Последен поздрав до Радован Павловски

Сметам дека е сосема човечки кога ќе замине некој на оној свет, да го испратиме со кажување на некоја анегдота поврзана со него.

Кога во 2012 година Жане ја доби наградата „Роман на годината“ за „Единаесет жени“, г-нот Радован Павловски беше единствениот од старата генерација македонски писатели кој дојде на штандот на „ИЛИ-ИЛИ“ на скопскиот Саем и ја побара книгата, зашто (парафразирам по сеќавање) „се појавил нов глас во нашата книжевност, и тој би сакал да види за што се работи, особено бидејќи во прашање е дебитантка“. По краток муабет, ја зема книгата и замина, но ги заборави очилата на штандот.

Истрчав да го побарам и да му ги вратам, но за чудо, не можев да го најдам, а се работеше за многу краток период. Како да потона в земја. Нејсе, ги земав очилата и ги однесов во книжарница, зашто знаев дека, каде и да е, ќе се појави пред дуќан. Радован откако сме на актуелнава локација (веќе 12 години) речиси секојдневно пиеше кафе во соседниот „Крин“ со пријателите, најчесто со Натали и Ангеле.

Но помина повеќе од еден месец, а Радован никако да помине. Конечно, еден ден го здогледав низ стаклото и излегов да му ги вратам очилата. Тој се насмевна и рече дека во меѓувреме морал да земе нови, но дека и овие понатаму би ги користел. Во знак на благодарност, рече дека ќе влезе во книжарница и ќе купи некоја книга.

Влеговме внатре, и го оставив да разгледа и да го повика некој наслов. Тој разгледуваше и бираше долго, можеби половина час, со повремено мумлање во брадата дека тоа што го земал в раце веќе го читал, и потоа го враќаше назад, на полицата. Го прашав дали му треба помош при изборот, но тој љубезно рече дека не му е потребна. На крајот, конечно, се сврте кон мене, и ме праша колку чинат перничињата ставени врз табуретката меѓу полиците. Јас мислев дека ме зафркава, но видов дека е сериозен. И јас сериозно му објаснив дека тие перничиња не се за продажба, туку дека ги користиме додека седиме надвор, пред дуќанот, доколку ни дојде некој пријател. Се насмеавме и обајцата, се поздравивме, уште еднаш ми заблагодари за зачуваните очила, и замина. Тогаш сфатив колку прашањето беше во негов стил – тој беше „принцот на метафората“, но јас во моментот не бев доволно умен за да сфатам дека тие перничиња се толку воздушести и меки како и неговите метафори кои ги користеше во безвременските песни.

Во следните години со Радован одвреме-навреме си велевме „добар ден“ од почит поради очилата, но и поради „метафоричните перници“ во дуќанот.

Вечна слава.

Младичот што спие на пладне

Звукот на смртта

те занесува да спиеш

о младичу

разбуди се

Имаш поле озвучено од билки и мотики

Утинското сонце е голема трпеза

на која орачите го кршат својот леб

Пладнето крие црни конци на ноќта

Ти под себе си закопал камење и месечина

Десет коњаници од заседа

Нежна билка ти ги врзува прстите за земја и не те пушта

сè додека не ѝ доделиш

замрачен бакнеж среде пладне

Од тревата се крева хор на мртвите љубовници

Разбуди се о младичу

Мојот брод граден од винова лоза

со засипнато грло е на море

Има час кога сè е мртво од сон

Има час кога се проучувам дали сум луд

Вечер е

и доаѓаат многу луѓе да те разбудат

Ти ја црташ картата на ѕвездите

и длабоко дишиш

Разбуди се о младичу

и раскажи ни ги соновите

па на убав коњ ќе одјавам до Железна Река

да нè освежи ветерот до водениците

Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер

и влегувам дома

о љубов

кажи со каков пијалак се служиш во сонот

што не се разбудуваш о младичу.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *