаш стануваме свесни за тежината на напишаното.

Се’ на се’, во „Земја на бегалци“ можеме да прочитаме многу вистини, за кои можеби веќе сме прочитале или слушале, но низ стилско повторување на одредени дејствија и проживеани чувства на главните протагонисти, авторката како да сака да ги потенцира нештата, да ги потврди за да се запаметат, за век и навек. Затоа што „не луѓето, туку книгите се оние кои паметат, подолго и од надгробните плочи“. Овој текст е само едно од можните читања на оваа книга која содржи многу (под)слоеви, бидејќи „Земја на бегалци“ е повест која и по затворањето на последната страница, потоа долго ќе ве прогонува.