Кон романот „Под усвитеност“ од Димитар Солев

Поминаа шеесет и три години од излегувањето на еден од првите урбани романи во македонската книжевност, „Под усвитеност“ од Димитар Солев, кој авторот го напишал кога имал дваесет и седум години. Солев и’ припаѓа на средната генерација повоени македонски писатели кои со своите први дела ги поставиле темелите на новата, современа македонска литература во втората половина од дваесеттиот век. „Под усвитеност“ е негов прв роман, но втора издадена книга, по збирката раскази „Окопнети снегови“ од 1956 година. И во обете книги „тематската преокупација се случувањата за време на Втората светска војна во Скопје под окупаторската чизма, и судбината на младоста во него што изминува под сенката на тие четири години од царството на смртоносната стихија“, пишува Александар Спасов во поговорот кон прозните дела на Солев, по кои набргу следат и новата збирка раскази „По реката и спроти неа“ (1960) и вториот роман „Кратката пролет на Моно Самоников“ (1964), во кои од сеќавањата на воените години авторот преминува во книжевно третирање на современоста.

При рецензирањето на романот „Фото синтеза“ (2013) пред неколку години, Роберт Алаѓозовски го напиша следново: „Урбаната проза, посебно скопската, никогаш не била во првата линија на интерес на македонската книжевност, иако култниот роман на Димитар Солев „Под усвитеност” (1957), за атентатот врз бугарскиот агент Мане Мачков, е всушност ран и одличен пример за скопската урбана проза. Потоа урбана проза пишуваа и доајени и академици како Благоја Иванов и Влада Урошевиќ, но и ден денес тој жанр остана во рамките на алтернативноста. Се разбира, интересот за урбаното трае непрестано, во последниве десетина години се објавија неколку интересни романи, антологии и збирки на скопски раскази, но посветеност како кај Игор Анѓелков немам сретнато дури и кај генерацијата најмлади писатели, чиј книжевен интерес е секогаш поширок и поразновиден“. На трагата на оваа забелешка на Алаѓозовски, кој потсети на  една пропуштена книжевна димензија која дефинитивно мораше да се надополни, се отвори потребата да се прочитаат  книгите на Солев, особено романот „Под усвитеност“. Делата на Благоја Иванов добро ги познавам, и благодарение на нашето пријателство и соработка оваа година излезе збирката раскази „Скопски дамари“, исто како и делата на се’ уште активниот Влада Урошевиќ, чиј „Маџун“ го сметам за еден од најдобрите македонски романи во новиот милениум. На крајот, судбината сакаше „Под усвитеност“ да се појави во нашиот дом благодарение на сопругата, која реши да вдоми одредени наслови од библиотеката на нејзините родители.

Книгата на Димитар Солев е издание од 1986 година на четири тогашни издавачки куќи: Македонска книга, Култура, Наша книга и Мисла. Едицијата носи наслов „Странски и југословенски автори“, а во нејзини рамки, покрај Солев, се (ре)издадени книгите „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев, „И бол и бес“ од Славко Јаневски, „Нечиста крв“ од Борисав Станковиќ, „Пролетен ден“ од Цирил Космач, „Стихови“ од Лорд Џорџ Г. Бајрон и др. Жолтиот квадрат во зелената боја на корицата, со централна фотографија на заплиснат морски бран е препознатливо решение од 80-те години на минатиот век, кога дизајнот на книгите се движеше на работ од реалното и надреалното.

„Под усвитеност“ започнува на градскиот тротоар, онаму кадешто и претежно се случува дејствието на приказната во овој роман распослан на 91 страница. Урбано Скопје за време на Втората светска војна е опишано како жешко и правливо, речиси неподносливо. Токму таа тегоба постојано е присутна и во животот на главниот лик Бранко, кој сепак го мачи поинаков предизвик: атентатот на бугарскиот агент, кој мора да се изврши што побргу. Тој секојдневно се буди само со една мисла – дали денес е судниот ден, по кој следните утра веќе нема да бидат исти, во зависност од (не)успешноста на мисијата? Со таква тежина на плеќите тој се движи низ скопските улици, бавчите на соседите, на градската плажа, грабајќи дел од неизвесноста поради која не знае што го чека – светлина или вечна темнина, како алегорија на окупирано Скопје, во кое безизлезот во моментот е единствена опција.

Романот на Солев е поделен на три речиси подеднакви делови. Во првиот дел писателот не’ запознава со ликовите, пријателите на Бранко, соучесниците во тајниот план за ликвидација на непријателот. Дане со гитарата создава убав штимунг во текот на дејството, свирејќи арии од „Кармен“ или пак „Наполеоновиот марш“, оддавајќи една естетска, градска еманципираност на протагонистите. Нивната средба се случува на една клупа зад фонтаната, вечното обележје на Скопје како урбано милје. На неа има издлабено дама, но таа е само кавер за нивните активности – следењето на движењето на агентот, правењето на план, а потоа и неговото убиство. Драмата се зголемува откако по нивниот ритуал на јадење сладолед во локалната слаткарница, тие ќе забележат дека нивната жртва секојдневно го менува патот на движење, и дека најверојатно и тој ден ќе извисат од замислената реализација. Од фантастичниот опис на групната психоза на дружината, потоа Солев повторно не’ префрла на индивидуалните размисли на Бранко, чија напнатост што од скопската жега, што од неслободата која ја живее во родниот град, се обидува да ја смири со студениот туш, а потоа и со посета на плажата на Вардар, каде безгрижно се капат неговите сограѓани. Описот на кратката љубовна авантура со непознатата Скопјанка во овој дел од книгата многу ме потсети на она што Благоја Иванов го опишува во своите раскази „Бегство“ (1957) и „Мала авантура“ (1960) создадени токму во тој период, како убав доказ за една слична, заедничка, слеана промисла кон животот на таа генерација на македонски повоени писатели.

Текстот на Солев е многу густ. Иако романот е краток, ви се чини како да има повеќе од двесте страници. Поради внатрешните промисли на главниот лик, минутите ви се чинат како часови, часовите како денови, а деновите како месеци, толку многу е густ текстот. И сите негови описи се на база на состојбите „вжештеност“ и „усвитеност“, како потенцирање на ситуацијата во која се наоѓа еден 17-годишен гимназијалец поставен пред историски предизвик. Да, лето е, сите се опуштени, но внатрешниот немир кај Бранко и пријателите се она што ги води напред, кон неизвесната иднина. Освен тоа, тинејџерските години си носат и свои недоумици и размисли во однос на генерациската зачмаеност и навиките на неговите родители, наспроти слободата која тој и не успеал вистински да ја вкуси, освен во безгрижните детски денови пред окупацијата. А токму таа, окупацијата на градот во војната, без непотребни додатни објаснувања на актуелната политичка ситуација, е толку суптилно провлечена низ книгата, што ја прави врвна уметничка проза.

Градацијата на дејствието во вториот дел се одвива со неколку епизодни приказни, низ прекрасни описи на Скопје опиено од разните мириси, особено од оние на багремите, што ме потсети на лајтмотивот со сеќавањето на детството низ миризмите на скопските багреми во романот „Земја на бегалци“ од Кица Колбе. „Можеби утре нема да се вратам дома, но молчам“, си мисли Бранко во ситуација во која односите со неговиот татко, сезнаен аналитичар на воената состојба кој седнат во фотелјата со весникот во рацете постојано го коментира и она што го знае и она што не го знае, не се баш сјајни. Затоа што тој има други интереси, сака да зборува на филозофски теми со соученикот Исак, Евреинот кој мора да носи лента со жолта петокрака, со кого шетаат само по мали, споредни улички за да не бидат забележани. И да, преку глава му е веќе од виењето на сирените и безглавото криење во градските скривници со сограѓаните. Одлуката е донесена, и на ропството мора да му се стави крај!

Користејќи го како препознатлива книжевна постапка навестувачкиот сон после кој Бранко целиот испотен решава да ја наводени градината, но и да се спушти крај реката размислувајќи за судниот ден, тој во еден момент, испровоциран од војниците-дезертери кои ја преминуваат водата, се прашува: „Што сум јас: удрен, изгубен или вљубен? Ништо не ми одговара ниту на мене ниту на вистината“. А таа, вистината, на почетокот од третиот, завршен дел, јасно вели дека можеби и нема повеќе да има утре. И додека оди кон местото на судбината, го следи циганска музика, која музичарите одеднаш ја претвораат во познат бугарски марш, додека на пијаните гости на свадбата им е сосема сеедно. „Сите глувци по тавани…“ се присетува Бранко на погрдната верзија на текстот од маршот, помислувајќи: „И нема умор за хуморот, како што нема помор за народот“.
Каква иронија!

За жал, крешендото повторно е одложено. Агентот повторно вешто ги избегнува, но тие се решени да го чекаат цело послепладне, додека повторно не излезе од дома да се прошета по скопските улици. Нивните скопски улици. И, тогаш заигрува детето во нив. Тие сепак се’ уште се голобради момчиња. Лидерот Благоја вади стаклени топчиња и тие почнуваат да играат џамлии, додека студениот метал на пиштолите во нивните џебови ги спречуваат да се наведнат и да стрелаат со нивните коњаци. Токму во таква немукает ситуација Бранко е на колена, а агентот излегува од куќата. Како во филмска сцена, описот на егзекуцијата е сосема успорен. Солев маестрално го доловува секој детаљ, секој поглед меѓу другарите пред нивниот настан на животот. „Волк, помислувам. И дури тогаш, кога тој посега по својот, станувам свесен дека пиштолот ми е изваден од џебот. Вилиците ми се стегнати, по сиот венец, од крај до крај, така што можам дури и да си претставам колку ми се згрчено тврди снопчестите мускули под ушите. Го дигам пиштолот до него, страшно успорено, и макар што овој предавнички ми се лизга во преклопената дланка која скоро мокро е испотена но веќе студена, се напнувам да му се насмевнам; искривено, знам, но сепак да му се насмевнам, в лице“.

И тогаш следи незаборавното финале. Додека бега од местото на атентатот, Бранко зад себе го слуша гласот на жртвата, кој повикува: „Мајко!“ Едноставно, не му се верува дека тој злосторник некогаш би рекол такво нешто, доколку не е долу склупчен на асфалтот. Бранко станува свесен за себе дури кога ќе се најде легнат во некоја бавча на периферијата од градот. Со усните ја бакнува земјата, таа нема вкус, туку мирис, мирис на леб од пекарниците во Скопје во раните мугри. Прекрасна метафора за слободата која би требало да е тука, на дофат, зад аголот.

„Во романот „Под усвитеност“ се подига превезот на една неколкудневна историја богата со психолошка пренапнатост, а читателите се сведоци на катарзична безсмерна радост од чинот на победата на правдата преку уништувањето макар на една алка од морничавата црна стварност. Очевидно сложената и тешка материја авторот ја предава не преку надворешна, само „гола“ фабуларна нарација, ами пред се’ презентирајќи згустен, внатрешно драматичен и богат психолошки пресек на протагонистите“, вели г-нот Спасов во поговорот кон книгата, а јас само би додал „во рангот на големите имиња од светската литература“.

Поради сево ова, сметам дека романот „Под усвитеност“ од Димитар Солев е вистинско ремек-дело во македонската книжевност!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *